Свет
Амбасадата на САД во Киев стравува од ракетни напади од Русија
Амбасадата на САД во Киев во средата ги советуваше американските државјани во Украина да не ги игнорираат можните звучни тревоги за воздушен напад и соодветно да се засолнат предупредувајќи дека безбедносната ситуација во Украина може бргу да се влоши по нападот на украински беспилотни летала врз Кремљ за кој руските власти го обвинија Киев.
Американскиот Стејт департмент и Амбасадата на САД во Киев во средата вечерта издадоа безбедносно предупредување за „засилена закана од руски ракетни напади“ во Украина, вклучително и во главниот град на Украина и околината, наведувајќи ги како причина неодамнешниот пораст на нападите во Украина и запаливата реторика од Москва.
„Амбасадата на САД ги повикува граѓаните на САД да ги следат воздушните тревоги, соодветно да се засолнат, да ги следат упатствата од локалните власти и од дополнителни безбедносни информации во претходното безбедносно предупредување. Бидете свесни дека дури и ако напаѓачките проектили или беспилотните летала бидат пресретнати, паѓањето на нивните остатоците претставува значителен ризик“, се вели во предупредувањето од Амбасадата.
Во него исто така се додава дека секој Американец што сè уште е во Украина мора да има план за вонредни ситуации што не се потпира на помошта на американската влада и дека треба да ја напушти земјата во мигот кога ќе биде безбедно да го стори тоа.
Претходно во средата, руските власти предупредија дека ќе се одмаздат за нападот врз Кремљ што Русија го опиша како однапред планиран терористички чин на украинските сили и обид за загрозување на животот на рускиот претседател Владимир Путин. Киев негира каква било одговорност за нападот.
Прес-секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, изјави во средата дека САД не ја охрабруваат и не ѝ овозможуваат на Украина да напаѓа надвор од своите граници.
Само за потсетување, Вашингтон претходно месецов ѝ испрати на Украина неодреден број беспилотни летала „латиус 600 камикаѕе“. Со бојна глава од три килограми и дострел од 445 километри овие дронови речиси може да прелетаат од североистокот на Украина до Москва.
Дополнително, САД ѝ обезбедија на Украина ракетни бомби за нејзините системи ХИМАРС, како и премолчено одобрение за Киев да го користи ова оружје против Крим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

