Спорт
(Видео) Гимнастичарка од Украина воодушеви со настапот на Олимписките игри
Голем број гледачи кои ја следеа ритмичката гимнастика на Олимписките игри во Париз останаа воодушевени по настапот на Таисија Онофричук (16) од Украина.
Украинката ја изведе вежбата во придружба на хитот Трилер на Мајкл Џексон. Меѓу другото, таа неколку пати го фрлаше обрачот девет метри во воздух и го фаќаше со нозете без да гледа. Таа вклучи и чекори од познатата денс сцена од спотот за хит песната на Мајкл Џексон.
16-year-old Ukrainian Taisiia Onofriichuk makes everyone go crazy at #Olympics as she performs to Michael Jackson’s ‘Thriller’
A legendary song, and a future legendary #Ukraine‘s rhythmic gymnast? 🤩#StandWithUkraine pic.twitter.com/9FKHfaMg4G
— UATV English (@UATV_en) August 8, 2024
Тоа предизвика и бројни реакции на социјалните мрежи.
„Настапот на ‘Трилер’ на Олимпијадата беше апсолутно хипнотизирачки! Комбинацијата на ритмичка гимнастика со таква музика е врв на креативноста”, „Леле! Таа е спектакуларна! Никогаш не сум видел такво нешто! Ајде да одиме Украина“, “Цела публика ракоплеска во ритам за неа“, се само дел од коментарите.
Онофричук се пласираше во финалето во ритмичка гимнастика, а на крајот заврши на четвртото место. Ова уследи по неколкумесечна неизвесност дали воопшто ќе стигне до Игрите во Париз.
„Овој момент ми значи многу повеќе отколку што луѓето можат да замислат. Се чувствував смирено одвнатре. Неверојатно сум горда што ја претставувам Украина сега, особено за време на војната и условите во кои тренираме, под бомби и секојдневни напади“, изјави гимнастичарката за Ројтерс.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Реал остана без играч платен 80 милиони евра за еден месец
Европскиот фудбалски шампион Реал Мадрид најмалку еден месец нема да може да смета на францускиот репрезентативен играч Орелиан Чуамени (24) поради повредата на левиот зглоб што ја заработи при поразот од Милан со 1:3 во Лигата на шампионите, пишуваат локалните медиуми.
Кралскиот клуб ја потврди повредата, но не прецизираше колку долго би можело да трае опоравувањето.
„По извршените прегледи денеска, на нашиот играч Орелиан Чуамени му е констатирано истегнување на левиот зглоб. Неговото закрепнување ќе го следи лекарската служба“, соопштија од Реал.
Наместо Чуамени, на полувремето во игра влезе уште еден Французин, Едуардо Камавинга.
Пред две години Реал го донесе Чуамени за 80 милиони евра. Оттогаш, тој одигра 103 натпревари за мадридскиот клуб, постигнувајќи три гола и асистенција на пет од нив. Тој освои седум трофеи и неговиот договор е до 2028 година.
Спорт
Аморим ќе го испрати Зиркзе во Јувентус во замена за Влаховиќ
Новиот тренер на Манчестер јунајтед, Рубен Аморим, во зимскиот преоден рок има намера да донесе нов напаѓач. Наводно не му се допаѓал Џошуа Зиркзе, засилувањето на Јунајтед од Болоња.
На „Олд Трафорд“ не се задоволни од холандскиот напаѓач, постигна гол на дебито, против Фулам во првото коло, а во наредните 13 натпревари остана без конкретен учинок.
Италијанскиот новинар Масимо Орландо тврди дека Зиркзе во јануари ќе замине во Јувентус каде повторно ќе работи со својот тренер од Болоња, Тиаго Мота, а на „Олд Трафорд“ би се преселил Душан Влаховиќ.
„Мота не е задоволен од Влаховиќ иако постигнува голови. Очекуваме размена во јануари. Зиркзе треба да оди во Јувентус, а Влаховиќ од јануари ќе стане играч на Манчестер јунајтед“, тврди Орландо.
Спорт
Модриќ: Реал не е во криза
Фудбалерот на Реал Мадрид, Лука Модриќ изјави дека неговиот тим не е во криза и покрај последните лоши резултати во шпанската Примера и Лигата на шампионите.
„Ова не е криза. Тоа не е збор што сакам да го користам. Овде сум 12 години и не е прв пат да гледам ваква ситуација“, изјави Модриќ.
Фудбалерите на Реал Мадрид во вторникот вечерта беа поразени на домашен терен од Милан (1:3), додека претходно беа поразени на домашен терен во шпанското првенство од Барселона (0:4).
Лука Модриќ додаде дека е тешко да се оцени играта на Реал против Милан.
„Имаше моменти кога игравме добро, но ова не беше нашиот најдобар настап. Генерално игравме лошо, а Милан беше подобар“, изјави 39-годишниот капитен на Реал Мадрид.
Во вторникот Модриќ играше до 63. минута, а ова беше негов 550. настап за „кралскиот клуб“.
„Нашиот квалитет не е присутен во моментов. Треба да работиме повеќе како тим, само така работите ќе станат полесни. Сигурен сум дека ќе се издигнеме”, заклучи Модриќ.
Реал Мадрид по четири одиграни натпревари има шест бода во Лигата на шампионите, а следниот меч го игра на гостувањето кај Ливерпул на 27 ноември.