Свет
Аналитичарите за изјавата на Макрон за Украина: „Ја жртвува Европа за својот статус“

Францускиот претседател Емануел Макрон сака да го преземе глобалното лидерство во однос на помошта од Запад за Украина и да ја зголеми намалената поддршка за Киев, но во овој обид тој се соочува со отпор од француските политичари, пишуваат медиумите во регионот.
Во исто време Макрон се соочува со бурни реакции од европските и НАТО-лидери поради изјавата дека не е исклучено испраќање европска армија во Украина. Со ова, според аналитичарите, тој непромислено ги открил своите намери дека, наместо Германија, треба да ја води поддршката од ЕУ за Украина, но дека постигнал спротивен ефект.
Додека украинските сили се потиснати на бојното поле и постои неизвесност за понатамошна воена помош од Западот, Макрон рече дека одбраната на Европа е во прашање и рече дека можноста европските нации да испратат војници во Украина во иднина не треба да бидат исклучени. Изјавата на Макрон веќе наиде на критики од француската опозиција.
Лидерот на екстремно десничарското Национално собрание, Марин Ле Пен, изјави дека Макрон си поигрува со животите на француските деца не исклучувајќи ја можноста за распоредување западни трупи во Украина.
Лидерот на екстремната левица, Жан-Лук Меланшон, изјави дека конфронтацијата на нуклеарните сили една против друга претставува, како што рече, лудило.
Социјалистичката партија и конзервативните републиканци исто така ја осудија изјавата на Макрон.
Напорот на Макрон да обезбеди поголема помош за Украина не е во согласност ниту со преовладувачкиот став на француските граѓани. Неодамнешните анкети покажуваат дека само 50 отсто од Французите поддржуваат испраќање помош за Украина за вооружување на Украина. Според анкетите, само 62 отсто од Французите ги поддржуваат санкциите против Русија наспроти 72 отсто на почетокот на војната.
Францускиот министер за надворешни работи, Стефан Сежурне, рече дека француските трупи би можеле да имаат неборбена улога во Украина и би можеле да помогнат во чистењето мини, сајбер-одбраната и производството на оружје.
Сежурне им рече на пратениците дека мора да се разгледаат нови акции за поддршка на Западот за Украина.
„Некои од овие акции би можеле да бараат присуство на украинска територија, без преминување на прагот на борба. Ништо не треба да се исклучи“, изјави Сежурне.
Изјавата на Макрон предизвика низа одговори од сојузниците, кои најавија дека немаат намера да испраќаат војници во Украина.
Во својот говор Макрон истакна дека се отворени сите опции за да се спречи Русија да победи во војната против Украина иако сè уште нема консензус за одлуката. Ова предизвика бурни реакции од Кремљ, но и од Европа, чии лидери велат дека нема да има испратени војници во Украина.
„Во моментот нема консензус за испраќање војници. Ништо не треба да се исклучи. Ќе направиме сè за да не победи Русија. Поразот на Русија е неопходен за европската безбедност“, рече Макрон.
Присуството на војници на НАТО на територијата на Украина ќе доведе до директен конфликт со Руската Федерација и ескалација на ситуацијата, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Невреме во Турција: Авион принудно слета по удар од гром

Авионот, кој летал од Анкара до Бингол во Турција, извршил итно слетување на аеродромот Елазиг откако бил погоден од гром.
Пилотот, откако гром удрил во опашниот дел од авионот, ја променил рутата и од безбедносни причини слетал на аеродромот во градот Елазиг, објави Хабер.
Авионот слета без никакви проблеми, а патниците беа транспортирани од аеродромот до Бингол по копнен пат, објавија турските медиуми.
Свет
Голема свадба на синот на Рамзан Кадиров: Дијамантски часовник од 27 милиони долари, златен пиштол и луксузен Мерцедес

