Спорт
Збогум од Пекинг – „најбезбедните“ Олимписки игри свечено затворени
Игрите на 24. Зимска Олимпијада денеска завршија во Пекинг, на славниот стар стадион „Птичје гнездо“, ставајќи крај на една од најстудените Олимпијади (по температурите и по политичките односи), одбележана со спортски моменти за сеќавање и со неверојатна изолација и карантин во услови на пандемијата на КОВИД-19 во земјата од каде што вирусот потекна.
Пекинг стана првиот град во историјата кој бил домаќин на Летна и Зимска Олимпијада, и го предава олимпискиот оган на Милано и Кортина Д’Ампецо во Италија, каде што ќе се оддржат Зимските Игри во 2026.Пред тоа, ни следува и Летната Олимпијада во Париз, Франција во 2024 година.

Жанг Јимоу, познатиот кинески режисер, повторно беше задолжен за Свеченото затворање на Игрите, откако го режираше и свеченото отварање, но и двете церемонии на Летната Олимпијада во 2008 година.
Пред Игрите, САД предводеа бојкот на Игрите поради човековите права на етничките Ујгури во покраината Синџанг, на што Кинезите одговорија така што олимпискиот оган на стадионот беше запален од двајца млади спортисти – скијачката Динџир Џиламуџијанг, која потекнува токму од Синџанг и 21-годишниот Жао Џијавен во знак на единство.
Како што започнаа спортските натпреварувања, дел од спортистите се жалеа на стриктните ограничувања поради коронавирусот, како и на смрзнувачките температури на планините во близина на Пекинг, каде што се оддржуваа натпреварите во нордиско скијање и биатлон.

Во спортските арени, повторно беа доминантни Норвежаните со 37 освоени медали, од кои 16 златни, со своите ѕвезди биатлонецот Јоханес Тингнес Бое со 4 златни медали и едно сребро, како и крос-кантри „кралицата“ Терезе Јохауг, која заврши со три злата. Финска го прослави своето прво злато во хокејот на мраз во отсуство на НХЛ играчи, додека Швајцарците доминираа во алпското скијање.

Не недостасуваа и скандали. Уметничкото лизгање, грациозниот класичен спорт беше потресен по позитивниот допинг-тест на 15-годишната Русинка Камила Валиева и одлуката да и се дозволи настап. Таа не успеа да стигне до златото, предавајќи го тронот на нејзината сонародничка Ана Шчербакова. Американците пак, беа „навредени“ од Ајлин Гу, девојката родена во Калифорнија која освои две злата за Кина во фристајл скијањето и стана вистинска ѕвезда во земјата домаќин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Слот: Поредата на Вирц е удар за него и за клубот
Тренерот на Ливерпул, Арне Слот, пред натпреварот со Вест Хем изјави дека десниот бек Џереми Фримпонг е подготвен да се врати на теренот по едномесечна пауза, но дека натпреварот ќе го пропушти Флоријан Вирц.
Шампионот на Англија ги пречекува „Чеканите“ во натпреварот од 28-то коло од Премиер лигата, кој ќе се игра на „Енфилд“ попладнево од 16 часот.
Фримпонг, последниот натпревар го одигра на против Карабаг на 28 јануари.
„Џереми ќе биде во конкуренција за Вест Хем. Тој тренираше со нас неколку пати оваа недела и ќе биде во ростерот. Не очекувам Флоријан да биде во тимот, што секако е разочарување“, рече Слот, додавајќи:
„Секој пат кога некој играч не е достапен, тоа е разочарување, а ова е нешто што не го очекував по минатата недела. Сепак, понекогаш работите се развиваат на таков начин и, за жал, овој пат не на позитивен начин.“
Тренерот на Ливерпул нагласи дека не е јасно кога точно репрезентативецот на Германија би можел повторно да игра.
Фото/ depositphotos
Спорт
Започна сезоната во Мото ГП – Спринтот во Тајланд му припадна на Акоста
Возачот на КТМ рејсинг, Педро Акоста, ја забележа првата победа во кариерата, откако славеше во спринтот за Големата награда на Тајланд, со кој започна годинашниот шампионат во Мото ГП.
Шпанецот триумфираше по неверојатна битка со актуелниот шампион, Марк Маркез што траеше неколку круга. Актуелниот шампион беше подобар во нивниот дуел, но во моментот кога успеа да го мине ривалот, имаше контакт меѓу нив двајца, поради што му беше наредено да ја врати позицијата, што и го направи, а потоа немаше шанса да возврати.
На двајцата на подиумот им се придружи Раул Фернандес од Тракхаус, а трката беше обележана и со падот на освојувачот на пол-позицијата, Марко Бецеки.
Извиредниот спринт за Трехаус ја комплетира Аи Огура. јапонецот трката ја заврши на четвртото место, беше подобра од шампионот од пред две сезони, Хорхе Мартин на Априлија.
Големата награда на Тајланд во кралската класа започнува во недела во 9 часот наутро, а акцијата во Бурирам започнува во 6 часот наутро со првата трка во сезоната во категоријата Мото3.
Спорт
Чоло Симеоне сака да го види синот на Дејан Станковиќ во Атлетико
Александар Станковиќ е еден од најбараните млади фудбалери во Европа, по Борусија Дортмунд, интерес за српскиот играч од средниот ред покажа и Атлетико Мадрид.
Како што стојат работите сега, Клуб Бриж би можел да заработи огромна сума пари од продажбата на 20-годишниот фудбалер кого го доведоа од Интер на почетокот на сезоната за 9,5 милиони евра.
Нероаѕурите имаат клаузула што им овозможува да го откупат назад својот поранешен играч, се шпекулира дека цента за Интер е околу 23 милиони евра, но цената на Станковиќ постојано расте и веќе достигна 40 милиони евра.
Шпанското радио „Марка“, објави дека тренерот на Атлетико, Диего Симеоне, побарал од спортскиот директор, Матеу Алемани, да почне да работи на трансферот на Станковиќ.
Тренерот на Алетико, во кариерата беше соиграч со таткото на Александар Станковиќ во Лацио. Квалитетите на синот на актуелниот тренер на Црвена звезда, Аргентинецот можеше да ги види неодамна кога Атлетико и Бриж играа во плејофот од Лигата на шампионите.
Александар Станковиќ постигна седум гола и пет асистенции на 41 натпревар за Бриж оваа сезона.
Минатата година против Латвија тој го имаше дебито во репрезентацијата на Србија.

