Спорт
Ван дер Сар: Кај Ајакс нема попусти!
Ајакс, како и сите големи фудбалски клубови, не се имуни на економските последици од пандемијата на коронавирусот, но сигурно нема да ги даваат своите фудбалери на попуст, вели извршниот директор на клубот, голманската легенда Едвин ван дер Сар.
Ајакс подолго време има репутација на фабрика на таленти во европскиот фудбал заработувајќи 150 милиони евра минатото лето од трансферите на Френки де Јонг во Барселона и Матијс де Лихт во Јувентус.
„Минатиот јануари луѓето велеа дека ќе загубиме седум или осум фудбалери, но на крајот останавме само без двајца клучни играчи. Големите клубови, како Баерн Минхен, најавуваат дека сумите за фудбалери ќе се намалат во следниот период, но лесно им е да кажуваат така кога тие се купувачи. Секако, трансферите од 150 до 200 милиони евра се минато. Но, има многу вредност во нашите фудбалери. Добро образовани, искусни, со победнички дух и подготвени за европски фудбал“, вели Ван дер Сар во интервју за „Ајакс“.
„Копјаниците“ веќе се согласија да го продадат Мароканецот Хаким Зијеш во Челси за 40 милиони евра, а шпекулациите велат дека е можно да има трансфери на Дони ван де Бек, Николас Таљафико и голманот Андре Онана. Ван дер Сар вели дека нема да има распродажба под цена.
„Лани имавме усни договори со Онана, Таљафико и Ван де Бек да останат уште една сезона и потоа да помогнеме во следниот чекор во нивните кариери. Тоа не е сменето. Но, нема да има 50 отсто попуст. Големите клубови нека заборават на тоа“, предупредува Ван дер Сар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Голем пресврт на „Стенфорд Бриџ“ – Челзи го победи Вест Хем
Фудбалерите на Челзи, со пресврт во второто полувреме, го добија градскиот дуел со Вест Хем (3:2).
По оваа победа, Челзи го престигна Манчестер Јунајтед на табелата во Премиер лигата со 40 бода, „црвените ѓаволи“ имаат два бода помалку и натпревар помалку од тимот од Лондон.
По две победи по ред, Вест Хем го забележа својот 14-ти пораз, по што остана на 20 бода и на 18-то место во Премиер лигата.
„Чеканите“ имаа предност по првиот дел од 0:2. Стрелци на головите беа Боувен и Самервил.
Челзи одговори на вистински начин. Израмнување на „сините“ им донесоа играчите кои влегоа од клупата за резерви, Жоао Педро и Кукуреља, а победата ја обезбеди Енцо Фернандез со голот во 92-та минута.
На крајот, натпреварот го зачини тешакчата во финишот, Тодибо за врат го фати Жоао Педро, Мавропанос се обиде да му удри шамар на Палмер. Во целата таа мешаница само Тодибо доби црвен картон.
Спорт
Македонија против Украина или Словачка во баражот за СП
Ракометната репрезентација на Македонија добро помина на ждрепката, која ги одреди двојките за баражот, за пласман на Светското првенство.
Македонија ќе игра против победникот од претквалификацискиот дуел меѓу Украина и Словачка.
Македонија на 13 или 14.мај ќе гостува, а реваншот во Скопје ќе се одигра три дена подоцна.

Foto/ EPA
Спорт
Пол Џорџ падна на допинг тест
Кошаркарот на Филаделфија, Пол Џорџ, е суспендиран поради позитивен допинг тест.
Инсајдерот Шамс Чаранија, објави дека НБА го суспендираше Џорџ на 25 натпревари поради кршење на антидопинг прописите.
Пол Џорџ издаде соопштение во кое се вели:
„Во текот на изминатите неколку години, многу зборував за тоа колку е важно менталното здравје и поради тоа, направив голема грешка со тоа што самиот си земав лекови. Ја преземам одговорноста за моите постапки и им се извинувам на Севентисиксерс, соиграчите, навивачите и сите други за моите лоши одлуки за време на тој процес. Фокусиран сум на тоа да го искористам ова време за да го опоравам мојот ум и тело на најдобар можен начин и да му помогнам на тимот кога ќе се вратам“, рече Џорџ.
Не е наведено зошто Џорџ не го поминал допинг тестот.
Популарниот играч има 35 години и имаше просек од 16 поени и 5 скока во 27 натпревари оваа сезона.

