Европа
Австриски лекари: Третиот бран на коронавирусот би бил несовладлив
Австриските лекари предупредуваат дека третиот бран на зараза од коронавирус за болниците би бил надминат само условно. Нивото на дневни инфекции е сè уште високо, истакнуваат тие, додавајќи дека состојбата на интензивна нега е сè уште тешка.
Специјалистот за интензивна нега, Клаус Маркшталер, предупреди дека на клиниката АКХ во Виена имаат тешки случаи на лица на возраст од 20 и 30 години.
Неговиот колега од Линц, Бернд Лампрехт, посочува дека болничкиот персонал бил изложен на екстремни напори со недели поради големиот број на ковид-пациенти.
„Тој напор не може долгорочно да се издржи“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шефот на германското разузнавање: НАТО може да го активира членот 5 поради руските саботажи
Руската саботажа на западни цели на крајот може да го поттикне НАТО да размисли за повикување на клаузулата за заемна одбрана од членот 5 на Алијансата, изјави шефот на германската служба за надворешно разузнавање (БНД).
Говорејќи на настанот на тинк-тенк ДГАП во Берлин, директорот на БНД, Бруно Кал, рече дека очекува Москва дополнително да ја зајакне својата хибридна војна. „Широката употреба на хибридни мерки од страна на Русија го зголемува ризикот НАТО на крајот да размисли да се повика на клаузулата за заемна одбрана од член 5“, посочи тој.
„Истовремено, зголемувањето на рускиот воен потенцијал значи дека директен воен конфликт со НАТО станува една од можните опции за Кремљ“, оценува тој. Според член 5, доколку е нападната членка на НАТО, другите членки на алијансата се должни да и помогнат да одговори.
НАТО и западните разузнавачки служби предупредија дека Русија стои зад зголемениот број непријателски активности низ евроатлантскиот регион, од повторени сајбер напади до подметнување пожар, што Русија го негира.
Ако Русија нападне еден или неколку сојузници на НАТО, тоа не би го сторила за да заземе огромни делови од земјата, убеден е Кал, туку за да ги тестира црвените линии поставени од Западот со цел да го порази западното единство и НАТО како одбранбен сојуз.
„Сè уште немаме индикации дека Русија има намера да војува, но ако таквите чувства надвладеат во владата во Москва, тогаш ризикот од воен конфликт ќе се зголеми во наредните години“, рече тој.
Според неговите експерти, високи функционери во руското Министерство за одбрана се сомневаат дека членот 5 на НАТО, вклучително и американските заштитни мерки за Европа, навистина ќе се применуваат во итен случај, заклучува шефот на разузнавањето.
Европа
Медведев: Мојата тажна шега изгледа се претвора во застрашувачка реалност
Поранешниот руски претседател и актуелен заменик-шеф на рускиот совет за безбедност Дмитриј Медведев испрати предупредување до САД во објава на Телеграм. Тој ги критикуваше наводите што се појавија во Русија, според кои се подготвува трансфер на нуклеарно оружје од САД во Украина. „Немаме планови да ја опремиме Украина со нуклеарно оружје“, изјави Белата куќа за Њузвик како одговор на овие извештаи и коментарите на Медведев.
„Американските политичари и новинари сериозно разговараат за последиците од префрлањето на нуклеарното оружје во Киев. Се чини дека мојата тажна шега за лудиот, сенилен Бајден, кој реши достоинствено да го напушти овој свет, земајќи со себе значаен дел од човештвото. се претвора во застрашувачка реалност“, напиша Медведев.
„Да се даде нуклеарно оружје на земја во војна со најголемата нуклеарна сила? Идејата е толку апсурдна што предизвикува сомнеж за параноична психоза кај Џо и кај секој кој би советувал таков потег“, додаде тој.
Тој продолжи: „Сепак, морам да ја коментирам оваа глупост:
Самата закана за пренос на нуклеарно оружје на режимот во Киев може да се смета за подготовка за нуклеарен конфликт со Русија. Преносот на ваквото оружје може да се поистоветува со акт на напад врз нашата земја според член 19. Основата на државната политика во областа на нуклеарното одвраќање. Последиците ќе бидат очигледни“, напиша тој.
Според членот 19 од Основата на државната политика на Руската Федерација за нуклеарно одвраќање, на која се повика Медведев, од 2020 година „условите што ја специфицираат можноста за употреба на нуклеарно оружје од страна на Руската Федерација вклучуваат добивање на веродостојни информации за можното лансирање балистички ракети на територијата на Руската Федерација и/или нејзините сојузници“.
Рускиот претседател Владимир Путин неодамна потпиша ажурирана нуклеарна доктрина, која нагласува дека Русија ќе направи „се што е потребно за да ја намали нуклеарната закана“ и се обидува да спречи ескалација на тензиите меѓу државите што може да доведе до „воени конфликти, вклучително и нуклеарно“.
Доктрината, исто така, наведува „неизбежна одмазда во случај на агресија против Руската Федерација и/или нејзините сојузници“.
Европа
Украинците: Целосно го исчистивме Купјанск од руски војници
Украинците тврдат дека ги истуркале Русите од Купјанск во областа Харков и дека сега ја контролираат ситуацијата на периферијата на градот.
„Тие се обидуваат да се инфилтрираат преку мали напаѓачки групи, а потоа се натрупуваат. Тоа го прават без ангажман на голем број оклопни возила. Успеавме да ја стабилизираме ситуацијата на тој фронт, а непријателот беше одбиен“, рече Назар Волошин, портпарол на Оперативната стратешка група на силите.
„Непријателската опрема и обидите за преминување на другата страна веднаш се спречени со акција на артилерија и беспилотни летала. Се е под контрола на нашата одбрана. Дури и ако некои групи преминат со 8 или 10 лица, двајца или тројца од нив стигнуваат до брегот“, додаде Волошин, пренесува „Украинска правда“.
Олех Синехубов, шеф на воената администрација на Харковската област, исто така изјави дека руските сили со брод го минуваат десниот брег на реката Оскил во областа Купјанск, но нагласи дека украинските бранители ги уништуваат овие групи.
„Да, имаше такви случаи. Диверзантско-извидувачките групи постојано ги тестираат одбранбените позиции на нашата армија и користат различни тактики. Тие го минуваат Оскил со чамци. Тие всушност шетаат низ мински полиња. А нашите војници ги откриваат сите овие случаи и се обидуваат да го уништат непријателот што е можно повеќе на приодите на Ќупјанск и други области“, рече тој.
Проукраинскиот телеграмски канал DeepState објави и дека украинските војници ја завршиле операцијата за расчистување на Купјанск. Купјанск беше заземен од руските сили на почетокот на инвазијата во февруари 2022 година, но беше повторно преземен од украинските сили подоцна истата година.