Спорт
(Видео) Милан го победи Реал во Мадрид
Фудбалерите на Милан го совладаа Реал на „Сантијаго Бернабеу“ со 3:1 во натпреварот од четвртото коло во Лигата на шампионите.
Во репризата на финалето на ова натпреварување од 1958 година, „росонерите“ покажаа дека не случајно Реал неодамна доживеа убедлив пораз од Барселона (4:0) во шпанското дерби.
Тој натпревар ги откри сите маани на тимот на Карло Анчелоти, а фудбалерите на Милан мотивирано влегоа во мечот и ги искористија сите слабости на ривалот.
Фонсека на овој натпревар му даде шанса на Малик Тијаша, а Германецот довербата ја оправда со гол во 12. минута.
Тој го искористи центаршутот на Кристијан Пулишиќ од корнер и со одлична реакција со глава ја упати топката во мрежата на Луњин. Неговиот прв гол за клубот на неговиот 60-ти настап.
Радоста траеше само околу 10 минути. Поранешниот играч на Реал Мадрид, Тео Ернандез, со очајно додавање во опасната зона ја испрати топката директно во нозете на Менди, тој го проигра Винисиус, по што направи соло продор и падна во противничкиот шеснаесетник. Тој беше соборен од Емерсон, но впечатокот е дека судијата Славко Винчиќ престрого досуди пенал.
Винисиус ја презеде одговорноста и со „паненка“ го совлада Мајк Мењан. Се чини дека тоа го налути Французинот, кој до крајот на мечот собра девет одбрани.
Можеби Винисису на мајсторски начин постигна гол, но она што го направи на крајот од првиот дел е една од причините зошто не ја освои „Златната топка“.
Чуамени испрати пас до него, но тој не се ни потруди да тргне кон топката, а средниот ред на Милан го искористи тоа и отвори контра. Леао шутираше, Луњин одбрани, а на одбината топка налета Мората и го постигна третиот гол во кариерата против клубот во кој ја започна кариерата.
Последниот удар на домаќините кои беа исвиркани на полувремето им го зададе Рајндерс во 73. минута по асистенција на Леао.
По четири кола Реал и Милан имаат по две победи и два порази. Реал Мадрид во следното коло му гостува на Ливерпул, додека Милан ќе биде фаворит против Слован во во Братислава.
Конечни резултати на натпреварите од 21:00 часот: Болоња – Монако 0:1, Борусија Дортмунд – Штурм Грац 1:0, Селтик – РБ Лајпциг 3:1, Лил – Јувентус 1:1, Ливерпул – Баер Леверкузен 4:0, Спортинг Лисабон – Манчестер сити 4:1, Реал Мадрид – Милан 1:3.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Хет-трик на Гидсел, повторно е најдобар во светот
Репрезентативецот на Данска, Матијас Гидсел е прогласен за најдобар ракометар во светот во 2025 година во традиционалниот избор на Меѓународната ракометна федерација (IHF).
Матијас Гидсел беше избран за најдобар ракометар на годината, трет пат по ред. Тој е третиот ракометар во историјата кој е прогласен за играч на годината три пати по Никола Карабатиќ и Микел Хансен.
Во 2025 година, Гидсел ја освои титулата светски шампион со данската репрезентација, а беше прогласен и за најкорисен играч (MVP) на планетарното првенство. Тој беше и најдобар стрелец и асистент на Светското првенство.
IHF ја избра Норвежанката Хени Рејстад за најдобра ракометарка во светот во 2025 година. И таа беше прогласена за играч на годината трет пат по ред.
Таа освои злато на Светското првенство минатата година со норвешката репрезентација. Рејстад беше најдобар стрелец, а беше прогласена и за најкорисен играч (MVP) на планетарното првенство.
Португалецот Франциско Коста беше избран за најдобар млад ракометар во 2025 година, додека најдобра млада ракометарка е Фиола Лојхтер од Германија.
Во гласањето учествуваа навивачи, селекторите на националните тимови кои учествуваа на Светското првенство во 2025 година, како и членови на Комисијата за тренинг и методи на IHF.
Фото/ ЕПА
Спорт
Упамекано го продолжи договорот со Баерн
Дајо Упамекано го продолжи договорот со Баерн Минхен до 30 јуни 2030 година, објави германскиот клуб.
Упамекано (27) пристигна во Минхен во сезоната 2021/22 од Лајпциг, а со Баерн досега освои три титули во Бундеслигата и три германски Суперкупа. Во дресот на баварскиот клуб одигра 180 натпреварувачки натпревари, постигна шест гола и запиша девет асистенции.
Генералниот менаџер на Баерн, Јан-Кристијан Дрезден, истакна дека Упамекано израснал во врвен играч во Минхен, додека членот на спортската администрација Макс Еберл нагласи дека францускиот стопер е еден од главните столбови на тимот и пример за развој на играчите во клубот.
Самиот фудбалер рече дека е среќен поради продолжувањето на соработката и дека има големи цели со тимот, со желба да освои повеќе трофеи.
Упамекано одигра 35 настапи и постигна два гола за француската репрезентација, ја освои Лигата на нации во 2021 година и беше дел од тимот што го играше финалето на Светското првенство во 2022 година против Аргентина.
Foto/ depositphotos
Спорт
Јада 83-ти, Клабо го освои осмото олимписко злато во кариерата
Македонскиот репрезентаивец, Ставре Јада, го заврши своето учество на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина во петокот. Јада го освои освои 83-то место во трката крос-кантри на 10 километри.
Во трката учествуваа 113 натпреварувачи, Јада ја помина целта како 83-ти, со време од 25:286,9, за 4:52,7 зад олимпискиот шампион. Ставре Јада претходно го освои 88-мо место во трката со спринт.
Златниот медал го освои кралот на овие Игри, Јоханес Хесфолт Клабо. Норвежанецот ја заврши трката за 20:36,02. Ова е негово трето злато на Игрите во Милано и Кортина, а негов осми златен медал – десетти вкупно, бидејќи Клабо има едно сребро и една бронза.
На Клабо му недостига само уште едно злато за да стане најуспешниот олимпиец во крос-кантри. Осум златни медали, и вкупно 12 олимписки медали во кариерата, освои Бјорн Дели.
Сребрениот медал му припадна на Матјас Делож, кој беше фантастичен, францускиот ас ја заврши трката 4,9 секунди зад Клабо. За дваесет и тригодишниот Французин, ова е прв олимписки медал.
Бронзата оди во Норвешка, кај Ејнар Хедегерт, кој имаше задоцнување од 14 секунди. И за него ова е првиот олимписки медал во неговата кариера.
Foto/ EPA

