Спорт
(Видео) По две продолженија, Оклахома го победи Хјустон, Вориорс славеше кај Лејкерси
НБА сезоната започна со два натпревари одиграни изминатата ноќ. Во првиот натпревар шампионите Оклахома Сити Тандер ги победија Хјустон Рокетс со 125:124 по две продолженија, а во вториот натпревар, Лос Анџелес Лејкерс беа поразени од Голден Стејт Вориорс на домашен терен со 109:119.
Навивачите на Тандер го добија она што го чекаа, церемонија на доделување на прстените, откривање на шампионското знаме и победа над поранешната ѕвезда на Оклахома Сити, Кевин Дурант.
Шеј Гилџис-Александар, актуелниот МВП, погоди две слободни фрлања на 2,3 секунди до крајот на второто продолжение за да им ја донесе победата на Тандер. Шести пат во историјата првата вечер заврши со двојно продолжение и прв пат од 2005 година.
Гилџис-Александар постигна 35 поени, со по пет скока и асистенции, а Чет Холмгрен додаде 28 со седум украдени топки. Алперен Шенгун беше одличен во поразениот тим со 39 поени, 11 скока и седум асистенции, додека Дурант додаде 23 и имаше девет скока.
Сезоната не започна добро за ЛА Лејкерси, кои пред својата публика, без повредениот Леброн Џејмс, беа поразени од Голден Стејт Вориорс. Се предвидува дека Џејмс ќе пропушти околу еден месец акција во својата 23-та НБА сезона.
Во тој период, Лејкерси ќе ги положат своите надежи на тоа што може да направи Лука Дончиќ. Словенечката суперѕвезда на најсилната кошаркарска лига во светот ја започна својата прва целосна сезона во својот нов клуб, каде што пристигна во неочекувана размена на играчи со Далас Маверикс во февруари.
Со 17/27 шутеви од поле и 7/10 од линијата за слободни фрлања, Дончиќ постигна 43 коша, додаде 12 скока и девет асистенции. Тој стана првиот играч на Лејкерси по Коби Брајант во 2007 година кој ја отворил сезоната со 40 или повеќе поени.
Остин Ривс постигна 26 поени и девет асистенции, но проблемот за Лејкерси беше што само новиот центар на тимот, Деандре Ајтон, достигна двоцифрен број поени (10).
Воините до победата ги предводеа Џими Батлер со 31 поен и Стеф Кари, кој ја започна својата 17-та сезона во НБА лигата, со 23 поени. Џонатан Куминга и Бади Хилд додадоа по 17 поени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Свечено отворена обновената сала во Градски парк, по пет децении Работнички доби нов дом
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, свечено ја отвори целосно реконструираната сала „Работнички“ во Градски парк, еден од најстарите спортски објекти во државата.
Во рамки на свеченоста се одигра ревијален натпревар меѓу младинскиот состав на КК „Работнички“ и шампионите од Лига Центар од ООУ „Кочо Рацин“, проследен со настапи на хип-хоп групи и богата спортска програма.
На отворањето, покрај бројните гости и советниците на Општина Центар, присуствуваа и ветераните на КК „Работнички“, Огнен Герасимовски, Драган Радосављевиќ, Рики Ѓорчевски, Стерули Андоновски, Томе Димишковски, Миро Крстевски, Тихо Матевски, и Перо Антиќ, на кои им беше доделено признанието „Феникс“, симболот на Општина Центар, птицата што се раѓа од пепел, како знак на обнова, истрајност и нов почеток.

„Се што правам како градоначалник, го работам со најдобра верба и мисла за нашите центарци. Со упорност, со скромност, со многу енергија и љубов, создадовме уште една победа, која им припаѓа на сите во Центар, без исклучок и поделби. И оваа сала е резултат на нашиот пристап, дека заедно можеме да направиме се. Без политика, без делби, напротив, обединети и сложни во успесите и резултатите“, рече Герасимовски.
Обраќајќи им се на младите центарци кои ги исполнија трибините, Герасимовски порача дека салата е наменета токму за нив, за генерациите што допрва ќе создаваат нови спортски успеси и ќе го носат духот на „Работнички“.
