Свет
Аналитичар: Ако ЕУ навистина сака да се прошири, тоа мора да се одрази во новиот буџет
Додека повеќето европски лидери велат дека го поддржуваат проширувањето, а шефот на Европската комисија го опишува процесот како инвестиција во заедничката безбедност и слобода, прелиминарните планови за новиот седумгодишен буџет на ЕУ не ги споменуваат трошоците за проширување.
Трошоците за проширување се меѓу најчестите стравови на граѓаните на ЕУ кога размислуваат за процесот, а во некои земји-членки најголемата загриженост, според авторскиот текст на Кристоф Бендер од непрофитната Берлинска иницијатива за европска стабилност (ESI) објавен на веб-страницата на Бриселскиот EUobserver.
Тој наведува дека, според резултатите од најновото истражување на Евробарометар, 40 проценти од испитаниците во ЕУ кога станува збор за проширување се загрижени за „неконтролираната миграција“, 39 проценти за „корупцијата, организираниот криминал и тероризмот“ и 37 проценти за тоа колку проширувањето ќе ги чини европските даночни обврзници.
Во Австрија, Кипар, Германија и Белгија, цената е најголемата загриженост на граѓаните.
Сепак, трошоците за проширување не се споменати во планирањето на следниот буџет на ЕУ, за периодот 2028-2034 година. Во буџетот се планирани 43 милијарди евра за претпристапни фондови и 100 милијарди за „украински резерви“, но не и за нови членки на Унијата.
Европската комисија објави дека буџетот на ЕУ „може да биде ревидиран кога ќе се знае времето на проширување“.
Сепак, Бендер смета дека ЕУ не се подготвува сериозно да прими нови членки во следните десет години, освен можеби една или две мали земји, како што се Црна Гора, Албанија или Молдавија, чие пристапување би имало само маргинални трошоци.
Тој наведува дека ова фрла „различно светло“ врз сите охрабрувачки изјави за проширување.
„Ако ЕУ сака да ги инспирира земјите-пристапнички да спроведат реформи, да го подобрат владеењето на правото и да ги зајакнат демократските институции, потребна е поинаква порака. ЕУ мора јасно да стави до знаење дека ако земјите спроведат амбициозни реформи, ќе добијат отворена врата“, рече аналитичарот на берлинскиот тинк-тенк.
Тој истакна дека распределбата на средства за нови членки е клучна за враќање на кредибилитетот, додавајќи дека, за среќа, трошоците се скромни.
Според Бендер, најголемата цена за прием на нови членки ќе биде нивното учество во земјоделската и кохезионата политика на ЕУ.
Студија спроведена за буџетскиот комитет на Европскиот парламент покажа дека трошоците за земјоделска и кохезиска политика во случај на прием на девет земји (Украина, Молдавија, Грузија и шесте земји од Западен Балкан) можат да останат на сегашното ниво ако постојните членки прифатат намалување на нивните средства.
Според пресметките, сите 27 земји-членки треба да се согласат на намалување на финансирањето на земјоделската политика за околу 15 проценти, додека 15-те „стари“ членки треба да прифатат намалување од 24 проценти на кохезиските фондови.
Бендер верува дека трошоците за проширување би можеле да се управуваат дури и без намалување на средствата на постојните членки. Како што изјави, судејќи според темпото на реформите, само Црна Гора е на пат да се приклучи кон ЕУ пред 2030 година, па затоа буџетот треба да вклучува средства само за нови членки за периодот 2031-2034 година.
Според проценките од студијата и со примена на постепено воведување на земјоделски фондови, годишните трошоци на деветте нови членки би изнесувале 13,4-14,7 милијарди евра.
Таа бројка би била помала за проценетиот придонес во буџетот на ЕУ на тие нови членки од 5,6 милијарди евра, така што максималната нето цена би била 8-9 милијарди годишно, што одговара на околу три проценти од планираниот годишен буџет на ЕУ.
Бендер, исто така, потсетува дека, според годишните извештаи на Комисијата за кандидатите, само неколку земји ќе ги исполнат условите за пристапување до 2031 година и дека затоа цената ќе биде значително пониска.
„Првенствено не станува збор за реални трошоци, туку за испраќање сигнали“, рече аналитичарот, додавајќи дека планирањето пари за новите членки би придонело за подигнување на нивниот морал во поголема мера отколку големите говори и церемонијалните најави.
Фото: депозитфотос
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Ројтерс: Можно американско воено интервенирање во Иран во наредните 24 часа
Американска воена интервенција во Иран станува сè поизвесна и би можела да се случи во наредните 24 часа, изјавиле европски претставници за „Ројтерс“.
Според еден европски функционер, можноста за американска воена акција значително се зголемила и временската рамка сега се мери во часови, а не во денови. Друг европски извор оценил дека интервенцијата изгледа веројатна.
