Македонија
(ВИДЕО) Доктор Георгиева: Од експлозија на петарда во дланка доаѓа до ампутација на рака
Над 80 проценти од повредените од пиротехнички средства се малолетни лица, велат статистиките на Клиниката за пластична хирургија. Доктор Гордана Георгиева во интервју за „Макфакс“ вели дека последиците од експлозија на петарди во дланка можат да бидат фатални и да доведат до целосна ампутација на дланката. Според неа, кампањата што ја спроведуваше Клиниката, но и МВР, дала плод. Бројот на повредени од пиротехника се намалува.
„Над 80 проценти од повредените од пиротехнички средства се малолетни лица. Кампањата што ја спроведовме минатата година во речиси сите основни училишта во Скопје даде плод. Учениците не ги знаат последиците кои може да се настанат од употреба на петардите. Мислам дека кампањите за подигнување на свесноста дадоа резултат. Од експлозија на пиротехника доаѓа до хедикеп, дури и ампутација на прст, но и цела дланка“, вели доктор Георгиева.
Тимот на Клиниката за пластична хирургија бил вчудовиден од основците, кои пред презентациите за последиците раскажувале какви сè петарди постојат, кажувале како ги употребувале и слично.
„Кога почнуваме со најавата на презентацијата, обично тие се повеќе информирани од нас за тоа какви типови на пиротехнички средства постојат, какви типови петарди. Тие се фалат, на пример: ‘Јас кога правам вака, таму ги најдов, вака ги употребуваме’. Ние бевме вчудовидени и изненадени од нивните познавања. Откако им укажавме на последиците, дека можат да останат без раце, изгорени, да повредат очи, влијаевме на тоа да се намали употребата или да не ги користат сами. Досегашната статистика донесе до тоа бројот на повредени од употреба на пиротехника да биде едноцифрен“, додава доктор Гордана Георгиева.

Најмладиот повреден пациент имал девет години, а непознавањето при употреба на пиротехниката придонесува до траен инвалидитет.
„Последните неколку години кога имаме повреда на возрасни луѓе е кога сакале да им помогнат на помладите во момент кога ги гледале дека ракуваат со пиротехнички средства, па во момент кога им ги одземаат да настане експлозија поради ненавремено гаснење“, посочи Георгиева.
Доктор Георгиева посочи дека тимот на Клиниката за пластична хирургија изминатава година имал бројни операции. Таа посочи дека тие се трудат да излезат во пресрет на сите пациенти кои бараат помош од нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.

