Спорт
Светот во шок по светскиот рекорд на Вархолм: Неверојатно, не сме свесни каква трка гледавме
Светот на атлетиката сѐ уште е во шок по неверојатната трка на 400 метри со пречки на Олимписките игри во Токио. Норвежанецот Карлстен Вархолм си го собори сопствениот светски рекорд.
Вархолм стана првиот човек во историјата што успеал 400 метри со пречки да истрача за помалку од 46 секунди.
Времето на новиот светски рекорд изнесува 45,94 секунди. Побрзо од претходниот рекорд на Вархолм трчаше и носителот на сребрениот медал, Американецот Раи Бенџамин, а за само две стотинки послабо време од стариот рекорд имаше третопласираниот Алисон дос Сантос (46,72 секунди).
„Не можам да верувам колку беше брзо. Често ме прашуваат за совршена трка. Реков дека таа не постои, но ова е најблиску до нешто такво“, рекол 25-годишнот Норвежанец.
„Кога зборувате за светските рекорди, овој рекорд е рамо до рамо со рекордот на Јусеин Болт и Флоренс Грифит Џојнер. Ова е еден од најневеројатните светски рекорди. Сигурен сум дека ќе ме надживее овој рекорд. Останувате без зборови при едно вакво остварување. Шокиран сум“, рекол поранешниот светски првак на 110 метри со пречки, Колин Џексон.
„Луѓе, мислам дека не сме свесни што гледавме“, коментирал Шенон Шарп, поранешен НФЛ-играч, кој сега работи како коментатор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Димитров го растури Алкараз во Мајами
Григор Димитров го победи Карлос Алкараз со 6:2, 6:4 во четвртфиналето на Мастерсот во Мајами. Ова беше петти меѓусебен дуел на Бугаринот и Шпанецот и втора победа по ред за Димитров.
„Направи да се чувствувам како да имам 13 години“ – го опиша Карлос Алкараз поразот од Бугаринот
„Не се сеќавам некој да ме натерал да се чувствувам вака. Вакво нешто одамна не ми се случило. Не знаев што да правам. Барав решенија, но тој не ми даде. Почувствував неверојатна фрустрација.“
А 32-годишниот Димитров навистина одигра перфектно. Мечот го заврши со 24 винери.
„Генијалноста е често во едноставноста. Знаев дека морам да бидам поагресивен, да ги водам поените. Против него е многу тешко да се направи тоа“ – објасни Бугаринот како го победи шампионот на Индијан Велс.
Можеше и побрзо да победи бидејќи водеше со 4:1 во вториот сет, но потоа Алкараз успеа да врати еден брејк, но не успеа да се врати во мечот.
Спорт
Тонали сега е на удар и на Англичаните поради обложувањето
Играчот од средниот ред на Њукасл, Сандро Тонали е под истрага од Фудбалската асоцијација (ФА) поради прекршување на правилата против обложување.
Италијанецот веќе отслужува 10-месечна суспензија од Италијанскиот фудбалски сојуз поради обложување за време на неговото играње за Милан.
Новите докази покажуваат дека Тонали се обложувал и кога дошол во Њукасл. Младиот 23-годишен играч го прекршил правилото дури 50 пати од 12 август до 12 октомври 2023 година.
На Тонали му е даден рок до 5 април да одговори на обвиненијата.
„Добивме потврда дека е покрената истрага. Клубот и Тонали целосно ќе соработуваат. Тоа е се што можеме да кажеме во моментов“, се вели во соопштението за медиумите на клубот.
Тонали пристигна во Њукасл минатиот јули во трансфер вреден 60 милиони фунти од Милан.
Спорт
Најдобриот судија во БиХ поради закани одби да им суди на Железничар и Сараево
Шампионатот на Босна и Херцеговина влегува во завршна фаза, а локалниот портал „Спортспорт“, пишува дека најдобриот судија, Ирфан Пељто одбил да им суди на клубовите кои доаѓаат од главниот град Железничар и Сараево) до крајот на сезоната.
Пељто тоа го направил поради наводните закани што ги добивал тој и неговото потесно семејство, кои ги пријавил во полиција. Најдобриот судија од БиХ за својата одлука го известил Судискиот комитет на Фудбалскиот сојуз на Босна и Херцеговина, кој ја прифатил неговата одлука.
Железничар и Сараево ќе одиграат неколку дерби натпревари до крајот на сезоната, но Пељто нема да суди на ниту еден од нив.
Тој требаше да биде главен судија викендов на дербито меѓу Железничар и Вележ, но главен судија на „Грбавица“ ќе биде Елведин Топузовиќ. .
Пељто гради завидна кариера на меѓународен план и често суди натпревари во Лигата на шампионите. Неодамна судеше на пријателскиот натпревар меѓу Словенија и Португалија, а претходно го судеше и натпреварот Лајпциг- Реал Мадрид.
Речиси е сигурно дека ќе суди на ЕП.