Спорт
Конор Мекгрегор прогласен за виновен: Судот потврди силување и брутален напад

Конор Мекгрегор, еден од најпознатите ММА борци, претрпе пораз на суд во граѓанска парница во која Ирката Никита Хенд го обвини за силување и брутален напад во хотел на крајот од 2018 година.
Ирскиот суд едногласно ги отфрли сите пет точки од жалбата на Мекгрегор и ја потврди претходната пресуда според која тој мора да плати отштета од 248.600 евра, како и околу 1,3 милиони евра судски трошоци.
На судењето во Високиот суд во Даблин минатата година, поротата утврди дека Никита Хенд ја кажувала вистината кога опишала дека била силувана и удирана од Мекгрегор за време на приватна забава по божиќниот настан на ѕвездата на ММА.
За време на судењето, Мекгрегор се бранеше тврдејќи дека станува збор за консензуална врска и дека обвинувањата биле обид за уцена, но судот пресуди во корист на жртвата, додека сообвинетиот Џејмс Лоренс беше ослободен од одговорност за самиот напад.
Одбраната на Мекгрегор се базираше на неколку нивоа. Од обидот да се оспори употребата на неговите одговори „без коментар“ за време на полициското испрашување во судот, до тврдењата дека терминологијата во клучните прашања за поротата била непрецизна („напад“ наместо „сексуален напад“), до обидот да се допушти ново сведочење кое, според одбраната, би можело да го објасни потеклото на модринките на телото на тужителот.
Сепак, судот ги отфрли сите аргументи, наведувајќи дека ниту еден член на поротата не можел да биде заведен од формулацијата на прашањето, додека повлекувањето на барањето за нови сведоци се сметаше за индикација за слабоста на самата жалба.
Самиот Мекгрегор не беше присутен во судницата за време на изрекувањето на пресудата со која се отфрли неговата жалба. Поддржувачите на жртвата Никита Хенд се собраа пред судницата, а откако беше објавена одлуката, таа рече дека процесот бил исклучително тежок и болен и дека сега може да го започне процесот на заздравување. Таа, исто така, ги повика другите жртви да не се откажуваат и да бараат заштита и правда преку институциите.
Борецот не зборуваше во медиумите или на социјалните мрежи во врска со пресудата, додека ирската јавност го следи целиот случај низ призмата на општествената одговорност на спортските идоли и потребата од зајакнување на правата на жртвите на сексуално насилство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Интер на Меси му нуди договор „да игра до кога сака“

Фудбалскиот клуб Интер Мајами е во преговори со Лионел Меси за продолжување на договорот.
Доколку не се случат непредвидени настани, Аргентинецот ќе остане во Мајами. Се зборуваше за негово можно заминување со цел подобро да се подготви за Светското првенство во 2026 година, кое ќе се игра во Канада, Мексико и САД, а би било лош публицитет за Американците ако Лео одлучи да си замине кога ќе му истече договорот на крајот од годината.
Се шпекулираше дека сака да игра во посилна лига, но Интер прави сè за да го задржи, па затоа по негова волја беше доведен и Родриго де Пол од Атлетико Мадрид. Интер за овој трансфер издвои 15 милиони евра.
Покрај тоа, тие размислуваат за договор од најмалку три години, па дури и подолг доколку Лео го сака тоа. Ќе се обидат да постигнат договор според кој Аргентинецот ќе може да избере кога сака да стави крај на својата кариера, односно тоа да не е временски ограничено.
После тоа, Меси би се фокусирал повеќе на учество во управувањето со Интер Мајами, каде што има и акции, но не би било изненадувачки ако се посвети на одредени операции во Барселона.
Спорт
Њукасл јунајтед одбил вистинско богатство за Исак

По неколку недели шпекулирање, Ливерпул конечно одлучи да испрати официјална понуда до Њукасл за најдобриот стрелец на тимот, Исак. „Страчките“ ја одбиле понудата.
„Њукасл одби понуда од 120 милиони фунти, или речиси 140 милиони евра и одредени бонуси, испратена до нив од Ливерпул“, објави новинарот на „Атлетик“ Дејвид Орнштајн.
Наместо да ја прифати понудата, Њукасл му понуди на 25-годишниот напаѓач нов договор со клаузула за заминување што може да се активира следното лето, но тој остана цврст во својата одлука да го напушти клубот.
Неговата желба е да се пресели во Ливерпул, но она што е сигурно е дека клубот од „Сент Џејмс Парк“, нема да го пушти шведскиот репрезентативец сè додека, односно, не најде соодветни засилувања.
Њукасл претходно изрази интерес за Јоан Виса од Брентфорд, кој одби да тренира (за што ќе биде строго казнет), револтиран што клубот не му дозволува трансфер.
Foto/ EPA/ADAM VAUGHAN
Спорт
На Донарума му понудиле 20 милиони евра од сезона

Џанлуиџи Донарума минатата сезона беше совладан 43 пати на 47 натпревари, при што на 17 натпревари не прими гол. ПСЖ ја освои Лигата на шампионите, Лига 1 и Купот на Франција. И покрај споменатите успеси, се зборува за можна разделба на ПСЖ и италијанскиот репрезентативен голман.
Проблем за „светците“ е неговата плата од 12 милиони евра по сезона, но и можноста на крајот да остане без никаква отштета, доколку одлучи да си замине како слободен играч.
ПСЖ не сака да му се случи Мбапе и да остане без важен играч, а да не добие обесштетување.
Најсериозен интерес покажува Манчестер јунајтед, пишуваат англиските медиуми, но тој клуб не е единствениот што би сакал да го доведе Донарума. Тоа веќе беше споменато претходно во контекст на трансферот во Галатасарај, има интерес и од Саудиска Арабија.
Според информациите, двата клуба му нудат по 20 милиони евра по сезона.