Спорт
Тешки обвинувања против Барса: Лаги и измами, имаат најголем долг во историјата на спортот
Кандидатот за претседател на Барселона, Ксавиер Вилахоана, го обвини актуелното раководство на чело со Џоан Лапорта дека лаже за финансиската состојба на клубот, повикувајќи на целосна транспарентност во врска со заминувањето на Лионел Меси во 2021 година.
Според нов независен извештај, нарачан од самиот Вилахоана, долгот на каталонскиот гигант пораснал на рекордни 4,12 милијарди евра, што фрла сомнеж врз приказните за економско закрепнување и го доведува во прашање дали заминувањето на Меси било навистина чисто финансиски мотивирано, пишува „Goal.com“.
Темелите на претседателствувањето на Лапорта повторно беа потресени по објавувањето на извештајот насловен како „Економски рендген на ФК Барселона (2005-2025)“.
Деталната, независна анализа презентирана во Барселона е нарачана од Вилахоана, поранешен директор на клубот и веројатен противник на претстојните избори. Студијата ја открива загрижувачката финансиска траекторија на клубот, наведувајќи дека вкупниот долг достигнал 4,12 милијарди евра – највисок во историјата на европскиот фудбал и зголемување од дури 293% од 2021 година.
Овие податоци директно се спротивставуваат на наративот на Лапорта дека неговата администрација го „спасила“ клубот од економски колапс. Во извештајот се наведува дека дури и кога ќе се исклучи проектот „Еспаи Барса“ од 2,82 милијарди евра, оперативните и финансиските долгови сè уште надминуваат 1,3 милијарди евра, што е повеќе отколку што Лапорта наследил од администрацијата на Жозеп Марија Бартомеу.
Особено загрижува тврдењето дека клубот искористил 929 милиони евра од продажба на средства (ТВ права, студија на Барса, ВИП седишта) за финансирање на тековните операции наместо долгорочно закрепнување, што Виљахоана го нарекува „заведувачка и неодржлива“ стратегија.
За време на презентацијата на извештајот, Вилахоана остро го критикуваше начинот на кој администрацијата на Лапорта управува со финансиите и транспарентноста. Тој ја обвини администрацијата дека ја прикрива вистинската ситуација.
„Во овие четири години, Лапорта продаде речиси 900 милиони евра наследен имот. Без тоа наследство, акумулираните загуби веќе би надминале една милијарда евра, што е износ еквивалентен на вкупната вредност на сегашниот прв тим“, истакна Вилахоана.
Тој додаде дека податоците откриваат многу поделикатна ситуација од онаа што претседателот јавно ја прикажува.
„Студијата открива практики на сметководствена манипулација со цел да се претстави закрепнување што не одговара на финансиската реалност на клубот.
Вкупно, повеќе од 380 милиони евра би биле вклучени во сметките без реална основа, менувајќи ја перцепцијата за долгот и резултатите.
„Овие операции не го намалуваат вистинскиот долг; тие само го кријат. Преправањето дека бројките се избалансирани не го спасува клубот, туку го лаже клубот.“
Едно од најгласните тврдења од извештајот е дека заминувањето на Лионел Меси можеби не било само од финансиска природа. Поранешниот директор го повика Лапорта „конечно да ја каже вистината“ за причините за отпуштање на аргентинската легенда.
„Заминувањето на Меси се темелеше на финансиски причини. Се велеше дека клубот не може да си го дозволи најдобриот играч на светот. Ако причината беше финансиска, сега не ја гледам никаде“, рече Вилахоана.
„Нека Лапорта ни ја каже вистинската причина зошто Меси замина“.
Вилахоана, исто така, предупреди дека се намалуваат инвестициите во Ла Масија, познатата фудбалска академија.
„Лапорта живее од успехот на Ла Масија, а воедно ги намалува инвестициите. Од почетокот на неговиот мандат, тој ги намали инвестициите во Ла Масија од 40 милиони евра на 25 милиони евра. Ако треба да научиме нешто од оваа економска катастрофа, тоа е дека Ла Масија е најдобриот капитал на Барса“, заклучи тој.
Иако извештајот носи катастрофални податоци, пораката на Вилахоана е насочена кон обнова на клубот. Тој најави дека официјално ќе го претстави својот изборен проект на 27 ноември, нудејќи визија заснована на транспарентност, одговорност и развој на млади играчи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Упамекано го продолжи договорот со Баерн
Дајо Упамекано го продолжи договорот со Баерн Минхен до 30 јуни 2030 година, објави германскиот клуб.
