Спорт
Заборавените 11 – Мачеда, Есиен, Коентрао, Џемба-Џемба, Жервињо, Антонио Валенсија…
Постојат фудбалери кои во кариерата го поминуваат патот од врвот до дното. Прво со клубовите ќе се качат на врвот на Европа или светот, па одат во пензија како анонимуси.
Многумина ќе се изненадат кога ќе разберат дека се уште активно играат. Заборавените 11, во формација 4-3-3.
Голман: Бред Џонс (37)
Чуварот на мрежата кој во кариерата играше за 12 клубови во 4 различни земји. Пред 9 години дојде во Ливерпул, но не успеа да се наметне, па во сезоната 2012/13 собра само 7 настапи. Денес брани во Ал Наср, Саудиска Арабија.
Стопер: Недум Онуха (33)
Овој англиски стопер потекнува од фудбалската школа на Манчестер Сити. Има 23 настапи за „граѓаните“ во сезоната 2008/09, по што му се губи трагата. Моментно игра за Реал Солт Лејк во МЛС лигата во САД.
Стопер: Стивен Тејлор (33)
Легендата на Њукасл, чиј дрес го носеше 13 години и понатаму е активен. По заминувањето од Њукасл се проба во МЛС лигата, а сега настапува во Австралија, за Велингтон Феникс.
Десен бек: Антонио Валенсија (34)
Беше капитен на Манчестер Јунајтед, но минатата сезона си отиде од „Олд Трафорд“ по 10 години и 241 меч. Се врати во родниот Еквадор и настапува за Квито.
Лев бек: Фабио Коентрао (31)
Во 2011 газдата на Реал, Флорентино Перез даде 30 милиони за да го доведе на „Бернабеу“. Сепак, тој никогаш не го достигна нивото кое го очекуваа, па по сезона во португалски Рио Аве, сега е слободен играч. Не е во пензија.
Централен играч од среден ред: Микел Есиен (36)
Омилениот играч на Жозе Мурињо, беспоштеден борец, еден од најдобрите фудбалери на Гана. Со Челси играше на 256 меча, а беше шампион на Англија пред да отиде во Милан. Сега игра за екипата на Сабаил, во Азербејџан.
Централен играч од среден ред: Ерик Џемба-Џемба (38)
Во кариерата играше во Франција, Англија, Катар, Данска, Израел, Шкотска, Индија, Индонезија, Србија и Швајцарија. Сер Алекс Фергусон го донесе во Јунајтед како замена на Рој Кин, но не се покажа на посакуваното ниво. Моментно е без клуб, но се уште бара ангажман.
Централен играч од среден ред: Шинсуке Накамура (41)
Еден од најдобрите изведувачи на слободни од Истокот. Играше за Селтик, Еспањол, а од 2010 е во Јапонија.
Лево крило: Сифиве Шабалала (35)
Уште една фудбалска икона бара нов клуб. Најпознатиот фудбалер на Јужноафриканската Република ова лето го заврши договорот со турски Ерзумспор. Запаметен е по сензационалниот погодок за својата земја на Мундијалот во 2010 против Мексико.
Десно крило: Жервињо (32)
Екс-играчот на Арсенал и Рома сега е во Парма. Имал мегаломански барања за да ја напушти Европа и да се пресели во ОАЕ (барал посебен хеликоптер, вила за цело семејство и приватна плажа).
Напаѓач: Федерико Мачеда (28)
Еден од најголемите таленти за кој Сер Алекс Фергусон мислеше дека нема шанси да киксне, сепак не успеа. За 6 години во Јунајтед собра само 19 настапи, а сега игра во грчки Панатинаикос.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Арбелоа: Знам кој ги организира акциите за да го ослабне Реал
Тренерот на Реал Мадрид, Алваро Арбелоа, одржа прес-конференција пред натпреварот од Лигата на шампионите против Монако, кој ќе се игра вечерва во 21 часот.
Коментирајќи ги свирежите на дел од публиката на „Сантијаго Бернабеу“, Арбелоа застана во одбрана на бразилскиот напаѓач Винисиус Жуниор.
„Сакам и очекувам поддршка од „Бернабеу“ за сите играчи, а пред сè за Винисиус“, рече тренерот. Тој ја нагласи важноста на навивачите за неговата игра, додавајќи дека „му е потребен „Бернабеу“ за да ја даде својата најдобра верзија“.
Арбелоа го опиша Винисиус како играч со „огромно срце“, кој е многу емотивен, што се рефлектира во неговиот фудбал. Тој ја отфрли можноста да го остави надвор од тимот за да го заштити.
„Тој секогаш ќе биде на теренот кога е достапен и кога настапува вака. Како тренер на Реал, ако сакам да имам шанса да победам, потребен ми е Винисиус на теренот“, заклучи тој.
Арбелоа ги изнесе обвинувањата, тврдејќи дека има организирани напади врз клубот.
„Знам дека има акции за ослабување на Реал Мадрид и знам кој ги организира“, рече тој, но не сакаше да открие повеќе детали.
Кога еден новинар го праша да ги разјасни своите тврдења, тој кратко одговори: „Вие сте новинари. Јас сум тренер на Реал Мадрид и сум фокусиран на натпреварот против Монако. Ја вложувам целата моја енергија и ентузијазам во тоа“.
Спорт
Џеко се сели во Шалке
Един Џеко (39) постигнал договор со Шалке, објави новинарот на „Билд“, Флоријан Плетенберг. Инсајдерот открива дека сега ќе мора да се договорат водечкиот тим во германската втора лига и Фиорентина.
Един Џеко ѝ се придружи ова лето, но одигра 18 натпревари (722 минути) главно како резерва и сега сака да си замине. Неговиот договор истекува по завршувањето на сезоната.
Плетенберг додава дека спортскиот директор Франк Бауман и тренерот Мирон Муслиќ успеале да го убедат Џеко да дојде и да им помогне да го задржат првото место, што им гарантира пласман во Бундес лигата.
Џеко е еден од најдобрите напаѓачи на 21 век и најголемиот фудбалер во историјата на Босна и Херцеговина. Играше за Железничар, Теплице и Усти над Лабем во Чешка, Волфсбург, Манчестер Сити, Рома, Интер и Фенербахче.
Вкупно, постигна повеќе од 400 гола во својата кариера, а со заминувањето во Шалке, ќе се врати во Германија по 15 години, кога го напушти Волфсбург.
Спорт
Јувентус се договорил со Матета, сега треба да се договори со Кристал Палас
Жан-Филип Матета постигна договор со Јувентус и го чека исходот од преговорите меѓу Кристал Палас и „старата дама“.
Италијанските медиуми открија дека Матета ја прифатил понудата на Јувентус, според која ќе заработува 4.000.000 годишно, но сега следува потешкиот дел од преговорите.
Наводно, Палас сака да собере 35.000.000 евра и бонуси, додека Јувентус нуди опција за позајмица до крајот на летото со задолжителен откуп за 28-30.000.000 евра. Оваа понуда клубот од Лондон ја одбил.
Матета врши притисок врз Палас, кој нема многу простор за маневар, поради што медиумите тврдат дека трансферот, на овој или оној начин, ќе биде договорен во наредните 48 часа.
Матета има договор до летото 2027 година и влегува во последната сезона во јуни, па Палас сигурно ќе профитира од него.
Палас за трансферот на ;Матета од Мајнц, во 2022 година, плати 11.000.000 евра.
Јасно е дека Матета доаѓа како замена за Душан Влаховиќ, кој ќе го напушти Торино како слободен играч следното лето.
Foto/ depositphotos

