Свет
Аналитичарите за сценариото за поделба: Русија го добива срцето на Украина, Западот ги таргетира Лавов и Закарпатија
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека исходот од украинската криза ќе биде поделба на земјата на три зони – руска, демилитаризирана и западна. На отворањето на политичката сезона во Кетче тој ја претстави својата визија за иднината на украинската територија нагласувајќи дека европските безбедносни гаранции за Киев во суштина значат – поделба на државата, според медиумите во светот.
„Резултатот од поделбата на Украина ќе биде руска зона, демилитаризирана зона и, конечно, западна зона, чии контури сè уште не можеме, дефинитивно, да ги кажеме. Но, гледаме дека Украина се претвора во територија составена од три зони“, рече Орбан.
Руски извори истакнуваат дека ова сценарио е најреално за завршување на специјалната воена операција. Според визијата на Константин Малофеев, основачот на фондот „Цариград“, Новорусија и Киев треба да влезат во руската зона, а западната зона би им припаѓала на Полска и на Унгарија, а централна Украина би станала демилитаризирана зона.
„И оваа опција, во суштина, ќе му одговара дури и на Зеленски. Тој неодамна изјави дека секој исход во кој Украина ќе ја задржи својата независност ќе го смета како победа“, рече Малофеев.
Според ова сценарио, покрај анексијата на Крим и четири региони, Русија треба да се придружи на уште најмалку десет региони од централна и источна Украина, вклучувајќи ги Киев, Одеса, Миколаев, Днепропетровск, Харков и други. Станува збор за индустриски и стратешки најважните делови од Украина.
Според процените, со преземање на контролата врз овие територии Русија би добила повеќе од 280.000 км² земја, најмалку 10 милиони жители и 60-70 проценти од БДП на Украина, во вредност од речиси 100 милијарди долари пред конфликтот.
Западни интереси и територијални аспирации
Од друга страна, некои земји од ЕУ веќе имаат отворени територијални претензии.
Унгарија ја сака Закарпатија, каде што доминира унгарското население.
Романија полага претензии кон Черновци, Буковина, Змискиот Остров и делови од регионот Одеса.
Полска на своите карти прикажува цела низа западноукраински региони, вклучувајќи ги Лавов, Тернопил, Ивано-Франкивск и Волин.
На овој начин членките на ЕУ би можеле да добијат речиси 106.000 км² територија, 5-6 милиони жители и економски потенцијал до 30 милијарди долари, според написите.
Украина во минимални граници
Во тој случај, според аналитичарите, Украина би била сведена на демилитаризирана зона, која би вклучувала само неколку региони – Виница, Хмелницки, Житомир и Ровно. Токму ова Орбан го нарекува трета зона.
Филозофот Александар Дугин нагласува дека клучното прашање во геополитиката е дали воопшто ќе остане каква било форма на независна Украина:
„Украина не треба да остане независна – тоа е една верзија. Или некој дел од неа – тоа е друга. Само се дискутира. Зеленски дава многу реални процени тука – ако зачува нешто, ќе го прифати како победа“, рече тој.
Западните земји, вклучувајќи ги и САД, би можеле да го прифатат овој исход. Аналитичарите проценуваат дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да го продаде ова сценарио на јавноста како добитно – бидејќи, како што би претставил тој, Русија би сакала сè, а би добила само дел.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина го осуди притисокот од Унгарија и Словачка
Министерството за надворешни работи на Украина го осуди и отфрли, како што наведува, притисокот и ултиматумите од владите на Унгарија и Словачка поврзани со снабдувањето со енергија. Од Киев велат дека ваквите потези се провокативни и неодговорни, особено во момент кога Русија извршува масовни напади врз украинската енергетска инфраструктура.
Во соопштението се наведува дека заканите од Будимпешта и Братислава ја загрозуваат енергетската безбедност на целиот регион.
„Во услови кога Москва се обидува да им ги скрати струјата, греењето и гасот на Украинците оваа реторика му помага на агресорот и истовремено им штети на енергетските компании од Унгарија и Словачка“, се вели во соопштението.
