Европа
Активисти на „Гринпис“ во знак на протест поставија транспарент на покривот на зградата на ЕЦБ во Франкфурт
Активисти од меѓународната еколошка организација „Гринпис“ денеска се спуштија на покривот од зградата на Европската централна банка (ЕЦБ) за да развијат транспарент во знак на протест против политиката за заеми на оваа финансиска институција, за која климатските активисти тврдат дека ја фаворизира индустријата на најголемите загадувачи.
Агенцијата наведува дека активистите, со помош на моторизиран параглајдер, дошле до покривот на зградата во седиштето на ЕЦБ во Франкфурт, пред да развијат транспарент со натпис „Стоп за финансирање на климатските убијци“.
ЕЦБ потврди дека активистите се спуштиле на нејзиниот покрив и дека поради овој случај била повикана полиција, пренесува АП.
АП пренесува дека „Гринпис“ соопштил дека една неодамнешна студија покажала дека банката им дава подобар рејтинг-ризик на компаниите што произведуваат големи количини на стакленички гасови, додека индустријата прифатлива за климата е оптоварена со поголема маржа помеѓу пазарната вредност на нивните средства и вредноста што ја припишува ЕЦБ, и на тој начин банката систематски ја поткопува заштитата на климата.
ЕЦБ на почетокот на оваа година објави дека формира специјална единица за координација на мерките против климатските промени за време на својата работа, наведува агенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Уапсени двајца тинејџери во Франција: планирале терористички напад
Двајца 16-годишници беа уапсени претходно оваа недела во северна Франција под сомнение за планирање напади врз трговски центар или концертна сала, соопшти канцеларијата на францускиот обвинител за антитероризам во петокот.
Апсењата спречија планиран напад, соопшти канцеларијата, пренесува Ројтерс.
Обвинителот за антитероризам рече дека еден од двајцата малолетници почнал да следи џихадистичка пропаганда. Имињата на уапсените не беа објавени.
Европа
Мерц реизбран за лидер на ЦДУ
Германската владејачка партија, Христијанско-демократската унија (ЦДУ), денес го реизбра Фридрих Мерц за свој лидер.
Мерц беше поддржан од 878 од 963 членови на партијата на националната партиска конференција во југозападниот град Штутгарт.
Резултатот е негов втор најдобар досега.
Во 2022 година, тој беше избран со 94,6 проценти од гласовите на онлајн партиска конференција, а подоцна беше потврден со гласање по пошта со 95,3 проценти од гласовите. Во 2024 година, тој доби 89,8 проценти од гласовите.
Дводневниот партиски состанок доаѓа на почетокот на предизвикувачка година за ЦДУ, која се соочува со избори во пет федерални држави во март и септември.
Според анкетите, крајната десница ги надминува конзервативците во две источни држави.
Мерц на митингот изјави дека ЦДУ мора „да спречи враќање на крајнодесничарскиот радикализам на власт во федералните држави на Германија“.
Европа
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија
Уште тројца скијачи загинаа во лавини во Австрија денес, соопштија властите, во најновиот смртоносен инцидент оваа зима.
Две лица се пронајдени мртви по лавина во скијачкиот центар Санкт Антон ам Арлберг.
„Жртвите беа извлечени од снегот, но не беше можно да се спасат“, изјави портпаролот на полицијата. Уште три лица се повредени. Властите првично не дадоа никакви детали за идентитетот, возраста или националноста на жртвите.
Претходно, 42-годишен германски скијач загина во лавина во тиролскиот скијачки центар Наудерс. Мажот скијал надвор од стазата со својот 16-годишен син, кој преживеал со сериозни повреди, соопшти полицијата. Тие се обидувале да ја преминат северната падина кога се откинала плоча од снег широка околу 400 метри, носејќи ги околу 200 до 300 метри надолу.
До 40 сантиметри свеж снег паднале во делови од Тирол во последните денови. Властите предупредија дека ризикот од понатамошни лавини останува висок. Само во среда во Тирол беа регистрирани повеќе од 30 лавини.

