Спорт
(Видео) Јокиќ стандардно добар, Дончиќ трагичар на Далас, Ембид и Мекси ја добија Минесота
Никола Јокиќ со дабл-дабл го предводеше Денвер до победа во Торонто, Дончиќ и Далас доживеаја пораз од Клиперси, а Џоел Ембид со 51 поен ја предводеше Филаделфија до победа во дербито против Минесота.
Никола Јокиќ прв пат во кариерата постигна 30+ поени против Торонто. Сега има ваков учинок против сите тимови во лигата. Денвер славеше со 113:104. Јокиќ забележа 31 поен, 15 скока и шест асистенции.
Јокиќ против Торонто за прв пат зигра во новите патики на кинескиот бренд „361 Degrees“ и со тоа стана водечко лице на компанијата покрај Арон Гордон.

Клиперс ја извојуваа деветтата победа по ред. Тоа е најдолгата победничка серија на Клиперс од нивната серија од 10 победи во 2015/2016 година. Клиперс славеа против Далас со 120:111.
Во победничкиот тим седум играчи постигнаа двоцифрен број на поени: Кави Ленард 30 поени, 10 скока и пет асистенции, Норман Пауел постигна 21 поен, а Џејмс Харден 17 поени, 11 асистенции и пет скока.
Во тимот на Далас Лука Дончиќ постигна 28 поени со 10 асистенции и девет скока, Тим Хардавеј додаде 21 поен, а Дерик Џонс 19. Кајри Ирвинг го пропушти натпреварот поради проблем со петицата.
За Дончиќ може да се каже дека од херој стана трагичар, бидејќи речиси сам го предводеше камбекот на Мавс од -21 до изедначување, а потоа прокоцка три напади за водство и голем пресврт.
Кошаркарите на Филаделфија ја победија Минесота со 127:113 и ја забележаа седмата победа во последните осум натпревари.
Сиксерси ги предводеше Џоел Ембиид со 51 поен и 12 скока. Тоа беше 12-ти последователен натпревар за Ембиид со најмалку 30 поени и 10 скока и најдолга ваква серија во лигата, од серијата од 16 натпревари на Карим Абдул-Џабар како играч на Милвоки во 1971/72 година.
Во победата придонесе Тајрис Макси со 35 поени и пет асистенции.
Минесота влезе во мечот по девет победи во последните 10 натпревари, а најефикасни во тој тим беа Ентони Едвардс со 27 поени, седум скока и пет асистенции и Карл Ентони Таунс со 23 поени и 13 скока.
Кошаркарите на Чикаго го победија Лос Анџелес Лејкерс со 124:108. Двоцифрен број на поени постигнаа осум играчи на Чикаго, а најефикасен беше Демар Дерозан со 27 поени, девет асистенции и седум скока. Коби Вајт постигна 17 поени, Алекс Карузо 15, а Никола Вучевиќ 13 поени и 10 скока.
Во тимот на Лос Анџелес, кој загуби по четврти пат во последните пет натпревари од освојувањето на НБА купот, Леброн Џејмс беше најдобар со 25 поени, 10 скока и девет асистенции. Ентони Дејвис додаде 19 поени и 14 скока, а Торин Принс 16 поени.
Во другите натпревари, Мајами го победи Орландо со 115:106, додека Индијана го победи Шарлот со 144:113 и ја прекина серијата од четири порази.
Кливленд ја победи Јута со 124:116, а Бостон го победи Сакраменто со 144:109. Њујорк го совлада Бруклин со 121:102 и ја забележа првата победа на гостувањето против Нетс во последните четири години, односно од 26 декември 2019 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Голчиште на Собослај, а потоа победа на Сити во дербито
Манчестер Сити го доби Ливерпул на „Ефилд“ во 25.коло во Премиер лигата, со 2:1 и остана во трката за шампионската титула.
Сè што беше важно се случи во последните 20 минути од натпреварот. Ливерпул поведе во 74-та минута, но со голови во 84-та и 93-та минута, Сити направи пресврт и запиша три важни бода.
