Спорт
(Видео) Томпсон ќе прифати помала улога за да остане во Голден Стејт
Клеј Томпсон ги коментираше шпекулациите за можно заминување од Голден Стејт Вориорс. Искусниот кошаркар, не сака да го напушти Сан Франциско, подготвен да ја намали улогата во тимот за да остане меѓу „воините“.
Томпсон е далеку од нивото кое го покажуваше во претходните сезони, а во последните десетина натпревари погоди само една третина од обидите за три поени.
„Нема ништо лошо во помала улога. Ќе имам 35 години следната година. На 35 години, по скинати предни вкрстени лигаменти и Ахилова тетива, сè уште сум способен да бидам многу добар играч. Можеби не играч кој постигнува 60 поени во три четвртини и постигна рекорд во НБА 37 поени во една четвртина (асоцира на неговиот личен рекорд), но и понатаму сум одличен играч“, рече Томпсон.
Тој го следи примерот на другите легендарни шутери кои долго време играат во НБА.
„Мојата игра ја моделирав по Реџи (Милер) и Реј (Ален). Тие беа неверојатно ефикасни во доцните триесетти. Планирам и го следам тој модел“, истакна бекот на Вориорс.
Томпсон има просек од 16,9 поени со 3,4 скока и 2,3 асистенции и шутира 41,3 отсто од поле и 37,3 отсто за три поени оваа сезона.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Македонија со пораз од Данска го започна Европското првенство
Ракометната репрезентација на Македонија, со пораз го започна настапот на 17-то Европско првенство во Данска, Шведска и Норвешка. Во првото коло, во Б групата, Данска ја победи Македонија 36:24 (17:12).
Македонските репрезентативци, во Хернинг, дадода се од себе, но Данска го демонстрираше својот квалитет и покажа зошто е најдобриот тим во светот.
Македонија се држеше во првото полувреме, најмногу поради тактички добрата игра во нападот, одбраната не можеше да ги задржи ѕвездите на данската селекција.
Десет минути беше нерешено, а потоа Данците со молскавична серија 5:0 се одвоија на 8:3. Успеа Македонија да фати каков таков приклучок, намали на три гола и не реализира напад за минус два. На крајот првиот дел заврши 17:12.
Во вториот дел Данците го засилија темпото во одбраната, во првите 15 минути Македонија тешко доаѓаше до чисти позиции. Данците стекнаа двоцифрена предност и забележаа очекувана победа.
Најефикасни играчи во македонската репрезентација беа Серафимов со шест, односно Кузмановски и Митев со по четири гола. Најдобрите Данци, Питлик и Гидсел со девет осносно осум гола ја предводеа својата репрезентација.
Второто коло во Б групата на програмата е в недела, Македонија од 18 часот ќе игра против Португалија, а од 20.30 Данска ќе се соочи со Романија.
Foto/ EPA
Спорт
Тер Штеген пред трансфер во Џирона
Марк-Андре тер Штеген ќе ја напушти Барселона до крајот на преодниот рок. Германецот мора да брани доколку сака да биде во германската селекција на Мундијалот во САД, Мексико и Канада.
Според шпанските медиуми, речиси сè е договорено, германскиот голман да се пресели во Џирона. Тер Штеген ги прифатил условите, а сè што останува е клубовите да ги дефинираат деталите за позајмицата.
Тер Штеген го загуби местото како прв голман со доаѓањето на Џоан Гарсија, а се мачеше и со повреди во претходниот период.
Бидејќи сè уште има што да покаже, логичниот следен чекор беше да ја напушти Барса, засега само привремено, а ќе видиме на лето кои ќе бидат следните чекори.
Foto/ depositphotos
Спорт
Скандал на ЕП во ватерполо – Покрената е истрага поради обложување
Неколку ватерполисти од репрезентацијата на Малта се под истрага поради сомнение дека се обложувале на гол-разликата на натпреварот од Европското првенство против Црна Гора во Белград.
Информацијата ја објави порталот „Тајмс оф Малта“. Според истиот извор, по повод настанот е покрената истрага, а повеќе детали ќе бидат познати во наредните денови.
Селекцијата на Црна Гора го доби споменатиот дуел од групната фаза со резултат 21:12. Малта беше поразена во Белград од Франција (22:13), Унгарија (21:6), а денес во битката за пласман од 13-то до 16-то место го победи Израел 16:15.
Foto/ EPA

