Спорт
Таткото на Ламин Јамал избоден со нож
Шпанските медиуми јавуваат дека вечерва бил избоден со нож Мунир Насрауи (32), татко на Ламин Јамал (17), ѕвездата на Барселона и освојувач Европско првенство со Шпанија.
Насрауи бил избоден со нож на паркинг во шпанскиот град Матаро.
Тој е префрлен во болницата „Кан Рути“ во Бадалона. Според шпанските медиуми повредите биле тешки но неговиот живот не е загрозен.
Полицијата го презела случајот и успеала да лоцира неколку сведоци на инцидентот. Засега се шпекулира дека Насрауи бил вмешан во тепачка.
Полицијата се сомнева дека нападот е резултат на претходна тепачка, во која од засега непознати причини би можел да биде вмешан таткото на младиот фудбалер на Барселона.
Таткото на Јамал, Мунир, е од Мароко, а неговата мајка е од Екваторијална Гвинеја.
Играјќи за Шпанија, Ламине Јамал носи фудбалски копачки со знамињата на африканските земји и истакнува дека е горд на своето потекло.
Јамал моментално е еден од најдобрите фудбалери во светот и според „Трансфермаркт“ вреди 120 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Тоти: Де Роси може да ја доживее судбината на Мурињо
Легендарниот фудбалер на Рома, Франческо Тоти, смета дека тренерот, Даниеле де Роси е во опасност да ја загуби работата доколку клубот не влезе во Лигата на шампионите.
„Со оглед на лудите инвестиции ова лето, мора да се пласираат во Лигата на шампионите. Ако вложите 100 милиони евра и не одите во ЛШ, тоа е целосен колапс“, рече Тоти и додаде:
„Ако не се борат за Лигата на шампионите, Де Роси ќе си замине предвреме, нема да биде тука на краот од сезоната.“
Тоти и Де Роси се пријатели и поранешни соиграчи во Рома, но…
„Пред се, Даниеле треба да ги натера да го почитуваат. Мора да разговара со стручниот штаб и блиските луѓе, оние кои можат да му помогнат и да го натераат да ги разбере неговите грешки. Данијеле има силна група играчи и се надевам дека ќе успее, бидејќи одлично ја познава околината“.
На прашањето дали Де Роси може да заврши како Жозе Мурињо, Тоти одговори:
„Се разбира, и покрај тоа што тој е единствениот кој може да биде тренер на Рома во моментов. Се враќаме на истото – ако силен клуб е јасен за своите цели, се е во ред, бидејќи навивачите знаат се. Меѓутоа, ако работите не одат добро, целата вина ќе биде на Даниеле. Токму тоа му се случи на Мурињо. Застана пред проектот, но никој не му помогна и не разговараше со него. Ако не донесеш резултати, стануваш жртвено јагне“, заклучува Тоти.
Рома од првите три кола освои само два бода, а во недела гостува кај Џенова.
Спорт
Баерн му нуди нов договор на Мусијала
Џамал Мусијала е еден од најмладите и најважните играчи на Баерн Минхен. Неговиот договор со клубот истекува во јуни 2026 година. Интерес за Мусијала има кај неколку елитни клубови, а медиумите тврдат дека наредното лето неговиот потпис ќе се обиде да го обезбеди Манчестер сити.
Исплашени од интересот на Пеп Гвардиола, челниците на клубот ги започнале преговорите со неговиот менаџер околу новиот договор.
Баерн е подготвен да му понуди значително зголемување на платата, но и разни бонуси поврзани со она што ќе го оствари на теренот.
Наводно, Манчестер сити биле подготвени да платат околу 150 милиони евра за неговиот трансфер.
Спорт
ФА покрена постапка против Бентакур – Уругваецот се соочува со суспнезија на 12 натпревари
Фудбалската асоцијација на Англија (ФА), покрена дисциплинска постапка против играчот од средниот ред на Тотенхем, Родриго Бентанкур за расна навреда упатена кон соиграчот Сон Хеунг-мин.
Во интервју за уругвајската телевизија „Канал 10“, водителот го прашал уругвајскиот репрезентативец за дресот на играчот на Тотенхем, на што тој одговорил: „На Сони? Може да е братучед на Сони, сите изгледаат исто“, пренесува „Би-би-си“.
Бентанкур подоцна се извини на „Инстаграм“ и рече дека неговите коментари се „многу лоша шега“. ФА соопшти дека 27-годишниот уругвајски репрезентативец „е обвинет за наводно прекршување на Правилото Е3 на ФА за недолично однесување во врска со интервју за медиумите“.
ФА рече дека изјавата претставува „сериозно прекршување бидејќи вклучува повикување, или експлицитно или имплицитно, на националноста и/или расата и/или етничкото потекло“.
Што се однесува до должината на забраната, правилата на ФА велат дека Бентакур може да добие суспензија од шест до 12 натпревар.
„Би-би-си“, додава дека Бентанкур има рок до четврток, 19 септември да одговори на обвинението.
Во исто време, добротворната организација за борба против дискриминацијата Kick it Out рече дека добила „значителен број“ поплаки за расните навреди на Бентанкур, што го истакна „поширокиот проблем што силно ги погодува источните азиски и пошироките заедници“.
„Разговарав со Лоло“, рече Сон во јуни. „Направи грешка, го знае тоа и се извини. Лоло никогаш намерно не би кажал нешто навредливо. Ние сме браќа и ништо не се смени. Поминавме низ ова, обединети сме и ќе се вратиме заедно во претсезоната за да се бориме за нашиот клуб“, рече Сон.