Израелски функционер изјавил за Ројтерс дека се чини оти американскиот претседател Доналд Трамп веќе донел одлука за интервенција, иако сè уште не е јасно кога би започнала и колкав би бил нејзиниот обем.
Според Ројтерс, САД и Обединетото Кралство повлекле дел од персоналот од воздушна база во Катар, по заканите на Иран за одмазда врз американските бази во регионот. Истовремено, Иран ги предупредил соседните земји дека евентуален американски или израелски напад би имал регионални последици.
Напнатоста дополнително се зголемила по изјавите на Трамп, кој ги повикал демонстрантите во Иран да продолжат со протестите, наведувајќи дека помошта е на пат без дополнително објаснување.
Свет
И Македонија на листата на земји во кои САД ја запираат обработката на имигрантски визи, според „Фокс Њуз“
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја запира обработката на имигрантски визи за апликанти од 75 земји, соопшти во средата Стејт департмент.
Стејт департментот на социјалната мрежа „Икс“ наведе дека ќе ја суспендира обработката на имигрантски визи за 75 земји чии мигранти, според наводите, користат социјална помош од американските даночни обврзници во неприфатливо висока мера.
За суспензијата на обработката на визите прв објави „Фокс њуз„, повикувајќи се на меморандум на Стејт департментот.
Според извештајот на „Фокс њуз“, меѓу тие 75 земји се Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.
Извештајот го спомена и портпаролката на Белата куќа Каролајн Ливит.
На списокот се и Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Молдавија и Русија, пренесе „Радио Слободна Европа“.
Иако Стејт департментот сè уште не објавил официјална листа, во една од објавите на „Икс“ наведе дека „паузата влијае на десетици земји – вклучувајќи ги Сомалија, Хаити, Иран и Еритреја – чии имигранти често стануваат јавен товар за Соединетите Американски Држави веднаш по пристигнувањето“.
„Работиме на тоа да обезбедиме великодушноста на американскиот народ повеќе да не биде злоупотребувана“, додаде Стејт департментот.
Суспензијата на обработката на барањата за имигрантски визи од наведените 75 земји ќе почне на 21 јануари, објави Фокс њуз, додавајќи дека меморандумот им наложува на американските амбасади да ги одбиваат визите согласно важечкиот закон, додека Стејт департментот ги преиспитува своите процедури.
Суспензијата на обработката на визите се поклопува со мерките на администрацијата на Трамп против имиграцијата.
Трамп во ноември вети дека ќе „трајно ја паузира“ миграцијата од сите „земји од третиот свет“ по пукањето во близина на Белата куќа, кое го извршил авганистански државјанин, при што загинал припадник на Националната гарда.
САД долго време одбиваа визи на лица за кои се сметало дека на крајот ќе имаат потреба од државна социјална помош, но Стејт департментот соопшти дека сега ќе го користи истото овластување за целосна суспензија на имигрантски визи врз основа на националност, наведува АФП.
Стејт департментот во понеделникот соопшти дека од враќањето на Трамп поништил повеќе од 100.000 визи, што претставува рекорд за една година.
Министерството за внатрешна безбедност минатиот месец соопшти дека администрацијата на Трамп депортирала повеќе од 605.000 луѓе, а уште 2,5 милиони ја напуштиле земјата доброволно.
Свет
(Видео) Сведоци за несреќата на Тајланд: „Почнаа да паѓаат мали парчиња, па кранот се урна врз возот“
Во североисточниот дел на Тајланд, околу 9 часот по локално време, кран падна директно врз воз во движење, при што возот излетал од шините, а неколку вагони биле згмечени, од кои еден се запалил.
Во моментот на несреќата во возот имало 171 патник. Меѓу повредените има едногодишно дете и лице на возраст од 85 години, а седум лица се во критична состојба.
Локалните медиуми јавуваат дека кранoт подигал голем бетонски елемент кој паднал врз возот и предизвикал излетување на повеќе вагони. Спасувачките екипи со часови ги извлекувале патниците од уништената композиција.
Еден од преживеаните изјавил дека патниците биле буквално фрлени во воздух, додека очевидци за Би-Би-Си Тајланд рекле дека целиот инцидент траел помалку од една минута.
„Почнаа да паѓаат мали парчиња, како бетонски фрагменти. После тоа, кранот се спушти и силно се урна врз возот“, рече жена – сведок на настанот.
„Целиот инцидент траеше помалку од една минута“, додаде таа.
Државните железници на Тајланд покренаа истрага и најавија тужба против градежната компанија одговорна за кранoт. Компанијата Italian-Thai Development соопшти дека ќе обезбеди обештетување и помош за семејствата на загинатите и повредените.
Тајландскиот премиер порача дека „некој мора да сноси одговорност“, оценувајќи дека вакви несреќи се последица на немар и непочитување на процедурите.
Фото: ЕПА

