Свет
Американски сенатори предлагаат санкции против руски официјални лица поради Навални
Двопартиска група американски сенатори предложи санкции против руски официјални лица во врска со ситуацијата со Алексеј Навални, се вели во соопштението на веб-страницата на сенатор Крис Кунс од Демократската партија, пренесува ТАСС.
„Американските сенатори Крис Кунс, Марко Рубио, Бен Кардин, Мит Ромни и Крис ван Холен го претставија двопартискиот предлог-закон Russia Accountable for Malign Activities Act of 2020, кој предвидува санкции за руски официјални лица соучесници во дрските прекршувања на меѓународните закони, вклучувајќи го неодамнешното труење на опозицискиот лидер и активист против корупција, Алексеј Навални.
Законот налага администрацијата за утврди дали Кремљ ги прекршил законите на САД кои забрануваат употреба на хемиско и биолошко оружје“, се вели во писмото.
„Бидејќи Русија продолжува да се меша во нашите избори и да презема други штетни активности во земји како Белорусија, Украина и Сирија, што го прави светот поопасен, овој двопартиски предлог-закон се обидува да ги повика на одговорност Путин и неговиот потесен круг“, рече сенаторот Кунс за нацртот-законот.
Рускиот опозициски блогер Алексеј Навални беше хоспитализиран во Омск на 20 август, откако неговото здравје се влоши на летот од Томск кон Москва. По хоспитализацијата, Навални бил во кома, а потоа бил приклучен на вентилатор.
На 22 август бил пренесен на клиниката „Шарите“ во Берлин, а на 2 септември германската влада посочи дека тестовите кај Навални откриле траги од неидентификувана отровна супстанција од групата на новичок.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно изјави дека Москва е подготвена за сеопфатна соработка со Берлин. Тој истакна дека не се откриени отровни супстанции пред трансферот на Навални во Германија. Според портпаролот на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, Русија не добила ниту еден значаен одговор за Навални од Германија.
На 7 септември, лекарите од Берлин објавија дека Навални излегол од кома и е исклучен од вентилатор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Брутално претепан познатиот албански водител Елтон Тозај, може да остане слеп
Познатиот албански водител Елтон Тозај бил нападнат и брутално претепан синоќа околу 19:30 часот на автопатот Тирана-Драч, под околности кои сè уште остануваат вознемирувачки и нејасни, објавија медиумите.
Според информациите објавени од неговото семејство, на неговиот профил на социјалните мрежи, новинарот бил брутално нападнат од неколку лица. Во насилството врз Тозај му биле нанесени сериозни физички повреди.
„Семејството објави дека Елтон Тозај моментално е во сериозна здравствена состојба и е на интензивна медицинска нега. Според нив, ситуацијата е деликатна, бидејќи новинарот се бори да не го изгуби видот, што го прави овој настан уште поалармантен“, наведуваат медиумите.
Од полицијата засега нема информација околу настанот.
Свет
Бурата Јоханес ја погоди Шведска, повеќе од 40.000 домаќинства без струја
Бурата Јоханес ја погоди Шведска носејќи силни ветрови и снежни врнежи, додека повеќе од 40.000 домаќинства останаа без електрична енергија.
Според метеоролозите, бурата се шири брзо и се очекува ветровите да се зајакнат во текот на денот.
Бурата започна ноќеска од северот на земјата, со многу силни ветрови, додека жолти и портокалови временски предупредувања беа издадени за поголемиот дел од Шведска, пренесе локалниот портал Expressen.
Свет
По рускиот напад над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без греење во Киев
Околу 600.000 потрошувачи во Киев и околниот регион останаа без електрична енергија.
Енергетските екипи се на терен и вложуваат максимални напори за што поскоро враќање на снабдувањето, објави премиерката на Украина Јулија Свириденко на социјалните мрежи.
„Работиме на решавање на последиците од ноќниот напад врз Киев и регионот. Предупредувањето за воздушна опасност во Киев беше на сила 10 часа. Една жена почина во регионот на Киев. Во главниот град досега се повредени 32 лица“, рече Свириденко.
Службите за итни случаи се на терен, кои, заедно со медицинските екипи, ги расчистуваат урнатините и им пружаат помош на жртвите. Премиерката додаде дека во нападот се оштетени цивилни и енергетски објекти.
Во моментов, над 2.600 станбени згради, 187 градинки, 138 училишта и 22 социјални згради се без централно греење“

