Спорт
Вест Хем го отпушти менаџерот Грем Потер

Вест Хем го отпушти тренерот Грем Потер по само осум месеци на клупата, откако тимот под негово водство забележа само шест победи во 25 натпревари.
Одлуката следеше по поразот од Кристал Палас (1-2) на домашен терен, со што лондонскиот клуб падна на 19. место во Премиер-лигата со само три бода од пет кола. Оваа сезона Вест Хем прими 13 голови, а постигна само пет.
Англискиот стручњак во јануари потпиша двегодишен договор и го наследи Хулен Лопетеги. Во тој период тимот беше 14. на табелата и ја заврши сезоната на истата позиција, со пет победи во 18 натпревари под водство на Потер.
Навивачите во изминативе недели јавно го искажаа незадоволството од резултатите и од раководството, а за време на мечот против Палас се слушаа и повици од трибините: „ќе бидеш отпуштен утре“.
Според британските медиуми, раководството на Вест Хем веќе водело разговори со Нуно Еспирито Санто, поранешен менаџер на Нотингем Форест, како и со Славен Билиќ, кој претходно го предводеше клубот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Арсими посакува победа против последнопласираниот Шкупи

Во осмото коло од Првата македонска фудбалска лига, Арсими ќе го пречека составот на Шкупи. Натпреварот има големо значење за домашниот тим, Арсими сака да се врати на победничките патеки по незгодниот пораз од Брера во Струмица додека Шкупи е во серија на лоши резултати и бара излез од кризата.
Дуелот во Гостивар е одлична можност за домашната екипа да освои значајни бодови во трката за подобра позиција на табелата.
Еден од носителите на играта на Арсими, Башким Велија, е полн со оптимизам и решителност пред оваа средба.
„Нормално е што сме разочарани што не ја совладавме Брера, затоа што не реализиравме многу шанси. Но, фудбалот е таков ,мора да гледаме напред. Сега не очекува противник како Шкупи, знаеме дека тие се во криза, но ние ќе излеземе на терен само за победа. Сакаме да фатиме победнички ритам и да ги покажеме нашите вредности”, изјави Велија.
Фудбалерот на Арсими потенцираше дека атмосферата во екипата е позитивна и дека сите играчи се подготвени да дадат максимум.
„Имаме добра енергија во екипата и сите сме фокусирани на истата цел. Со поддршка од публиката верувам дека можеме да дојдеме до посакуваниот резултат”, додаде Велија.
Арсими сезонава покажа борбеност, но честопати резултатите не го отсликуваа вложениот труд. Затоа дуелот со Шкупи се гледа како вистинска прилика тимот да ја врати самодовербата и да им подари радост на навивачите. Средбата ќе се одигра на Градскиот стадион во Гостивар со почеток од 15:00 часот.
Спорт
Милај: Шкупи ги бара првите бодови, но не го потценуваме Арсими

Екипата на Шкупи сè уште нема бодови ниту по седум кола во елитниот фудбал во Македонија. Денес пред нив е Арсими, кој ги загуби последните три натпревари во Гостивар.
Шкупи верува дека сега е време да ги освои првите бодови во оваа сезона. Играчот од средниот ред Адонис Милај бара максимална посветеност од своите соиграчи, а во исто време предупредува да не се потценува тимот од Чегране.
„Иако е тим кој штотуку пристигна во Првата лига, врз основа на нашите резултати и анализи, Арсими не е лесен противник. Очекуваме тежок натпревар, но ќе го дадеме максимумот за да ги освоиме трите бода“, рече Милај.
Според Адонис Милај, сега е време Шкупи да ги освои првите бодови во оваа сезона.
„Иако доаѓаме од лош момент, минатото е зад нас. Сега сме целосно фокусирани на предизвикот што нè очекува. Навистина се надеваме дека со добра и компактна игра, ќе бидеме наградени со резултатот кон кој се стремиме“, заклучи Милај.
Натпреварот помеѓу Арсими и Шкупи ќе се одигра на стадионот во Гостивар, со почеток во 15:00 часот.
Спорт
Вареловски: Со победа денеска нештата да тргнат на подобро за Тиквеш

Тиквеш се соочува со проблеми уште од почетокот на сезоната, но се чини дека полека работите доаѓаат на своето место и се верува дека токму по денешниот натпревар следуваат подобри резултати во Првата фудбалска лига.
Кавадарчани во моментов се на десеттото место на табелата со пет освоени бода и со евентуален триумф денеска на свој терен од 15:00 часот против Македонија ЃП, нештата може само да се подобрат што е и примарна цел за сите во клубот.
„Мора да се признае дека ова е турбулентен период за Тиквеш. Доколку победиме денеска ќе се вратиме во нормален тек. На гостувањето против Шкендија одигравме добро и штета што не успеавме да освоиме бод. Очекувам дека во иднина ќе постигнуваме подобри резултати. Ако ја погледнете табелата самите ќе се уверите дека екипите се израмнети. Ние имавме лош старт на сезоната, но конкуренцијата е израмнета и поради тоа ние немаме поголемо заостанување зад останатите екипи. Играме добро, создаваме шанси, но за жал постигнавме само три гола што значи дека мораме да ја подобриме реализацијата. Се надевам дека бргу ќе излеземе од кризата “, изјави искусниот Александар Вареловски.