Спорт
Судири, казни, контроверзи и обвинувања – Хамилтон победи, Ферстапен казнет, следниот викенд финалето

Првото Саудиско ГП на патеката Џеда ќе биде запаметено како едно од најконтроверзните, најбизарните и најчудните во историјата на Формула 1, откако Луис Хамилтон забележа нова победа, Макс Ферстапен доби казна од 5 секунди, за пред последната трка од сезоната, двајцата возачи да патуваат во Абу Даби израмнети со по 369.5 поени.
Борбата која трае цела сезона, во Саудиска Арабија стана и „грда“ со јавно барање на казна од страна на двата тима, судири на патеката, и на крајот казна за Ферстапен, за израмнување на ситуацијата во генерален пласман.
По драматичните вчерашни квалификации, во кои Ферстапен имаше супер-брз последен круг, пред да се удри во ѕидот на тесната патека, Хамилтон и Ботас стартуваа од првиот ред, а зад нив беше Холанѓанецот.
Тој не успеа да направи некој потег за да ги помине, но по само десетина круга, Мик Шумахер во Хас излета од патеката и предизвика излегување на безбедносното возило. Од Мерцедес веднаш одлучија дека е вистинско време за промена на гумите, и влегоа во боксот, додека Ферстапен и Ред бул решија да останат на патеката. Но, наместо рестарт, трката беше прекината бидејќи не можеше да се поправи на време бариерата во која се удри Шуми Јуниор, со што Ферстапен доби предност да може „бесплатно“ да ги смени гумите и да стартува како прв.
Рестартот повторно донесе контроверзи. Од Ред бул се пожалија дека Хамилтон намерно стои далеку од Ферстапен да ги загрее гумите, и при рестартот, возачот на Мерцедес успеа да го помине Ферстапен, кој ја врати позицијата така што излезе надвор од патеката, а Естебан Окон се протна на второто место.
Но, тогаш повторно се случи хаос, кога Никита Мазепин се удри во Џорџ Расел, предизвикувајќи ново излегување на безбедносното возило и втор прекин на трката. Од ФИА, во обид да ја решат можната казна на Ферстапен за излегување од патеката, се договорија со Мерцедес и Ред бул, во рестартот Окон да биде прв, Хамилтон втор, а Ферстапен трет.
Вториот рестарт дефинитивно му припадна на Ферстапен, кој успеа фантастично да го помине Хамилтон и Окон, и да излезе како прв на патеката. Меѓутоа, Хамилтон не беше далеку и остануваше во една-две секунди до ривалот. Кога успеа да го стигне, Ферстапен одби да се предаде, и ја пресече патеката за да остане пред него.
LAP 38/50
MAX AND LEWIS COLLIDE!
Verstappen is instructed to give the place to Hamilton, but they make contact ?#SaudiArabianGP ?? #F1 pic.twitter.com/QnRaWoaYzP
— Formula 1 (@F1) December 5, 2021
Се веруваше дека Холанѓанецот ќе добие наредба да го пропушти Хамилтон, но кога тој се обиде да го направи тоа и подзастана на патеката, Хамилтон се удри во него. Потоа од ФИА одлучија дека Ферстапен ќе добие казна од 5 секунди на конечното време, по што возачот на Ред бул едноставно го пропушти Хамилтон, задоволувајќи се со второто место.
Валтери Ботас буквално во последните метри од трката успеа да го победи Естебан Окон во Алпине за третото место, за совршен ден за Мерцедес во Саудиска Арабија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
(Видео) Прв фудбалски натпревар со роботи во Кина

На теренот во Пекинг во саботата не настапија фудбалери од крв и месо, туку – роботи. Како што објави „Гардијан“, Кина беше домаќин на првиот целосно автономен натпревар во фудбал меѓу хуманоидни роботи управувани со вештачка интелигенција.
Четири универзитетски тимови ги програмираа и управуваа своите роботи со сопствени алгоритми. Иако хуманоидите сè уште се далеку од тоа да бидат конкуренција на играчи, напредокот е импресивен. Снимките од натпреварите покажуваат како роботите се мачат да ја погодат топката или да останат исправени, а неколкумина завршија дури и на носилка.
Извршниот директор на компанијата „Бустер Роботикс“, Ченг Хао, која ги обезбеди роботите, изјави дека спортските натпревари се идеална средина за тестирање на хуманоидна роботика. Најави и можни натпревари помеѓу луѓе и роботи во иднина, но нагласи дека најпрвин мора да се обезбеди целосна безбедност.
View this post on Instagram
„Во иднина, можеби ќе организираме фудбалски натпревари меѓу луѓе и роботи. Тоа значи дека мора да обезбедиме роботите да бидат сосема безбедни“, изјави Ченг.
Професорот Субраманијан Рамамурти од Универзитетот во Единбург, експерт за роботско учење, рече дека роботите се слични на оние кои настапуваат на „Робокап“ и оти нивниот развој оди во нагорна линија.
Во финалето, екипата на Универзитетот Цингхуа – THU Robotics, го победи тимот на Кинескиот Земјоделски Универзитет – Mountain Sea, со резултат 5–3. Победата беше прославена со ентузијазам, но и со почит кон противниците.
„THU беа одлични, но и Mountain Sea тимот нè изненади со многу иновации“, изјави еден од поддржувачите.
Иако роботите се уште паѓаат, се чини дека иднината на фудбалот можеби навистина ќе вклучува и вештачка интелигенција – не само како поддршка, туку и како активни играчи на теренот.
Спорт
Тами Ејбрахам се пресели од Рома во Бешикташ

Англискиот фудбалер Тами Ејбрахам (27) кариерата ќе ја продолжи во Бешикташ. Турскиот клуб и Рома договорија, Ејбрахам наредната сезона да настапува како позајмен играч.
Бешикташ, на Рома ќе и плати два милиони евра.
Турскиот клуб има опција да го купи Ејбрахам за 13 милиони евра на крајот од позајмицата.
Англискиот фудбалер ја помина минатата сезона како позајмен играч во Милан, каде што одигра 44 натпревари и постигна 10 гола, со седум асистенции.
Тој одигра 11 натпревари за Англија и постигна три гола.
Ејбрахам играше и за Челзи (ја освои Лигата на шампионите), Бристол, Свонси и Астон Вила.
Фото/ Beşiktaş JK
Спорт
Езе се договори со Арсенал, Асенсио кај Мурињо

Еберчи Езе постигна договор со Арсенал за личните услови, сега сè што останува е клубовите да постигнат договор.
Според англиските медиуми, челниците на Кристал Палас за одличниот офанзивен играч од средниот ред побарале 60 милиони фунти.
„Топџиите“ се согласиле да ја платата оваа сума и се очекува договорот да биде завршен најдоцна до утре.
Езе е еден од најзаслужните играчи за освојувањето на ФА Купот од страна на Кристал Палас. Минатата сезона одигра 43 натпревари, постигна 14 гола и забележа 11 асистенции.
Марко Асенсио постигна договор со Фенербахче околу платата. Турскиот вицешампион сака да го доведе на едногодишна позајмица, а потоа да го откупи договорот, додека челниците на ПСЖ сакаат да го продадат.
Шпанскиот репрезентативец доаѓа на инсистирање на Жозе Мурињо, со кого имаше можност да работи во Реал Мадрид.
Анесио одигра 13 натпревари за Астон Вила, каде што беше на позајмица во вториот дел од сезоната, постигна три гола и забележа исто толку асистенции.
Фото/ EPA-EFE/DANIEL HAMBURY