Доминик Собослај постигна гол за водство на Ливерпул со моќен погодок од слободен удар со помош на стативата. Сити израмни по само десет минути, кога Бернардо Силва натрча на топката која ја доби од Ерлинг Халанд.
Во судиското продолжение, Сити победи откако Алисон направи пенал, а Халанд го реализираше.
Рајан Шерки исто така постигна гол во 100-та минута, но тој гол беше поништен поради претходен прекршок на Доминик Собослај, кој доби црвен картон.
Foto/ EPA
Спорт
Трамп го критикуваше американскиот скијач: „Срамота е што ја претставува Америка“
Американскиот претседател Доналд Трамп го критикуваше американскиот олимписки скијач Хантер Хес, неколку дена откако спортистот изрази измешани чувства во врска со претставувањето на САД на Зимските олимписки игри во северна Италија, пишува „Ројтерс“.
„Ако е така, ни немал потреба да се обиде да се квалификува за репрезентацијата и срамота е што е дел од неа“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social, осврнувајќи се на коментарите на Хес. „Многу е тешко да се навива за некој таков.“
Зимските олимписки игри беа одбележани и со политички тензии, меѓу другото и поради присуството на службеници на американската Служба за имиграција и царина (ICE). Оваа агенција се соочи со масовни протести низ САД откако нејзини агенти минатиот месец во Минеаполис застрелаа и усмртија две лица.
Хес, скијач во слободен стил, изјави на прес-конференција во Милано во петокот дека му е „малку тешко“ да ја претставува Америка и дека има измешани чувства.
„Очигледно се случуваат многу нешта со кои не се согласувам, а верувам дека и многу други не се согласуваат“, рече тој.
„Тоа што ја носам знамето не значи дека претставувам сè што се случува во САД.“
Неговиот колега од репрезентацијата, Крис Лилис, на истата прес-конференција исто така истапи против дејствувањето на Службата, велејќи дека поради тоа му е „скршено срцето“.
„Мислам дека како земја треба да се фокусираме на почитување на правата на сите луѓе и да се погрижиме кон нашите граѓани, како и кон сите други, да се однесуваме со љубов и почит“, изјави Лилис.
„Се надевам дека луѓето, гледајќи ги спортистите на Олимписките игри, ќе сфатат дека тоа е Америка што ние се обидуваме да ја претставиме.“
Спорт
„Сѐ се случи за миг“ – сестрата на Линдзи Вон зборуваше за нејзината состојба по страшниот пад на Олимписките игри
Линдзи Вон моментално е на лекарски прегледи по тешкиот пад што ѝ се случи утрово, потврди нејзината сестра Карин Килдо во изјава за „Ен-Би-Си“. Таа рече дека сцената била застрашувачка и многу тешка за гледање.
„Тоа дефинитивно беше последното што сакавме да го видиме. Сѐ се случи многу брзо и во такви моменти само се надеваш дека е добро“, рече Килдо.
Таа додаде дека станало уште пострашно кога забележале дека изнесуваат носила.
„Тоа никогаш не е добар знак. Но, како што вели онаа изрека за човекот во арената – таа се осмели, даде сѐ од себе и одеше до крај. Тешко е да се гледа, но најважно е таа да биде добро“, изјави таа.
Сестрата на познатата американска скијачка потврди дека во моментов не знаат што следува: „Превезена е со хеликоптер од местото на несреќата. Со неа се сите нејзини лекари, хирурзи и физиотерапевти. Ќе не известат и ќе отидеме во болницата каде што ја прегледуваат. Засега знаеме само дека е на прегледи и се надеваме наскоро да добиеме повеќе информации.“
Главниот брзински тренер на американскиот скијачки тим, Пол Кристофик, изјави дека Линдзи Вон и понатаму е под медицинска проценка во Кортината, а тимот сѐ уште нема добиено никакво ажурирање за нејзината здравствена состојба.
„Сѐ уште не знаеме ништо конкретно“, изјави Кристофик. „Таа е со медицинскиот тим во болница. Во моментов се проценува во Кортината. А потоа, во зависност од сериозноста на повредата, ќе се донесе одлука каде ќе биде сместена.“

