Спорт
(Видео) Грузиец влезе во историјата на НБА
Кошаркарот на Сан Антонио, Сандро Мамукелашвили ја одбележа изминатата ноќ во НБА лигата.
Крилниот центар на Спарс стана првиот играч во историјата на НБА кој постигнал 34 поени за помалку од 20 минути.
На Грузиецот, роден пред 25 години во Њујорк, му беа потребни само 19 минути игра за да го „наполни“ кошот на Њујорк во победата 120:105.
Само еднаш не погоди од поле, погоди 13 од 14 удари, постигна седум тројки од исто толку обиди.
Ноќта на кариерата ја најави во првото полувреме, кога за само осум минути постигна 13 поени, забележа седум скока и асистенција. Во второто полувреме неговиот шут функционираше перфектно, продолжи без грешка да го полни кошот на Њујорк и да пише историја, постигна 21 поен во последната четвртина.
„МВП, МВП“, ечеше во салата.
Самиот беше зачуден. Тој едвај ги најде вистинските зборови за да го опише она што му се случи.
„Не знам што се случи, не знам што се случи“, со неверување повторуваше Мамукелашвили додека ги даваше првите изјави.
До натпреварот против Њујорк, неговиот сезонски рекорд беше 13 поени, кои ги постигна неодамна против Шарлот.
Каков подвиг е ова, можеби најдобро се илустрира со фактот дека историскиот натпревар го одигра играч чиј претходниот просек беше пет поени и 8,9 минути по натпревар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Првиот човек на Ферари им порача на Хамилтон и Леклер да возат, не да зборуваат
Претседателот на Ферари, Џон Елкан, ги нападна Луис Хамилтон и Шарл Леклер по Големата награда на Бразил, на која дуото на Ферари не успеа да ја заврши главната трка.
Тој им даде ист совет на двајцата во многу лоша сезона за Скудерија.
„Во Формула 1, од една страна, имаме механичари кои си ја завршија работата, и во квалификациите и во пит-лејнот. Инженерите го направија истото, а автомобилот покажа очигледни подобрувања. Останатите не ги исполнија очекувањата“, рече Елкан, додавајќи
„Луси и Шарл треба да се фокусираат на возењето и да зборуваат помалку. На Ферари му се потребни возачи кои помалку размислуваат за себе, а повеќе за тимот. Сè уште имаме неколку трки и не е невозможно да завршиме втори во конкуренцијата на конструктори“, додаде тој.
Ферари моментално е на четвртата позиција во шампионатот на конструктори во Формула 1, со 362 поени, четири помалку од Ред Бул и 36 од Мерцедес. Во пласманот на возачи, Леклер е петти со 214 поени, а Хамилтон е шести со 148.
Спорт
Авто-слалом во Кичево: Возбудливо натпреварување со јангтајмери со над 40 учесници
Во рамки на годинешниот календар на Националната Федерација на историски возила на Македонија, на 8 и 9 ноември се одржаа третото и четвртото TSD (брзина, спретност и прецизност) авто-слалом натпреварување – Кичево 3 и 4. Настаните се дел од шампионатот на Македонија за 2025 година во оваа категорија.

По повеќе години пауза, Кичево повторно го почувствува духот на моторните трки – на стартот се појавија околу 40 натпреварувачи од различни клубови, распределени по класи според кубикажата. И покрај лошите временски услови, бројна публика ги бодреше учесниците до самиот крај.
🏆 Резултати
Класа 1 (до 1200 cm³)
Александар Марковски – Пежо 205 (ОТК Скопје)
Класа 2 (до 1600 cm³)
Мојсије Милосавлевски – Даихатсу Шараде (ОТК Скопје)
Владимир Кулушиќ – Рено Меган (ОТК Класика Прилеп)
Даниел Даневски – Пежо 206 (ОТК Скопје)
Класа 3 (над 1600 cm³)
Кире Ставров – Фијат Пунто (ОТК Класика Прилеп)
Кристијан Василев – Ауди 80 (ОТК Скопје)
Лазар Стојаноски – Нисан Премиера (ОТК БМВ Скопје)
Класа 4 (тркачки возила)
Влатко Костовски – Опел Астра (ОТК Скопје)
Мојсије Милосавлевски – Југо 55 (ОТК Скопје)
Димитар Димески – Фијат Сеиченто (ОТК Класика Прилеп)

Пласман на клубови:
ОТК Скопје
ОТК Класика Прилеп
ОТК БМВ Скопје
Натпреварите ги отворија градоначалникот Александар Јовановски и претседателот на Федерацијата, Мојсије Милосавлевски, кои ги претставија идеите за ревитализација и мултифункционалност на автодромот Кичево.

Спорт
Атлетико Мадрид има нов сопственик
Иневстицискиот фонд Аполо Спортс Капитал е новиот мнозински акционер на Атлетико Мадрид, објави шпанската прва фудбалска лига.
„Атлетико Мадрид и неговите главни акционери, Мигел Анхел Хил, Енрике Серезо, Квантум Пацифик Груп и фондовите управувани од Арес Менаџмент, постигнаа договор Аполо Спортс Капитал (ASC), глобална компанија за спортски инвестиции, да стане мнозински акционер на нашиот клуб“, објави клубот.
Четирите поранешни главни акционери ги намалија своите удели за да му дозволат на новиот инвеститор, сега најголемиот акционер на клубот, да стекне удел. Клубот објави дека Мигел Анхел Хил и Енрике Серезо ќе продолжат да го водат Атлетико како извршен директор и претседател на одборот и ќе останат акционери, гарантирајќи го континуитетот и визијата на проектот и нивното водство.
„Инвестицијата на ASC ќе ја зајакне позицијата на нашиот клуб меѓу фудбалската елита и ќе ја поддржи нашата амбиција да постигнеме долгорочен успех за милиони наши фанови низ целиот свет. Акционерите планираат да обезбедат нов капитал за поддршка на долгорочните планови на клубот, вклучувајќи понатамошни инвестиции во тимот и големи инфраструктурни проекти.
Ова вклучува развој на Градот на спортот, нов спортски и забавен центар веднаш до стадионот „Ријад Ер Метрополитано“.
„Целта на овој проект е да стане светска дестинација за спорт, слободно време, култура и социјални активности“, се додава во соопштението.
Финансиските детали од договорот не се откриени, а пазарните проценки за вредноста на Атлетико се движат помеѓу 2,5 и 3 милијарди евра, врз основа на неодамнешните финансиски резултати, вредни земјишни средства и конзистентно учество во Лигата на шампионите во текот на изминатите 13 сезони.
Аполо е брзорастечка, глобална компанија за управување со средства. Според најновите податоци, Аполо има приближно 908 милијарди долари средства под управување.