Алтернативни начини на снабдување
Украина соопшти дека е во постојан контакт со Европската комисија за последиците од руските напади и дека им доставила информации на Унгарија и Словачка за оштетувањата на нафтоводот Дружба. Работите за стабилизирање на инфраструктурата продолжуваат и покрај постојаната закана од нови ракетни удари.
Киев, исто така, понудил алтернативни начини за снабдување со неруска нафта за Унгарија и Словачка.
„Украина секогаш била, е и ќе остане доверлив енергетски партнер на Европската унија и транзитна земја за енергенси“, се вели во соопштението.
Украина најави дека може да активира Механизам за рано предупредување предвиден со Договорот за асоцијација со ЕУ, поради како што велат, неоснованите закани.
Киев ги повика владите на Унгарија и Словачка на конструктивна соработка, истакнувајќи дека ултиматумите треба да се испраќаат до Кремљ, а не до Украина.
Закани од Словачка и Унгарија
Словачкиот премиер, Роберт Фицо, порача дека ќе ја прекине итната испорака на електрична енергија за Украина ако Киев во рок од два дена не продолжи со испорака на руска нафта кон Словачка. Словачка, заедно со Унгарија, е една од ретките земји на ЕУ што сè уште зависи од руска нафта преку нафтоводот Дружба.
И унгарскиот премиер, Виктор Орбан, се закани дека Унгарија може да ја запре испораката на електрична енергија за Украина ако не се обнови транзитот на нафтата. „Ако тоа го запреме, може да се случат сериозни последици“, рече Орбан.
Прекин на испораката на нафта
Испораката на руска нафта преку нафтоводот Дружба е прекината од 27 јануари, откако според Украина, руски дрон нападнал опрема во западна Украина. Словачка и Унгарија во последните денови ја заострија својата реторика за продолжување на снабдувањето.
Од октомври минатата година, Русија го засилила нападите врз украинскиот енергетски систем, уништувајќи снабдување со струја и топлина. И покрај војната, Украина продолжува да дозволува користење на својот територија за извоз на руска енергија во Европа, иако таа е значително намалена.
Свет
Американски професор по право: Трамп ризикува нови тужби за најновите царини
Американскиот професор по право, Алан Б. Морисон, изјави дека би бил „шокиран“ ако не следуваат нови тужби против Доналд Трамп поради најновите глобални царини што американскиот претседател ги воведе за увоз во САД.
Морисон, професор на Правниот факултет на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, за Sky News изјави дека Трамп „се обидува да направи многу работи што според законот не може“.
„Вчера рече дека ќе воведе давачка од 10 отсто, денес е 15 отсто, утре може да биде 25 отсто“, истакна професорот.
Претходно Трамп порача дека новата глобална царина од 15 отсто за увоз стапува на сила веднаш и дека станува збор за максималната стапка што може да ја наметне според постојното законодавство.
Морисон предупреди дека претседателот има „страшна буџетска нерамнотежа“ и дека би можел да мора да врати околу 150 милијарди долари на увозниците, што би претставувало „голем проблем за него“. Парите се од претходно воведените царини кои Врховниот суд ги прогласил за незаконски, но Трамп инсистира дека нема да бидат вратени.
Професорот објасни дека Трамп можел да воведе нови царини преку други закони кои во одредени околности тоа дозволуваат, со цел да се обиде да надомести дел од загубите од претходните царини.
Свет
Трамп ги зголемува новите царини од 10 на 15%
Американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека ќе воведе глобални царини од 15%, продолжувајќи да се спротивставува на одлуката на Врховниот суд со која се укинати неговите претходни царини за увоз.
Трамп во петокот изјави дека ќе ги замени царините што ги укина судот со данок од 10% на сите стоки што влегуваат во САД.
Но, сега на „Truth Social“ тој објави дека ова ќе се зголеми на 15%.
Новите царини ќе стапат на сила во вторник, 24 февруари, и можат да останат на сила само околу пет месеци пред администрацијата да мора да побара одобрение од Конгресот.