Седумнаесетгодишниот син на лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров, Адам Кадиров, се ожени со девојка по име Медни, за која се верува дека е роднина на пратеникот во Думата, Адам Делимханов, близок сојузник на Кадиров.
Свадбата траела три дена, од четврток до сабота, и се одржала во селото Ахмат-Јурт , родното место на семејството Кадиров.
Според неофицијални информации, Медни е ќерка на чеченскиот сенатор Сулејман Геремеев, исто така близок сојузник на Кадиров и роднина на Делимханов. Наводно, бракот бил склучен уште на 8 јуни 2024 година.
Подготовките за прославата траеле со месеци, а покани биле испратени и до делегации од Блискиот Исток, вклучувајќи го и амбасадорот на ОАЕ во Русија, Мохамед Ахмед Ал Џабер, кој го прекинал одморот во Абу Даби за да присуствува на настанот во Грозни, пишува „Новаја Газета“, повикувајќи се на извор од руското Министерство за надворешни работи.
Свадбата наводно била одложувана двапати, при што една од причините била желбата на Рамзан Кадиров неговиот син Адам да има приватна средба со претседателот на Русија, Владимир Путин. Се споменува и дека првично била планирана заедничка свадба со постариот син Зелимхан (Ели) минатото лето, но Кремљ тоа не го одобрил поради возраста на Адам.
Рамзан Кадиров преку својот канал на Телеграм соопшти дека претседателот Путин лично му честитал на семејството за свадбата, за што изразил „искрена благодарност“.
Сепак, најголемо внимание привлекоа луксузните детали: на раката на Адам Кадиров бил забележан скап часовник Jacob & Co. Billionaire Ashoka со 320 дијаманти, проценет на околу 27,7 милиони долари. Според пресметките на Марија Певчих од руската антикорупциска организација ФБК, просечен граѓанин на Чеченија би требало да работи повеќе од 1.500 години без да потроши ни денар за да може да си го дозволи тој часовник.
Командантот на специјалната единица „Ахмат“, Апти Алаудинов, исто така го привлекол вниманието со својот часовник, за кој се претпоставува дека е Badollet Observatoire 1872 Chronograph, со цена до 320.000 долари.
Видеа од свадбата го прикажуваат Адам Кадиров како вози специјална верзија на Mercedes G-класа, модел кој е забранет за увоз во Русија и чини околу 190.000 долари. На истите снимки се гледа и како пука со златен пиштол во воздух – што е забрането со рускиот закон, особено бидејќи се работи за малолетник и за употреба на вистинско оружје во свечени прилики.
Иако е малолетен, Адам Кадиров веќе извршува повеќе функции: тој е шеф на безбедносната служба на својот татко, од април 2025 година е секретар на Советот за безбедност на Чеченија и надзорник на Министерството за внатрешни работи и универзитетот за специјални сили. Тој е и носител на бројни државни одликувања и титулата Херој на Чеченската Република.
Регион
Зошто плажата Посиди важи за една од најопасните во Грција

Плажата Посиди се наоѓа на западниот брег на првиот прст на Халкидики – Касандра, отприлика на половина пат низ полуостровот. Се протега како ’рт што длабоко навлегува во морето и изгледа навистина магично на фотографии и снимки.
Но, зад таа убавина се крие и опасност. Посиди важи за една од најопасните плажи во Грција поради силните морски струи кои можат лесно да одвлечат пливачите, особено оние кои се неискусни или недоволно внимателни. Плажата е долга меѓу еден и два километри, и е дива – без кафулиња, лежалки и чадори, што ја прави уште поизолирана и потенцијално ризична.
Јавноста добро го памети трагичниот настан од пред три години, кога три млади момчиња од Македонија се капеа на оваа плажа и ги одвлекоа силните струи. Настанот се случил за време на забава на плажа, кога тројцата решиле да влезат во морето. Силниот ветер и морските струи ги повлекле. Едното момче било брзо пронајдено, второто – по дури 19 часа поминати во морето – било спасено благодарение на топка која ја носел ветрот, за која се држел сè до доаѓањето на спасувачите. Третото момче, за жал, никогаш не беше пронајдено, и покрај интензивната потрага.
Според грчкиот весник „Етнос“, освен Посиди, за особено опасни плажи во Грција важат и:
Лаларија (остров Скијатос),
Матала (остров Крит),
Нас (остров Икарија),
Хорефто (регион Пелион),
Платиа Амос (остров Кефалонија),
Калами (остров Китира).
На овие локации потребна е особена претпазливост, дури и кога морето изгледа мирно. Природата е убава, но мора да се почитува.