,,Драги ученици, новата сала е секогаш отворена за вас. За спорт, за натпревар, за другарување, за споделување на вистински вредности во животот. Од срце ве поканувам да ја користите, да бидете присутни, да бидете здрави и конкурентни, да создавате резултати, да се радувате на своите и заедничките успеси! Во оваа сала ќе ги гледаме нашите нови шампиони, ќе ја пишуваме новата историја”, порача Герасимовски.
Салата е реконструирана според стандардите на ФИБА, со целосно обновен паркет, нова фасада, современо ЛЕД-осветлување, енергетски ефикасен систем за греење, ладење и вентилација, нови соблекувални, санитарни јазли и нови столчиња на трибините.
Со обновата на објектот во Градски парк, најтрофејниот клуб доби дом достоен за своето име и традиција, место каде што ќе се редат нови победи и ќе се гради иднината на спортот во Центар.
Спорт
Хакими на суд ќе се брани од обвинението за силување
Дефанзивецот на ПСЖ, Ашраф Хакими, вели дека е подготвен да се појави пред судот по обвинението за силување.
Дваесет и четиригодишна девојка го обвини Хакими дека ја силувал во неговиот дом во Париз во 2023 година. Тој ги негира овие обвинувања.
Јавниот обвинител ја започна прелиминарната истрага во март 2023 година.
„Денес, обвинението за силување е доволно за да се оправда судењето. Тоа е неправедно кон оние кои се лажно обвинети, но и кон вистинските жртви.“
„Мирно го чекам судењето, тоа ќе ја изнесе вистината пред јавноста“, напиша Хакими на својот онлајн профил на социјалната мрежа „X“.
Ноќта помеѓу 24 и 25 февруари 2023 година, девојката разменила пораки со својата пријателка додека одела кон куќата на Хакими, по еден месец преписка, со фудбалерот на Инстаграм.
Како што изјавила, таа го сметале дека состанокот како можност да го заборави раскинувањето. Ѝ кажала на својата пријателка дека е нервозна, дека не е сигурна дека сето ова е за неа.
Неколку дена подоцна, таа го пријавила Хакими за силување.
„Ова судење се базира исклучиво на зборот на жена која ја попречувала истрагата во текот на целиот процес, одбивајќи медицински прегледи и ДНК тестирање, одбивајќи да даде пристап до нејзиниот мобилен телефон и одбивајќи да именува клучен сведок“, изјави Фани Колин, адвокатка на Хаким.
Сè уште не е познато кога ќе започне судењето.
Foto/ depositphotos
Спорт
ФФМ потврди дека од УЕФА добиле допис за сомнителни натпревари
Фудбалската федерација на Македонија потврди дека од УЕФА добиле дописи за сомнителни натпревари. Станува збор за натпревари од Првата и Втората лига и еден контролен натпревар.
„Во врска со информациите кои беа пласирани во дел од медиумите, а се однесуваат на истрага за наместени натпревари на домашни клубови, како и во однос на прашањата доставени до Фудбалската федерација на Македонија, информираме дека во насока на целосна транспарентност и со цел објективно информирање на јавноста, ги споделуваме дописите добиени од Одделот за интегритет при УЕФА.
Станува збор за дописи кои се однесуваат на неколку натпревари од домашното првенство и контролни/пријателски натпревари, за кои се евидентирани нерегуларности поврзани со уплати во обложувалници.
Напоменуваме дека во објавените документи одредени чувствителни информации се соодветно заштитени (покриени), исклучиво во интерес на истрагата и во согласност со насоките на надлежните органи. Објавувањето на тие делови во овој момент би можело да наштети на тековните постапки.
Фудбалската федерација на Македонија тесно соработува со одделот за интегритет на УЕФА и со надлежните државни институции во рамки на своите надлежности, со цел целосно расчистување на сите наводи и сомнежи.
Истовремено, потенцираме дека ФФМ не е истражен орган, туку постапува согласно добиените информации и во координација со институциите кои имаат законска надлежност за понатамошно постапување“, стои во соопштението до јавноста објавено на интернет страницата на ФФМ.
Под лупа на УЕФА се натпреварите Башкими-Шкендија (1:3), Струга-Башкими (6:0) и натпреварот од Вторала лига помеѓу Башкими и Вардар Неготино.
Сомнежи кај УЕФА постојат и за два натпревари на Охрид. Станува збор за дуелот Охрид-Тетекс (4:3) и контролниот натпревар Охрид-Работнички (2:8).

