Свет
Австралија погодена од циклонот Алфред, десетици илјади луѓе евакуирани
Австралиските власти наредија евакуација на илјадници луѓе во источните региони пред пристигнувањето на тропскиот циклон Алфред бидејќи невремето веќе донесе силен дожд, огромни бранови и силни ветрови, кои доведоа до прекин на електричната енергија, затворање на аеродромите и поплавени плажи. Како што циклонот Алфред полека се приближува до брегот, расте загриженоста за подолг период на обилни врнежи и се очекува да го погоди земјиштето како бура од втора категорија северно од Бризбејн, третиот најнаселен град во Австралија, соопшти Бирото за метеорологија.
Отворени се десетина центри за евакуација, изјави премиерот на Квинсленд, Дејвид Крисафули, на прес-конференција. „Имајте план за евакуација ако сте во една од овие области“, ги повика тој оние што се на патот на циклонот советувајќи ги да ги обезбедат своите домови пред да се евакуираат. „Ако се сомневате, одете и останете со пријателите и семејството“.
Налетите на ветерот со брзина од над 100 км/ч во текот на ноќта ги погодија крајбрежните области на Квинсленд и Нов Јужен Велс. Струјата е исклучена на повеќе од 80.000 дома во двете држави, соопштија електроенергетските компании.
Делови од северен Нов Јужен Велс добија повеќе од 400 милиметри дожд во изминатите 48 часа, што го надминува просечниот вкупен дожд за март, покажаа податоците, додека жителите се обидуваа да ги спасат своите имоти од заканата од поплави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Словачка ја разгледува Полска како нова рута за увоз на гас
Словачкиот претседател, Петер Пелегрини, ја поздрави можноста земјата да увезува гас преку Полска, како алтернатива на рускиот природен гас.
По средбата со полскиот колега Карол Навроцки, Пелегрини истакна дека поврзувањето на гасните мрежи би овозможило диверзификација на енергетскиот увоз, доколку цените и транзитните такси бидат разумни.
Навроцки најави дека Полска има план да стане регионален центар за снабдување со американски течен гас. Двајцата лидери ја истакнаа важноста од инфраструктурното поврзување и имаат усогласени ставови за миграцијата и безбедноста во рамките на НАТО.
Свет
Мексико: Сопругата на убиениот градоначалник ја презема неговата функција
Сопругата на градоначалникот кој беше брутално убиен за време на прославите на Денот на мртвите во мексиканската држава Мичоакан, која е погодена од насилство, ја презеде функцијата на својот сопруг, ветувајќи дека ќе продолжи со неговата борба против организираниот криминал, објави Ројтерс, цитиран од БТА.
Гресија Кирос положи заклетва како градоначалник на Уруапан, познат како престолнина на авокадото во Мексико, откако државниот конгрес едногласно го одобри потегот.
„Денес доаѓам со скршено срце затоа што ми го одзедоа партнерот во животот, таткото на моите деца, но и со храброста со која тој се спротивстави да се бори“, рече Кирос за време на положувањето заклетва.
„Тие нема да ме замолчат… Ќе ги следам неговите стапки“, додаде таа, држејќи ја шапката на нејзиниот покоен сопруг како симбол на нивното движење.
Вооружен човек со качулка го застрела и уби 40-годишниот Мансо додека присуствуваше на фестивал со свеќи, во напад што предизвика национален бес, делумно поради неговите отворени критики кон федералната влада дека не презема доволно мерки за борба против организираниот криминал.
Свет
Русија тврди дека украински војници се предале во Покровск
Рускиотo Министерство за одбрана соопшти дека украински војници од 68. ловечка бригада се предале во Покровск, откако биле опколени и, како што тврди Москва, напуштени од своите команданти, пренесе „ТАСС“.
Во соопштението се наведува дека припадниците доброволно се предале поради интензивен артилериски оган. Русија објави и сведоштва на заробени војници, кои велат дека биле без храна и лекови, а еден од нив изјавил дека се предал од очај.

