Спорт
(Видео) Лејкерси израмнија, сигурени победи на Оклахома и Индијана

Лос Анџелес Лејкерс изедначија на 1:1 во серијата против Минесота, додека Оклахома и Индијана победија на вторите мечеви против Мемфис и Милвоки. Тоа е епилогот од натпреварите одиграни во НБА плеј-офот ноќта меѓу вторник и среда.
Предводени од Лука Дончиќ, Лејкерси одиграа одлична прва четвртина. Овој дел од натпреварот го решија во своја полза 34:15. Потоа без проблем ја одржауваа предноста и на крајот победија со 94:85.
Дончиќ ги предводеше Лејкерси, му недостигаше асистенцијата за трипл дабл. Тој забележа 31 поен, 12 скока и девет асистенции. Се истакна и Леброн Џејмс со 21 поен, 11 скока и седум асистенции.
На Минесота не и помогнаа многу 27 поени на Џулиус Рендл, додека најдобриот играч на тимот од Минеаполис, Ентони Едвардс застана на 25 поени.
Јанис Адетокумбо блеска во плеј-офот, но во првите два меча неговиот Милвоки не и се закани сериозно на Индијана. Вториот дуел на домашен терен Пејсерс го добија со 123:115.
Во првата четвртина Пејсерс имаа 15 поени предност. Бакс успеаја да стигнат до минус 4 пред крајот на полувремето, но на голема пауза се заминаа со плус осум за Индијана.
Милвоки не се предаваше, во еден момент во самиот финиш стигна и до 115:113, но следеа две врзани тројки на Индијана, кои го решија прашањето на победникот. Сијакам со 24 и Халибартон со 21 поен беа најдобри во редовите на Пејсерси.
Брилијантниот Адетокумбо застана на 34 поени, 18 скока и седум асистенции, а го следеше Портис со 28 поени и 12 скока.
Оклахома и Мемфис ја играат најнеинтересната серија во првото коло од плеј-офот досега. Откако го добија првиот меч со 50 разлика, Тандер лесно ги совладаа Гризлис во вториот меч и победија со 118:99.
Шеј Гилџес-Александар премногу солираше, погоди само 10 од 29 шута и стигна до 27 поени и осум скока. Џејлен Вилијамс броеше до 24. Џексон беше најрасположен во тимот од Тенеси со 26 поени и шест скока.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
На 25-годишна возраст една од најдобрите пливачки замина во пензија

Една од најдобрите пливачки на денешницата, Австралијката Аријарне Титмус, изненадувачки објави дека ја завршува кариерата.
25-годишната Титмус освои осум олимписки медали, од кои четири златни, три сребрени и еден бронзен. Исто така таа е четирикратна светска шампионка. Најголемиот успех го постигна во дисциплината 400 метри слободен стил, дисциплина во која е двократна олимписка и светска шампионка, а освои и медали на 200 и 800 метри слободен стил и во штафетните трки 4 x 200 слободен стил.
По Олимписките игри во Париз минатата година, Титмус изјави дека ќе земе една година пауза од натпреварите за да ги „наполни батериите“, па работеше како телевизиски коментатор за време на Светското првенство во Сингапур оваа година.
Сепак, само неколку месеци подоцна, Титмус одлучи да се пензионира.
„Ова е тешка одлука, но сум задоволна. Го сакам пливањето, тоа ми е страст уште од детството, но откако неодамна направив пауза од тренинзите, сфатив дека некои други работи во мојот живот станаа многу важни“, рече Титмус.
Титмус го имаше своето меѓународно деби на Светското првенство во 2019 година во Гвангжу кога ја освои титулата на 400 метри слободно со победа против најтрофејната пливачка на сите времиња, Американката Кејти Ледеки.
Нивното соперништво траеше до Игрите во Париз, каде што Титмус ја одбрани титулата олимписки победник во истата дисциплина во финалето, кое беше наречено „трка на векот“ бидејќи нејзини сопернички беа канадската сензација Самер Мекинтош, која освои сребро, и Ледеки, која мораше да се задоволи со бронза.
Покрај бројните освоени медали, Титмус е и актуелна светски рекордерка на 200 метри слободно со време од 1:52,23.
Спорт
Уапсен Лука Вилдоза

Необичен и скандалозен инцидент се случи синоќа откако Виртус Болоња го победи Монако (77:73), во четвртото коло, во Евролигата.
Плејмејкерот на италијанскиот клуб Лука Вилдоза и неговата сопруга Милица Тасиќ се уапсени под сомнение за напад врз медицинскиот персонал.
Според весникот „Ил Ресто дел Карлино“, сè започнало на улицата Калори, во непосредна близина на салата „Паладоца“, каде што амбулантно возило застанало за да ја запише адресата на следната интервенција.
Во тој момент, поминал автомобилот на аргентинскиот кошаркар, кој, фрустриран од возилото што делумно го блокирало патот, прво неколку пати сигнализирал со фаровите, а потоа го навредил медицинскиот персонал.
Инцидентот не завршил тука. Вилдоза и екипата на амбулантата повторно се сретнале на Виале Силвани, каде што возилото веќе било на должност со вклучени сирени и ротација.
Кошаркарот почнал да сопира и да прави маневри пред амбулантата, отежнувајќи го нејзиното движење. Кога медицинските лица застанале да го прашаат зошто се однесува така, ситуацијата ескалирала.
Вилдоза вербално ја нападнал екипата на брзата помош, обвинувајќи ги дека „го окупираат патот и си играат со телефонот“, а потоа физички нападнал и зграпчил една од медицинските сестри за вратот.
Виртус Болоња се уште не се огласиле по повод овој инцидент.
Спорт
Индонезија му врачи отказ на Патрик Клајверт

Холандската фудбалска легенда Патрик Клајверт повеќе не е селектор на репрезентацијата на Индонезија.
По серијата лоши резултати во квалификациите за Светското првенство, Индонезиската фудбалска асоцијација одлучи да ја прекине соработката со некогаш познатиот напаѓач.
Клајверт ја презеде клупата на Индонезија во јануари оваа година, кога потпиша двегодишен договор. Главната цел беше да ја однесе репрезентацијата на нивното прво Светско првенство откако земјата стекна независност во 1945 година. Тој не успеа во тоа.
Иако Индонезија за прв пат под негово водство стигна до четвртото коло од азиските квалификации, надежите беа уништени минатата недела. Поразите против Саудиска Арабија и Ирак ги згаснаа сништата дека Индонезија ќе игра на својот прв Мундијал.
Неговата судбина беше запечатена со пораз од 1:0 од Ирак во Џеда во саботата. После тоа, Индонезиската фудбалска асоцијација не губеше време и веднаш договори спогодбен раскин на договорот со селекторот со Клајверт.
Единствениот значаен тренерски успех на Клајверт останува третото место на Светското првенство во 2014 година, кога му беше асистент на Луј ван Гал во холандската репрезентација.