Спорт
(Видео) Сити лесно се справи со Наполи, Рашфорд го реши Њукасл, дебакл на Галатасарај во Франкфурт
Големото дерби од првото коло од Лигата на шампионите на „Етихад“ заслужено им припадна на „Граѓаните“: Манчестер Сити го победи Наполи со 2:0.
Во центарот на вниманието беше довчерашниот капитен на „Граѓаните“, Кевин Де Брујне, со кого си поигра судбината. Тој го имаше своето деби за Наполи во Лигата на шампионите против „својот“ Сити, но беше заменет во 25-та минута.
Едноставно, Антонио Конте мораше да жртвува некого кога Ди Лоренцо доби директен црвен картон и реши да го направи тоа поранешниот капитен на Сити.
Од тој момент Сити нападна со сите оружја, но Вања Милинковиќ Савиќ беше одличен на голот на гостите. Тој го чуваше својот гол брилијантно, имаше шест одбрани во првото полувреме.
Сепак, во продолжението од натпреварот, тој и Наполи не издржаа со еден играч помалку.
Прво, Ерлинг Холанд ја потврди својата одлична форма и го доведе Сити во водство, а конечниот резултат го постави Дока со првиот гол во сезоната.
На другиот крај од Англија, во Њукасл, домаќинот и Барселона одиграа просечен натпревар. Славеа Каталонците со головите на поранешниот играч на Манчестер јунајтед, Маркус Рашфорд.
Првото полувреме донесе само една шанса, пред голот на Барселона, но Барнс не успеа да го совлада Гарсија.
Во вториот дел Рашфорд во 56-та минута со глава го постигна првиот гол, а девет минути подоцна ја скина мрежата на Пуоп. До крајот во 90-та минута Гордон успеа само да го намали резултатот.
Ајнтрахт во Франкфурт го декласира Галатасарај. Турскиот шампион кој вложи многу во тимот оваа сезона загуби со 5:1. Акгун му донесе предност на Галатасарај по само осум минути игра и тој резултат на семафорот стоеше до 37.минута, кога изедначи Доан. До крајот на првиот дел играчите на Ајтрахт во втората и четвртата минута од судиското надополнување на времето, постигнаа два гола, преку Узун и Буркарт. Овој вториот со уште еден гол ја зголеми предноста во 66-та, а Кнауф во 75-та минута стави точка на натпреварот.
Убедливи на домашен терен беа и играчите на Спортинг против дебитантот Каират (4:1).
Лошо започна мечот за Спортиг, Хјумланд не реализираше пенал. Тринкао погоди за 1:0 во претпоследната минута од првиот дел. Второто полувреме започна со две големи шанси за Каират. Гостите не реализираа, по што следуваше сурова казна, три гола за три минути. Тринкао постигна гол во 65-та, Алисон две минути подоцна, а во 68-та минута стрелец беше и Кенда. Првиот гол во историјата на Каират во Лигата на шампионите го постигна Едмилсон во 86-та минута.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Наместо отказ, Киву ќе добие нов договор
Еден ден по двојниот пораз од Боде/Глимт и елиминацијата од Лигата на шампионите, Интер се чини дека сака да го награди тренерот Кристијан Киву за дебаклот во Лигата на шампионите оваа сезона.
Дел од италијанската јавност нашироко шпекулираше за тоа дали Романецот е доволно добро решение за клупата на славниот клуб и доби неочекуван одговор. Наместо отказ, Киву ќе добие нов договор.
Според информациите на угледниот италијански инсајдер Никола Скира, претседателот на „Неразурите“ Џузепе Марота одлучи да му даде целосна поддршка на Киву.
Романскиот стручњак ќе добие понуда за продолжување на соработката до 2028 година, со можност за истата да биде продолжена за уште една година, како и значително зголемување на платата.
Доколку потпише, Киву ќе премине од сегашните 2,5 на повеќе од 3 милиони евра годишно, во зависност од резултатите.
