Спорт
УФЦ има нов првак: Переира го урна Адесања
Алекс Переира стана нов УФЦ шампион во средина категорија откако во последната рунда од борбата го победи бранителот на титулата Израел Адесања.
Во првите четири рунди Адесања доминираше и имаше голема предност кај судиите, а на Переира, кому ова му беше само четврта борба во УФЦ, му требаше нокаут во последната рунда за титулата.
Бразилецот сериозно го раздрма Адесања со лево кроше, а потоа со серија удари го принуди судијата Марк Годар да ја прекине борбата. Ова беше нивна трета борба во светот на боречките вештини и трета победа на Переира, а првите две беа во кик-бокс.
Ова е седма победа во осум ММА борби за Переира, кој според обложувалниците беше аутсајдер. Адесања го претрпе вториот пораз (23-2), а прв во средна категорија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Филмско бегство на затвореници во Шпанија за време на мечот Барселона – Атлетико, се спуштиле со врзани чаршафи
Двајца затвореници побегнаа од затворот во Пикасент, 15 километри од Валенсија, во саботата навечер, искористувајќи ја еуфоријата предизвикана од гледањето фудбалски натпревар помеѓу Барселона и Атлетико Мадрид на телевизија.
Затворениците избегале по ноќното пребројување, кое се случува околу 21 часот, што се совпадна со почетокот на дербито од шпанската лига меѓу Барселона и Атлетико.
Затворениците ја искористиле вревата и метежот предизвикан од натпреварот, објави денеска шпанскиот јавен сервис ТВЕ, повикувајќи се на неименувани извори од затворот.
Двајца затвореници ги скршиле решетките од својата ќелија, се спуштиле со врзани чаршафи и избегале од затворскиот комплекс.
Затворскиот синдикат изјави за новинската агенција ЕФЕ дека бегството на двајцата е резултат на пропуст на безбедносниот систем во затворот во Валенсија, еден од најстарите во Шпанија. Синдикатот повика на ангажирање на дополнителни чувари.
Затворската служба отворила истрага, а полицијата трага по бегалците, чиј идентитет не е соопштен, ниту зошто издржувале затворска казна.
Фудбалот е најпопуларниот спорт во Шпанија. Во саботата Атлетико го презеде првото место на првенствената табела од Барселона со победа од 2-1.
Спорт
Новиот претседател на ФС на Шпанија јавно призна дека е навивач на Реал
Новиот претседател на Фудбалскиот сојуз на Шпанија, Рафаел Лусан, призна дека е навивач на Реал Мадрид.
Лусан беше избран за нов претседател минатата недела, а една од првите обврски му беше патувањето во Доха, да го гледа натпреварот помеѓу Реал Мадрид и Пачука во финалето на Интерконтиненталниот куп.
Шпанскиот весник „Спорт“ ја пренесе изјавата на Лусан од Доха во која тој изразил воодушевување од претседателот на Реал, Флорентино Перез.
„Ќе се обидам да се сретнам со претседателот Флорентино во Доха и во исто време да му се ставам целосно на располагање. Го познавам долги години, му се восхитувам на способноста и начинот на кој го води клубот, сите ние што навиваме за Реал Мадрид сме многу задоволни од тоа како раководи со овој голем клуб“, изјави Лусан.
Тој додаде дека фудбалскиот клуб Реал Мадрид е „најдобриот амбасадор на Шпанија во светот“.
Лусан доби четиригодишен мандат, но го чека исходот од претстојниот судски спор.
Тој може да се соочи со седумгодишна суспензија од сите позиции во шпанскиот фудбал, поради обвинувања за измама додека беше член на Советот на Понтеведра.
Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, исто така е навивач на Реал Мадрид, но во последно време често влегува во расправии со челниците на клубот.
Ќе биде интересно да се слушнат реакциите од Барселона, најголемиот ривал на Реал, кој постојано е во конфликт со челниците на Ла Лига поради судиите за кои се вели дека го „туркаат“ мадридскиот тим.
Спорт
Барса во јануари сака да го продаде Де Јонг
Пукна љубовта меѓу Барселона и холандскиот репрезентативец, Френки Де Јонг. Како што објави шпанскиот весник „Релево“, Де Јонг би можел да го напушти клубот во зимскиот преоден рок.
Според овој извор, клубот веќе нема трпение за Де Јонг, кој го пропушти почетокот на сезоната поради повреда.
Де Јонг се врати, сепак, по повредата воглавно играше од клупата, а на претходните два меча не ни влезе во игра.
И минатото лето долго се расправаше дали Холанѓанецот ќе ја напушти Барселона. Тоа не се случи тогаш, но по се изгледа ќе се случи сега.
Де Јонг не е задоволен од минутажата што ја добива, а од друга страна, Барса има многу млади играчи во средниот ред на кои може да се потпре.
Холанѓанецот е во каталонскиот клуб од 2019 година, кога за 86 милиони евра пристигна од Ајакс.