Спорт
Заминувањето на Меси претставува тежок финансиски удар за Барселона
Заминувањето на Лионел Меси претставува тежок финансиски удар за Барселона. Консултантската компанија „Бренд фајнанс“, направи анализа, на загубите што ќе ги претрпи клубот со заминувањето на фудбалерот кој 21 година беше симбол на „Ноу Камп“.
Поради заминувањето на Меси, Барселона, од вкупната вредност ќе загуби 11 отсто, односно ќе изгуби 137 милиони евра од својата вредност. Клубот е проценет на 1,26 милијарди евра.
Според овој извор, најмногу пари, Барселона ќе загуби во спонзорскиот дел, околу 77 милиони евра, плус 43 милиони евра, од продажбата на дресови и останатите клупски производи.
Лошата финансиска ситуација го „избрка“ Меси од Барселона. Поранешниот фудбалер, Роналд де Бур, смета дека за тоа е виновна лошата трансфер политика во изминатите години и задолжувањата за да можат да се реализираат трансферите на Филипе Кутињо и Антоан Гризман.
„Сами ја предизвикаа оваа ситуација. Дел од одговорноста има и кај Ла Лига, бидејќи со години не реагираше туку само гледаше што се случува. Истото важи и за шпанската влада, која требаше да реагира. Кога имате компанија која секоја година се задолжува преку кредити за да го санира минусот, јасно е дека еден ден компанијата ќе пропадне. Тука лежи проблемот. Да трошиш стотици милиони евра за трансферите на Кутињо, Дембеле и Гризман, во ситуација кога немаш пари е неверојатна. Тука Ла Лига требаше да реагира, требаше да им каже дека тоа не смеет да го прават“, рекол Де Бур.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) „Црните мачки“ го запреа Арсенал
Сандерленд дефинитивно се хит во Премиер лигата на Англија. Вечерва „црните мачки“ ја прекинаа серијата од десет победи во која се наоѓаа фудбалерите на Арсенал.
Во спектакуларен меч на „Стадионот на светслината“, Сандерленд против лидерот одигра 2:2.
Гостите, лидерите на табелата, беа на прагот на победа што ќе ги однесеше на +9 во однос на конкурентите. Им се стемни кога во последната минута од судиското продолжение со акробатски потег гол постигна, Брајан Броби.
Тоа беше првиот гол на Холанѓанецот оваа сезона.
Претходно Балард, фудбалер кој потекнува од академијата на Арсенал, му донесе предност на Сандерленд. Изедначи Сака, а пресврт направи Тросар.
Спорт
Гризман постигна гол 28 секунди откако влезе во игра и реши Леванте
Атлетико Мадрид ја забележа својата четврта последователна, а вкупно шеста победа во последните седум натпревари во Ла Лига.
Во натпреварот од 12-то коло, „јорганџиите“ го победија Леванте со 3:1 на својот стадион.
Антоан Гризман, кој беше двоен стрелец за домашниот тим, постигна гол во 61-та и 80-та минута. Французинот постигна три гола во последните две кола.
Она што ќе се памети од овој натпревар е еден од најбрзите голови постигнати од клупата во историјата на шпанската лига.
Гризман ја затресе мрежата само 28 секунди откако влезе на теренот наместо Бариос. Ова е најбрзиот гол на резервен играч во последните десет години, кога станува збор за Ла Лига.
Спорт
Норис на пол-позцијата во Бразил, ужасни квалификации за Ферстапен
Актуелниот шампион Макс Ферстапен имаше очаен настап во квалификациите за Големата награда на Сао Паоло. Холанѓанецот испадна во првата квалификациска сесија, трката ќе ја започне од 16-та позиција. На пол позицијата е Ландо Норис, а до него во првиот ред е тинејџерот од Мерцедес, Андреа Кими Антонели.
Лошиот пласман на Ферстапен може да го отпише од шампионската трка. Со оглед на тоа што веќе е 39 поени зад лидерот Ландо Норис, сонот за одбрана на титулата полека станува токму тоа – сон. Последен пат вакви ужасни квалификации Макс имаше во 2021 година и Сочи.
Вториот ред на утрешната трка го комплетираа Шарл Леклер и Оскар Пјастри, а третиот Исак Хаџар и Џорџ Расел.
Траката за Големата награда на Бразил, утре ќе започне во 18 часот.