Киву го презеде тимот по финалето на Лигата на шампионите минатата сезона, во кое Интер претрпе тежок пораз од Пари Сен Жермен (5:0). Крајот на минатата сезона беше обележан со разочарувања и во Купот и во првенството, каде што Интер ја загуби титулата во трката со Наполи.
Сепак, 45-годишниот Романец, легенда на клубот што ја освои тројната круна со Интер во 2010 година, успеа да го стабилизира тимот и да го одржи во борбата за скудетото.
И покрај шпекулациите за доаѓањето на Диего Симеоне од Атлетико Мадрид, Марота, според извори блиски до клубот, им рекол на сите во клубот, дека „Кристијан ги надмина очекувањата бидејќи нè води до титулата во неговата дебитантска сезона“.
Foto/ depositphotos
Спорт
ФА ги казни Челзи и Вест Хем
Фудбалската асоцијација (ФА) им изрече жестоки казни на Челзи и Вест Хем, за масовната тепачка меѓу играчите на крајот од натпреварот од Премиер лигата на „Стемфорд Бриџ“ на 31 јануари, во кој домашниот тим ја анулира негативата од два гола за да победи со 3:2.
Челзи ќе мора да плати 325.000 фунти (околу 372.600 евра), а Вест Хем Јунајтед 300.000 фунти (околу 344.000 евра) поради инцидентот во кој учествуваа околу 20 играчи.
Сè започна кога крилниот напаѓач на Вест Хем, Адама Траоре, го собори на земја домашниот дефанзивец Марк Кукуреља, а потоа влезе во пресметка со Жоао Педро, додека другите играчи интервенираа за да ја прекинат тепачката.
Откако ситуацијата се смири и видеото од инцидентот беше прегледано, главниот судија Ентони Тејлор го исклучи гостинскиот играч Жан-Клер Тодибо, бидејќи го држеше Педро за вратот со двете раце.
Фудбалската асоцијација (ФА) во соопштението изјави дека „ФК Челзи не успеал да обезбеди неговите играчи да не се однесуваат на несоодветен и/или провокативен начин во 95-та минута“.
Вест Хем Јунајтед е обвинет за истиот прекршок. ФА, објави дека двата клуба се изјасниле за виновни по горенаведените обвиненија.
Foto/ EPA
Спорт
Чоло за Гризман: Многу го сакам, разговаравме, тој ќе реши дали ќе остане
Атлетико Мадрид, синоќа, го победи Клуб Бриж дома со 4:1, благодарение на хет-трикот на Александар Серлот, и се пласираше во осминафиналето на Лигата на шампионите.
Тренерот Диего Симеоне беше пресреќен по натпреварот, тој зборуваше со медиумите за многу теми, а неизбежна тема беше најдобриот стрелец во клупската историја, Антоан Гризман. Гласно се зборува дека, Гризман, ќе го напушти тимот и ќе оди во МЛС лигата, во Орландо, беше неизбежен.
„Нема да зборувам во негово име. Многу го сакам, разговаравме за многу работи. Му кажав што мислам. Се надевам дека ќе го избере она што го смета за најдобро бидејќи заслужува да одлучи како што сака“, рече Симеоне.
Ливерпул и Тотенхем се можни ривали на Атлетико во осминафиналето.
„Не размислуваме за Ливерпул или Тотенхем. Уживаме во оваа победа. Враќањето во осминафиналето е важно и ќе видиме дали можеме да напредуваме. Тоа е голем напор од момците кои играат огромен број натпревари“.
Популарниот Чоло го пофали тимот на Клуб Бриж…
„Не им давам совети на другите. Ми се допаѓа тимот – млад, со многу добри играчи од средниот ред, им недостигаше Оњедика. Имаат брзи напаѓачи, силни напаѓачи и храбар тренер кој негува напаѓачки стил. Знаевме како да играме, особено во второто полувреме“, заклучи Симеоне.
Foto/ depositphotos

