Спорт
„Таков играч не може да биде проблем“
Спортскиот директор на Јувентус, Кристијано Џунтоли проговори на актуелната тема во клубот, лошата форма во кој се наоѓа напаѓачот Душан Влаховиќ.
Пред неколку дена се појави информација дека Јувентус сака да му ја намали платата, кој Влаховиќ и неговиот менаџер го одбиле.
Поради сето ова се огласи директорот на „Старата дама“, убеден дека ќе се најде компромисно решение со српскиот играч.
„Што се однесува до иднината на Душан, тука нема проблем. Наскоро ќе седнеме и ќе најдеме решение. Играч како Влаховиќ никогаш не може да биде проблем. Целта е нов договор и ќе успееме. Тој е играч кој вреди многу и заработува многу, тоа е предност за нас“, изјави Џунтоли.
Јувентус не постигна гол на последните три натпревари во Серија А, па поради ова јавноста најмногу го критикува Влаховиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
„Хрватите ни приредија пекол, не апсеа бидејќи ја сакаме Македонија“
Фото/ facebook.com/rfmofficial
Македонија ја победи Гвинеја со 29:20 и се пласира во главната фаза на 29. Светско првенство во ракомет. Македонија во втората фаза носи еден бод, а во новоформираната група ќе игра против Австрија, Катар и Франција.
Сепак, вчерашниот натпревар во Вараждин го одбележа хаос на трибините. Веројатно поттикнати од случувањата по дуелот со Холандија и фрлањето на предмети на теренот, организаторите сериозно го сменија пристапот.
Македонските навивачи детално биле претресувани на влезот во салата, одземани им биле знамињата со Сонцето од Кутлеш.
Една од групите чии фанови беа уапсени за поседување знамето, на Инстаграм е со името Боем реши да ја објасни ситуацијата.
„Пирова победа против Гвинеја – еве ја вистината за апсењата на трибините
Последен ден од нашето патување во Вараждин. Играа Македонија – Гвинеја, лесен натпревар со однапред познат исход и очекувана лесна победа.
Хрватските полицајци и обезбедување од лесен натрепар направија вистински хорор. Заради носење знаме од Кутлеш НЀ АПСЕА и нѐ тераа да платиме глоба од 173 евра додавајќи образложение дека сме требало да платиме и по 600 евра ама дека ќе ни излезат во пресрет. Нѐ малтретираа, нѐ тераа да се потчиниме. Чудно е како на овој натпревар знамето од Кутлеш не само што не смееше на ограда, туку не смееше ниту во раце да се држи.
Тензијата се осеќаше во воздухот. Полицијата вечерва по секоја цена сакаше да апси. Имаше човек што е уапсен заради гестикулација кон холандски навивач случајно наоѓајќи се во арената. Друг беше уапсен заради тоа што внатре во арената МУ ДАЛЕ ДРЕГЕР да дува дали е пијан. Ниту вози, ниту ништо, туку гледа ракомет, а внатре се точи пиво. За иронијата да биде уште поголема и ако му пишувало и 0,0 промили алкохол пак приведувале.
Десетина души во кое спаѓа моето друштво како што се гледа и на видеата беа апсени заради носење на симболот од Кутлеш. Апсени затоа што си го сакаат своето, си ја сакаат Македонија. Затоа што знаеме дека резервна татковина немаме и наше е да ја бодриме каде и да игра, па да бидеме осми играч на секој меч.
Хрватите покажаа невидена ароганција. Уринираа на сѐ добро од минатите години и заедно со нивните браќа од ИХФ го понижија Македонецот.
Како и да е. Вечерва бевме понижени, финансиски казнети, малтретирани. И не ни е криво – ЌЕ СТРАДАМЕ, НО НЕ СЕ ПРЕДАВАМЕ!“
Спорт
Анелоти решил да замине во пензија ?
Легендарниот тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти наводно решил да го напушти „кралскиот клуб“ на крајот од оваа сезона, пренесуваат шпанските медиуми.
Според информациите на шпанското радио „Онда Серо“, Анчелоти одлучил да се пензионира иако неговиот договор е до јуни 2026 година.
Анчелоти остави длабока трага за време на неговите две мандати во Реал Мадрид.
Првиот мандат му беше крунисан со титулата во Лигата на шампионите во 2014 година, додека по враќањето во 2021 година успеа да освои уште две титули во елитното европско натпреварување, во 2022 и 2024 година.
Покрај тоа, тој освои две титули во Ла Лига, Копа дел Реј и Светското клупско првенство со тимот.
Оваа одлука го наметнува прашањето кој ќе го наследи искусниот Италијанец на клупата на Реал.
Главен фаворит е поранешниот играч на Реал Мадрид и актуелен тренер на Баер Леверкузен, Чаби Алонсо.
Спорт
Започна ерата на Хамилтон во Ферари
Луис Хамилтон е нов возач на Ферари од 1 јануари, а Британецот за прв пат, претпалднево се појави на новото работно место.
Седумкратниот светски шампион во Формула 1 го најави своето доаѓање во Маранело како почеток на нова ера.
„Има неколку денови кои знаете дека ќе ги паметите засекогаш, а денес, мојот прв како возач на Ферари, е еден од тие денови. Имав доволно среќа да постигнам работи во мојата кариера за кои никогаш не мислев дека се можни, но дел од мене отсекогаш сонуваше да се тркам во црвениот болид. Не можам да бидам посреќен што го остварив тој сон денес. Денес започнуваме нова ера во историјата на овој легендарен тим и едвај чекам да видиме каква приказна ќе пишуваме заедно“, напиша Хамилтон на Инстаграм.
Британецот ќе го помине својот прв ден во Маранело запознавајќи се со клучните луѓе, фабриката и тимот, а болидот за 2025 година ќе го тестира на симулатор. До крајот на неделата, Хамилтон ќе тестира на патеката, но првиот црвен болид што ќе го вози ќе биде моделот од 2023 година.
Тоа е последниот модел што на Хамилтон му е дозволено да вози според ограничувањата за тестирање во Ф1.
Хамилтон очекува нешто сосема ново во кариерата бидејќи за прв пат по 18 години во Ф1 ќе вози болид кој не се придвижува од мотор на Мерцедес.
Ферари ќе го претстави болидот од 2025 година на 19 февруари, една недела пред почетокот на официјалното тестирање во Бахреин (26-28 февруари).
Новата сезона во Формула 1 започнува во Австралија на 16. март.