Спорт
Трагедија во БиХ: Капитен и тренер на „Слога“ загинаа во сообраќајна несреќа, со возило паднаа во река

Играч и еден од тренерите на фудбалскиот клуб „Слога“ од Босна и Херцеговина загинаа во тешка сообраќајна несреќа доцна синоќа, а повредени се уште тројца фудбалери, потврдија од клубот.
На официјалната Фејсбук страница на „Слога“ објавија дека капитенот на клубот Неџад Мујагиќ и помошниот тренер Аднан Фајиќ загинале во сообраќајна несреќа што се случила во Босанска Отока.
Констатирано е дека уште тројца фудбалери кои учествувале во несреќата се надвор од животна опасност.
Според достапните информации, сите петмина биле во автомобил кој излетал од коловозот во надојдената река Уна. Мујагиќ и Фајиќ се удавиле, а тројцата нивни сопатници успеале да испливаат од автомобилот и да се спасат.
„Слога“ е клуб кој оваа сезона се натпреварува во втората лига на Федерацијата Босна и Херцеговина и моментално ја зазема петтата позиција меѓу 16-те екипи кои учествуваат во тоа натпреварување.
„Слога“ е познат како еден од најстарите фудбалски клубови во БиХ бидејќи е основан во 1922 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
И Мото ГП сега има Куќа на славните

Мото ГП шампионатот и досега имаше посебно место за своите легенди, а од четврток има и официјална Куќа на славните, која беше откриена во пресрет на Големата награда на Сан Марино во Римини оваа недела.
На посебен настан во Римини, се собраа најголемите ѕвезди на мотоциклизмот кои повеќе не се активни, а кои меѓусебно имаат 23 титули и повеќе од 300 победи. Легендите кои повеќе не се со нас: Умберто Масети, Џеф Дјук, Џон Сартис, Мајк Хејлвуд, Фил Рид и Бери Шин, први беа примени во Куќата на славните.
Присутните ги предводеше најтрофејниот возач во историјата – Џакомо Агостини, кој во текот на својата кариера освои неверојатни 15 титули и забележа рекордни 122 победи.
По него следеа Кени Робертс, Фреди Спенсер, Еди Лосон, Вејн Рејни, Мик Дуан, Кејси Стонер, Дани Педроса и човекот кој е најзаслужен за најголемата популарност на Мото ГП шампионатот, Валентино Роси.
Сите тие добија медали во чест на влегувањето во Куќата на славните, но и плакети што одат во Кулата на шампионите, која му се доделува на шампионот од кралската класа.
Кулата на шампионите, патем, претрпе измени во однос на оригиналната верзија, во согласност со новиот идентитет на најспектакуларниот спорт во светот, како што го промовираат оние што го водат.
Секако, првиот сопственик на новиот трофеј ќе биде Марк Маркез, кој не може да ја обезбеди титулата овој викенд, но ќе ја има својата прва шанса за две недели, во Јапонија.
Вниманието сега е насочено кон самата патека, бидејќи акцијата за Големата награда на Сан Марино и Римини започна во Мизано и продолжува до недела.
Foto/ motogp.com
Спорт
ФИФА пресуди – Лапорт се враќа дома

Францускиот Баск, Ајмерик Лапорт се врати во Атлетик Билбао.
Лапорт успеа во намерата да се врати на „Сан Мамес“, каде што помина шест години, пред да замине во Манчестер сити во 2018 година.
Трансферот на искусниот стопер од Ал Наср во Атлетик прво не успеа, бидејќи Саудијците доцнеа со поднесувањето на документите, но по жалбата на 31-годишникот, неговото заминување од Арабија беше овозможено од ФИФА.
Лапорт официјално објави дека се враќа во Баскија и предизвика возбуда кај навивачите на клубот од „Сан Мамес“.
Во кариерата репрезентативецот на Шпанија има одиграно 222 натпревари за Атлетик.
Спорт
Јамал: Спиевме во кујната, штом заработив пари, ѝ реков на мајка ми да избере нова куќа

Ламин Јамал, најдобриот играч на Барселона, ја „отвори душата“ во подкастот на Хозе Рамон де ла Морено. Младиот ас зборуваше за својата мајка, образованието, но и за својот прв тренинг со каталонскиот сениорски тим.
Секако, прашањето за роденденската прослава беше неизбежно. Да потсетиме дека Ламин Јамал организираше контроверзна забава по повод неговиот 18-ти роденден, што предизвика гнев во јавноста и потенцијални тужби поради ангажирањето џуџиња како келнери. Забавата беше тајна, без мобилни телефони, а еден од гостите изјави дека се бараат русокоси со специфичен изглед, со понуда за пари за доаѓање.
„Не се налутив поради она што беше напишано. Ми беше смешно. Се обидоа да го оцрнат моето име на многу начини. Една жена тврдеше дека сум одбирал девојки на еден или друг начин, а сè беше лага. Потоа и приказната со келнерите. Вистината е сосема поинаква“, рече Ламин Јамал. Потоа младиот ас се осврна на куќата што ја купил за својата мајка.
„Ја прашав за областа и ѝ реков да избере која сака. Сега гледам насмевка на лицето на мајка ми. Порано живеевме во стан каде што кујната и спалната соба беа на исто место. Сега ја гледам мајка ми среќна. Тоа што мојот брат може да го има детство што го сакав ме прави најсреќен. Татко ми е во мир во својот дом, мајка ми може да има сè што сака. Таа е мојата кралица, ја сакам најмногу, таа е буквално сè што едно дете може да посака.“
Јамал признава дека не бил добар ученик и дека дека отсекогаш повеќе го интересирал фудбалот.
„Не жалам за ништо. Дали би сакал да имам високо образование? Би сакал, но не бев создаден за тоа.“
Оваа година, многу се зборува за Златната топка. Многумина веќе го гледаат Јамал со истото во рака, додека други се за тоа Дембеле да ја добие.
„Не сонувам да имам една Златна топка, туку да имам многу. Тоа им го кажувам на моите пријатели. Имам способност да го направам тоа и ако не успеам, тоа ќе биде затоа што не сум ги направил работите како што треба“.
Потоа се присети на своето доаѓање во првиот тим.
„За време на тренингот со младите, тренерот ми рече дека ќе имаме тренинг со првиот тим. Одигравме натпревар со нив и постигнав два гола. Братот на Чави ме праша како е можно да не играм во првиот тим, но ме советуваше и да бидам смирен. Кратко потоа, бев повикан во сениорската екипа. Бев во тимот еден натпревар, но не играв, во следниот дебитирав против Бетис“.