Упамекано (27) пристигна во Минхен во сезоната 2021/22 од Лајпциг, а со Баерн досега освои три титули во Бундеслигата и три германски Суперкупа. Во дресот на баварскиот клуб одигра 180 натпреварувачки натпревари, постигна шест гола и запиша девет асистенции.
Генералниот менаџер на Баерн, Јан-Кристијан Дрезден, истакна дека Упамекано израснал во врвен играч во Минхен, додека членот на спортската администрација Макс Еберл нагласи дека францускиот стопер е еден од главните столбови на тимот и пример за развој на играчите во клубот.
Самиот фудбалер рече дека е среќен поради продолжувањето на соработката и дека има големи цели со тимот, со желба да освои повеќе трофеи.
Упамекано одигра 35 настапи и постигна два гола за француската репрезентација, ја освои Лигата на нации во 2021 година и беше дел од тимот што го играше финалето на Светското првенство во 2022 година против Аргентина.
Foto/ depositphotos
Спорт
Јада 83-ти, Клабо го освои осмото олимписко злато во кариерата
Македонскиот репрезентаивец, Ставре Јада, го заврши своето учество на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина во петокот. Јада го освои освои 83-то место во трката крос-кантри на 10 километри.
Во трката учествуваа 113 натпреварувачи, Јада ја помина целта како 83-ти, со време од 25:286,9, за 4:52,7 зад олимпискиот шампион. Ставре Јада претходно го освои 88-мо место во трката со спринт.
Златниот медал го освои кралот на овие Игри, Јоханес Хесфолт Клабо. Норвежанецот ја заврши трката за 20:36,02. Ова е негово трето злато на Игрите во Милано и Кортина, а негов осми златен медал – десетти вкупно, бидејќи Клабо има едно сребро и една бронза.
На Клабо му недостига само уште едно злато за да стане најуспешниот олимпиец во крос-кантри. Осум златни медали, и вкупно 12 олимписки медали во кариерата, освои Бјорн Дели.
Сребрениот медал му припадна на Матјас Делож, кој беше фантастичен, францускиот ас ја заврши трката 4,9 секунди зад Клабо. За дваесет и тригодишниот Французин, ова е прв олимписки медал.
Бронзата оди во Норвешка, кај Ејнар Хедегерт, кој имаше задоцнување од 14 секунди. И за него ова е првиот олимписки медал во неговата кариера.
Foto/ EPA
Спорт
Хирург за Вон: Фрактурата не е санирана, приоритет е да се спаси ногата
Американската скијачка легенда Линдзи Вон доживеа тежок пад во спустот на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина, а според француските експерти, примарната цел сега е да се спаси нејзината нога.
Четириесет и едногодишната Вон доживеа комплексна фрактура на тибијата за време на последната трка во Кортина.
По падот, можеше да се чуе како вреска од болка, а потоа беше евакуирана од патеката прво на носилка, а потоа и со хеликоптер.
Специјалистот за колено од Лион, д-р Бертран Сонери-Кот, за „RMC Sport“, изјави дека ваквите повреди се исклучително сериозни и во некои случаи можат да завршат со ампутација.
„Времето за закрепнување е непредвидливо. Ќе поминат месеци пред повторно да може нормално да оди. Нејзината прва цел сега е да ја задржи ногата и повторно да стои на неа. Враќањето на врвното скијање во моментов не е тема на разговор. Некои повреди како оваа можат да завршат со ампутација“, предупреди францускиот доктор.
Тој додаде дека фотографиите објавени од Вон на Инстаграм покажуваат дека и покрај успешните операции, поставен е надворешен фиксатор, метална структура што ја стабилизира коската, што значи дека фрактурата сè уште не е целосно санирана.

„Повредата е исклучително сериозна, ќе предизвика проблеми со месеци, а можни се и доживотни последици“, истакна Сонери-Кот, додавајќи дека ваквите повреди почесто се забележуваат во сообраќајни несреќи, особено кај мотоциклистите.
Слично мислење изрази и друг француски хирург, Николас Бодрие, кој за весникот „Лекип“ изјави дека станува збор за сериозна, можеби повеќекратна фрактура со можно оштетување на кожата, нервите и мускулите.
Според него, дури и на помлада личност би ѝ требало околу една година за целосно да се опорави.
Вон, пак, откри дека веќе имала три операции и рече дека не жали што се вратила на патеката, и покрај тоа што го скинала предниот вкрстен лигамент (ACL) само неколку дена пред трката, за што тврди дека не е поврзано со падот.
Foto/ depositphotos

