Европа
Австрија води истрага против 21 лице за поврзаност со нападот во Виена

Австриските органи спроведуваат истрага против 21 лице за можни врски со неодамнешниот терористички напад во Виена, иако истражителите сè уште веруваат дека атентаторот го извршил нападот сам.
„Претпоставуваме дека Кујтим Фејзулаи немал директни соучесници во нападот, но дејствувал сам. Колку луѓе имале увид во неговите планови, истрагата допрва треба да покаже“, рече шефот на истражната група „2 Ноември“, Мајкл Лонегер, на прес-конференција.
Шефот на истрагата во Австрија рече дека во моментот се водат истраги за 21 можен соработник на виенскиот терорист за да се покаже дали и во колкава мера биле запознаени со неговите планови за нападот, во кој уби четири лица и рани над 20.
„Десетмина се во притвор, за другите 11 немаше доволно конкретни докази за притвор“, соопшти канцеларијата на државниот обвинител во Виена.
Истрагата откри дека напаѓачот имал врски со исламисти во Германија и Швајцарија и дека се обидувал да набави муниција за автоматско оружје во Словачка на почетокот на летото.
Сторителот, 20-годишник роден во Виена со албанско етничко потекло, кој имал и македонско државјанство, пред десет дена нападна луѓе на улиците во центарот на Виена, вооружен со автоматска пушка, пиштол и мачета.
Засега е непознато како тој пристигнал во центарот на Виена со ова оружје, но се претпоставува дека не користел јавен превоз.
По нападот, Австрија призна дека словачката разузнавачка служба ја известила оти сторителот се обидел да купи муниција и дека се сретнал со двајца исламисти од Германија и уште двајца од Швајцарија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Полицијата го идентификуваше напаѓачот во Манчестер: уште тројца уапсени

Полицијата за борба против тероризмот потврди дека напаѓачот во утринскиот напад врз синагогата во Манчестер е 35-годишниот Џихад ал Шами, британски државјанин од сириско потекло.
„Врз основа на она што го знаеме во моментов, нашите евиденции не укажуваат на какви било претходни антитерористички истраги во врска со ова лице“, соопшти полицијата.
Тие додадоа дека три лица – двајца мажи на возраст од 30 години и една жена на возраст од 60 години – се уапсени и се приведени под сомнение за извршување, подготовка и поттикнување терористички акти.
Двајца мртви на местото на настанот, тројца тешко повредени
Полицијата потврди дека двајца мажи се прогласени за мртви на местото на нападот, додека тројца други мажи се во болница со сериозни повреди. Еден од нив претрпел убодна рана, друг бил удрен од автомобил вклучен во нападот, а трет подоцна сам отишол во болница со повреда за која се сомнева дека ја здобил додека полицијата го запирала напаѓачот.
Европа
(Видео) Орбан: Посилни сме од Русија; Туск: Ми се допаѓа кога ги користи моите аргументи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан повтори дека Европската Унија не треба да се плаши од Русија бидејќи е посилна од неа во однос на капацитетите. „Вистинската опасност е економската стагнација и губењето на конкурентноста“, рече Орбан.
Додека полскиот премиер Доналд Туск разговараше со група полски новинари на маргините на состанокот на Европската политичка заедница во Копенхаген, еден од нив реши да му постави прашање на Орбан, кој беше во близина и даваше коментари на унгарските новинари.
„Кој претставува главна закана за Европа“, извика новинарот, очекувајќи коментар од унгарскиот политичар.
Туск потоа му рече на Орбан: „Ова е провокација“.
Сепак, Орбан остана смирен и му одговори на новинарот: „Вистинската опасност? Економска стагнација и губење на конкурентноста“.
„Не Русија?“, праша потоа полскиот новинар.
😅Best dialogue at the Copenhagen summit!
– Orban: “We all spend more on armaments than Russia, so why are we afraid? We are stronger than them.”
– Tusk (tugging Orban by the sleeve): “I love it when he uses my arguments.” pic.twitter.com/7YF9Hs3Wfs
— NEXTA (@nexta_tv) October 2, 2025
„Ние сме посилни од Русија. Направете некои споредби и засновајте го вашето мислење на факти. Имаме повеќе од 400 милиони луѓе, а Русија има околу 130. Погледнете го европскиот БДП, толку е голем. Русија е толку мала. Сè заедно, 27 земји, трошиме повеќе за војската отколку Русите. Па зошто се плашиме? Ние сме посилни од нив“, нагласи Орбан.
„Ми се допаѓа кога ги користи моите аргументи“, се вмеша Туск. Орбан додаде дека европските земји мора „да се обединат и заедно да ги бранат своите интереси“.
Пред неколку дена, Орбан изјави дека Русија „веќе ја добила“ војната против Украина, иако е воено и економски слаба. Орбан, исто така, рече дека руските беспилотни летала ќе бидат соборени ако влезат во унгарскиот воздушен простор.
Европа
(Видео) Путин: Ако сме „хартиен тигар“ и напредуваме, тогаш што е НАТО?

Рускиот претседател Владимир Путин го критикуваше американскиот претседател Доналд Трамп за тоа што ја нарече Русија „хартиен тигар“ и рече дека Москва брзо ќе одговори ако смета дека Европа ја провоцира.
Трамп, кој претходно изјави дека Киев треба да се откаже од територија за да се стави крај на војната, минатата недела ја промени својата реторика, велејќи дека Украина може да ја врати целата територија што Русија ја зазеде и опишувајќи ја Русија како „хартиен тигар“. Тој го повтори тоа оваа недела.
„Руските сили напредуваат по целата фронтова линија во Украина“
Путин, зборувајќи на состанокот на клубот Валдај во Сочи на Црното Море, рече дека руските сили напредуваат по целата фронтова линија во Украина и дека речиси целиот НАТО, предводен од САД, сега се бори против Русија.
„Хартиен тигар. Што е следно? Ајде да се позанимаваме со тој хартиен тигар“, рече Путин. „Значи, ако се бориме против целиот НАТО, се движиме, напредуваме и сме самоуверени, и сме ‘хартиен тигар’, тогаш што е НАТО?“
„Ако некој сè уште сака да се натпреварува со нас во воената сфера, како што велиме, слободно, нека се обиде“, рече тој. „Руските контрамерки нема да чекаат долго.“