Свет
Австралијка (23) заглавена меѓу карпи, висела надолу цели седум часа
Девојка во Австралија останала заглавена наопаку 7 часа меѓу крпи додека се обидувала да го пронајде својот изгубен мобилен телефон, пишува Си-ен-ен. Тоа се случи на почетокот на овој месец, а на фотографиите објавени вчера од Службата за брза помош во Нов Јужен Велс (НСВ) се гледаат само голите стапала на жената.
Жената се шетала со пријателите на приватен имот во Лагуна, селско гратче во долината Хантер, на околу 120 километри од Сиднеј, кога ѝ паднал мобилниот телефон.
Додека се обидувала да го земе, се лизнала напред во пукнатина од 3 метри меѓу два големи карпи. Пукнатината била толку длабока што нејзините пријатели не можеле да допрат до неа. Службите за итни случаи официјално не го објавија името на жената, но полицијата на Нов Јужен Велс соопшти дека таа имала 23 години.
Специјалистот за ЕМС, Питер Вотс, изјави за Си-ен-ен дека нема телефонски сигнал во областа, па нејзините пријатели морале да ја остават за да повикаат помош.
„Мојата првична мисла беше како ќе ја извлечеме одовде? Затоа што никогаш не сум наишол на ваков случај“, изјави Вотс за Си-ен-ен.
„Додека се вовлекуваше во оваа мала дупка, таа се лизна околу десет метри по каналот и се заглави“, рече Вотс. Областа во која паднала била на 50-ина метри по патека обрасната со грмушки, недостапна дури и за теренски возила.
„Размисливме за тоа и решивме дека единствениот начин да ја извлечеме е да излеземе вертикално од пукнатината, што значи дека треба да ги отстраниме овие карпи“, рече Вотс.
„Требаше да се отстранат шест големи камења пред спасувачите да се приближат доволно за физички да ги допрат нејзините стапала.
Беше толку мирна и сталожена за време на спасувањето. Бев многу импресиониран. Јас би бил откачен. Воопшто не беше во паника“, изјави Вотс.
Тие беа загрижени дека таа била наопаку толку долго и дека можеби страда од последиците од прекумерниот притисок врз нејзините екстремитети. Беа потребни неколку часа пред да биде отстрането доволно од карпите за спасувачите да пристапат првин до едната, а потоа и до другата нога.
„Последниот преостанат камен – околу 500 килограми – беше тешко да се помести. Користивме дрво од двете страни за да спречиме да се ниша или да се преврти преку тој мал јаз од 10 см додека не го остранивме од патот“, рече Вотс.
„Кога ја извлековме, девојката беше уморна и со вртоглавица. Целата крв ѝ беше во главата, а немаше ништо во нозете, па не можеше да стои или да оди“, рече тој.
Девојчето за чудо добило само ситни гребнатинки и модринки. По спасувањето, таа била пренесена во болница на набљудување. Но, нејзиниот мобилен телефон останал меѓу карпите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.

