Спорт
(Видео) „Тим Џејлен“ славеше во натпреварот „Ѕвезди во подем“
Изминатата ноќа во Индијанаполис почна традиционалниот Ол-стар викенд. За прв пат по 39 години, Индијанаполис е центарот каде се собираат актуелните најголеми ѕвезди на НБА кошарката. Викендот го отврија натпреварите на „Ѕвезда во подем“.
Натпреварот започна со натпревари на четири тима, тренери беа Џејлен Роуз, Детлеф Шремф, Пау Гасол и Тамика Кечингс.
На стартот се случи првото изненадување, Виктор Вембањама, кој настапуваше за тимот на Пау Гасол, беше елиминиран во полуфиналниот меч во кој „Тим Детлеф“ победи со 41:36.
Претходно во првото полуфинале „Тим Џејлен“ го совлада „Тим Тамика“ со 40:35.
Победник на овој мал турнир на екипите на „Ѕвезда во подем“ е екипата на „Тим Џејлен“, која во финалниот натпревар го совлада „Тим Детлеф“ со 26:13.
Жирито одлучи дека најдобар млад играч на турнирот е кошаркарот на Индијана Пејсерс, Бенедикт Мадерин.
Тој во полуфиналето (18/40) постигна речиси половина од поените на својот тим.
Пропозициите на натпреварувањето беа дека во полуфиналето натпреварите ќе се играат до 40 , а финалето до 25 бодови.
Ова беше само увертира за Ол-стар викендот.
Следната вечер на дневен ред се уште три настани. Првиот е натпревар во вештини на кој ќе учествуваат Тајрис Халибартон, Бенедикт Мадерин, Паоло Банкеро, Мајлс Тарнер, Ентони Едвардс, Виктор Вембањама, Треј Јанг, Тајрис Макси и Скоти Барнс.
Следува шутирањето тројки, а таму ќе ги видиме специјалистите како Малик Бисли, Џејлен Брансон, Тајрис Халибартон, Демијан Лилард, Лаури Марканен, Треј Јанг, Донован Мичел и Карл-Ентони Таунс.
Програмата ќе ја затворат натпреварот во забивање и пресметката за три поени помеѓу Стеф Кари и Сабрина Јонеску, најдобрите шутери во НБА и ВНБА.
Кога станува збор за натпреварот во забивање, публиката ќе ги види Џејлен Браун, Хаиме Хакез, Мек МекКланг и Џејкоб Топин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Ѓоковиќ: Разни „стручњаци“ ме испратија во пензија, им благодарам на тоа
Новак Ѓоковиќ, в недела ќе се бори за 11-та титула на Австралија Опен. Десеткратниот шампион во Мелбурн, во полуфиналето, во спектакуларен меч го победи бранителот на трофејот, Јаник Синер со 3:2 (3:6, 6:3, 4:6, 6:4, 6:4) за четири часа и девет минути игра.
„Никогаш не престанав да верувам во себе. Многу луѓе се сомневаа во мене. Гледам дека одеднаш се појавија многу „стручњаци“ кои сакаа да ме пензионираат или веќе го направија тоа неколку пати во последните години“, рече Ѓоковиќ и додаде:
„Сакам да им се заблагодарам затоа што ми дадоа сила и мотивација да им го докажам спротивното. Ова не е изненадување за мене. Знам на што сум способен“, рече Ѓоковиќ.
Неговиот настап прптив Синер, особено беше импресивен во петтиот сет, кога спаси осум брејк топки. Во текот на мечот Ѓоковиќ спаси 16 од 18-те топки за брејк.
Противник во финалето в недела ќе му биде Карлос Алкараз.
Foto/ depositphotos
Спорт
Заврши сезоната за Џек Грилиш
Џек Грилиш, еден од најдобрите играчи на Евертон ја заврши сезоната.
Како што стојат работите, Грилиш ќе мора да се подложи на операција поради фрактура на стапалото. Со ова паднаа во вода сите надежи дека би можел да добие повик од Томас Тухел за настап на Светското првенство.
Менаџерот на Евертон, Дејвид Мојес, ја потврди веста.
„Веруваме дека на Џек му треба операција. Иако сè уште не е 100 проценти потврдено, повредата веројатно ќе го држи надвор од терените до крајот на сезоната“, рече Мојес.
Откако пристигна на позајмица во Евертон, Грилиш повторно почна да игра како во времето кога беше играч на Астон Вила. Сезонава дресот на Евертон го носи како позајмен играч од Манчестер Сити.
Foto/ depositphotos
Спорт
Данска ќе се бори за европската титула
Данската ракометна репрезентација ќе игра во финалето на Европското првенство против Германија, откако во второто полуфинале во Хернинг го победи Исланд со 31:28 (14:14).
Данците, в недела ќе се борат за третото европско злато, исто како и Германците.
Данска последен пат беше европски шампион во 2012 година во Белград, оттогаш двапати беше во финалето и двапати загуби од Франција (2014 и 2024).
Тимот предводен од Николај Јакобсен од клупата ги освои последните четири светски првенства и е актуелен олимписки шампион.
Во натпреварот против Исланд, Данците го скршија отпорот на својот ривал во второто полувреме, откако првиот дел беше израмнет.
Најдобар стрелец во победничкиот тим беше незапирливиот Матијас Гидсел, најдобриот ракометар во светот, со седум гола од исто толку обиди.
Веднаш зад него по ефикасност беше Јохан Хансен со шест гола (седум шута), додека Симон Питлик постигна пет.
Во поразениот тим, Јанус Даги Смарасон и Ори Фрајр Поркесон беа најдобри со по седум гола. Омар Инги Магнусон постигна шест.
Финалето ќе се одигра во недела од 18 часот, претходно во 15.15 часот ќе се одигра натпреварот за третото место.
Foto/ EPA

