Спорт
(Видео) Филипче: Првпат по 50 години се реконструира спортската сала „Работнички“
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, денеска со градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, ја посетија спортската сала „Работнички“, која во моментов се реконструира. Оваа спортска сала се реконструира за прв пат после 50 години и ќе добие комплетно нов и модерен изглед.
„Објектот кој што го одбележуваше развојот на спортот сега добива ново руво. Целосната реконструкција по европски стандарди ја отвора можноста во салата „Работнички“ да се одржуваат и европски натпревари. Но не е само квалитетот на новата сала, со нови трибини, кров и нова фасада, сметам дека со еден ваков обновен објект се враќа и духот на овој дел од Скопје, посебно на Градскиот парк“, рече Филипче.
Во моментов, во тек е втората фаза од реконструкцијата на салата, во рамки на која се врши целосна реконструкција и проширување на теренот, поставување нова еластична подлога според ФИБА стандардите, обновување на гледалиштето со нови седишта, реконструкција на соблекувалните и туш-кабините, како и поставување на климатизација и подно греење. Во првата фаза се постави нов кров и фасада, и целосно се реновираа канцелариските простории кадешто беа сместени спортските федерации.
Претседателот на СДСМ, Филипче посочи дека реконструкцијата на спортската сала „Работнички“ е само еден од многу проекти на општина Центар кои се од интерес на граѓаните, согласно нивните потреби.
„Општина Центар реализираше уште многу други значајни проекти, како обновувањето на основното училиште „Коле Неделковски“, градинката „Пролет“, претпријатието за производство и продажба на електрична енергија. Тоа се значајни проекти коишто го зголемуваат и сериозно го надградуваат капацитетот на општина Центар“, посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Салата Работнички е срцето на македонската кошарка. Таа е дел од нашето колективно паметење, генерации израснале тука – како спортисти, како навивачи, како луѓе. Денес стоиме на прагот на едно ново поглавје. Првата фаза од реконструкцијата е успешно завршена и отпочнавме со втората фаза. Во септември салата повторно ќе биде во функција, а нашиот Работнички се враќа дома – на својот победнички терен”, изјави Герасимовски.
Герасимовски, информираше дека секојдневно е во контакт со тимот на „Работнички“ и знае колку за нив значи ова место.
„Знам колку нетрпеливо чекаат да се вратат на својот терен. Во Центар испишуваме нова приказна – приказна за современа, динамична и просперитетна општина што пулсира со живот и напредок. Работиме посветено, и ја менуваме реалноста – чекор по чекор, проект по проект, заложба по заложба. Работнички е нашата гордост. Нашата сила. Наш поттик за нови победи”, посочи Герасимовски.
За изградбата на салата се обезбедени средства преку јавните повици од претходната и актуелната влада, со финансиска поддршка за двете фази на проектот. Целокупната реконструкција е согласно стандардите и процедурите на ФИБА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
(Видео) Барселона ја потопи „жолтата подморница“
Фудбалерите на Барселона лесно го победија Виљареал во 17-то коло од Примера (2:0), со што ја забележаа својата осма последователна победа во шпанската елита.
Избраниците на Ханси Флик, во Виљареал, го отворија резултаот во 12-та минута, кога Рафиња погоди од пенал.
Потоа следуваше шоуто на Ламин Јамал. Прво, Ренато Веига доби директен црвен картон во 39-та минута за наивен старт врз суперталентираниот 18-годишник, а пота Јамал во 63-та минута го постави конечниот резултат.
Јамал го постигна својот седми гол во 14-от лигашки натпревар, има и седум асистенции.
Од неуспехот во Ел Класико, Каталонците имаат само победи, со импресивна гол-разлика од 26:8. Во следниот натпревар, тие ќе гостуваат кај нивниот голем ривал Еспањол.
Барселона е на чело на табелата со 46 бода, четири повеќе од Реал Мадрид, Венаш зад водечката двојка е Атлетико, додека „жолтата подморница“ го зазема четвртото место.
Foto/ depositphotos
Спорт
(Видео) Астон Вила не запира, Роџерс му пресуди на Манчестер Јунајтед
Фудбалерите на Астон Вила го победија Манчестер Јунајтед (2:1) на свој терен во дербито на 17-то коло од Премиер лигата. Астон Вила ја забележа скромната шеста победа во 61-от меѓусебен дуел со Јунајтед во Премиер лигата.
Головите, со кои Вила ја продолжи победничката серија ги постигна Морган Роџерс во 45-тата и 58-та минута. На другата страна, Матеус Куња погоди во третата минута од судиското продолжение во првото полувреме.
За да биде уште полошо за „црвените ѓаволи“, капитенот и најдобар играч Бруно Фернандес се повреди и ја напушти играта на полувремето.
Единствениот позитивен факт е дебито на Џек Флечер (18), син на познатиот Дарен, играч на првиот тим на Јунајтед од времето кога клубот предовен од сер Алекс Фергусон владееше во Премиер лигата.
Роџерс речиси постигна два идентични гола на овој натпревар, со прецизен удар во спротицниот агол, при што првиот беше особено импресивен.
Куња постигна гол по големата грешка на Мети Кеш и добрата реакција на Патрик Доргу.
Куња беше тој што ја имаше најдобрата шанса во 68-та минута за израмнување, но неговиот удар со глава заврши покрај стативата.
Вила ја забележа својата 10-та победа по ред во сите натпреварувања и моментално е трета во Премиер лигата со 36 бода, три помалку од лидерот Арсенал. Следен противник за тимот на Унаи Емери е Челзи.
Јунајтед е седми со 26 бода, а негов следен ривал е Њукасл.
Фото/ Depositphotos
Спорт
Тренерот на Милан се соочува со жестока казна
Тренерот на Милан, Масимилијано Алегри, е соочен со долга суспензија поради навреда на спортскиот координатор на Наполи, Габриел Оријали, за време на полуфиналето на италијанскиот Суперкуп помеѓу двата клуба во четврток вечерта.
Како што објавува „Газета Спорт“, тренерот на второпласираниот тим од Серија А би можел да добие казна од неколку натпревари во домашното првенство поради несоодветните зборови што му ги упатил на поранешниот италијански фудбалер.
Во случај да не добие суспензија, трофејниот италијански стручњак веројатно ќе биде „удрен во џебот“, а Дисциплинската комисија е таа што треба да одлучи каква казна ќе му одреди на Алегри.
Од Наполи веќе изјавија дека се надеваат, дека Алегри ќе добие соодветна казна за своето простачко однесување.
„Се надеваме дека овој целосно неконтролиран напад нема да помине незабележано, особено затоа што, со 33 камери вклучени во продукцијата на настанот, беше невозможно да не се види што се случи“, се вели во соопштението на клубот кој ќе се бори против Болоња за титулата победник на италијанскиот Суперкуп.
За потсетување, Милан ќе го игра својот следен натпревар во Серија А само во недела, 28 декември во Верона.
Foto/ freerangestock

