Свет
Аракчи: Иран не е подготвен за директни преговори со САД
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, денес изјави дека директните разговори со САД за нуклеарниот договор во моментов не се можни поради санкциите и политиката на максимален притисок што ја води Вашингтон.
„Во овој момент, ќе водиме само индиректни преговори. Очигледно, поради заканите испратени од американската влада и економските санкции, како и политиката на максимален притисок врз нас, не можеме да водиме директни преговори со нив. Но, дипломатскиот пат е отворен, индиректните преговори не се нешто комплицирано или изненадувачко, можно е да се постигнат договори“, рече Аракчи по разговорот со неговиот руски колега Сергеј Лавров, пренесува РИА Новости.
Според него, Техеран верува дека е можно да се постигне договор за иранската нуклеарна програма, но нереалните барања на САД ја намалуваат веројатноста за постигнување договор.
„Утре, многу сериозно и доброволно ќе учествуваме во преговорите за наоѓање решение за мирнодопската нуклеарна програма на Иран. Барањата на САД, кои се нереални, само ќе ја намалат можноста за постигнување договор“, рече Аракчи.
Тој претходно потврди дека утре ќе го посети Рим, каде што ќе учествува на втората рунда индиректни преговори меѓу Иран и САД, чиј домаќин е владата на Оман.
На 12 април, во главниот град на Оман, се одржаа индиректни разговори меѓу претставникот на американскиот претседател за Блискиот Исток, Стив Виткоф, и иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи.
Според специјалниот пратеник на американскиот лидер, разговорите биле „позитивни и конструктивни“.
Аракчи, исто така, ја опиша атмосферата на овие разговори како „конструктивна и мирна“, му се заблагодари на министерот за надворешни работи на Оман, Бадр ал-Бусаиди, за неговите напори во размената на мислења меѓу иранската и американската делегација и најави дека втората рунда преговори со САД ќе се одржи на 19 април, пренесува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Венецуела мобилизира 200.000 војници: „Подготвени сме за американската закана“
Венецуелската влада најави масовно распоредување трупи низ целата земја како директен одговор на континуираното американско поморско и воздушно присуство покрај брегот.
Министерот за одбрана Владимир Падрино Лопез изјави дека речиси 200.000 припадници на вооружените сили се мобилизирани низ целата земја во вежба што ја опиша како контрамерка против „заканите“ од САД.
„Речиси 200.000 војници се распоредени низ целата земја за оваа вежба“, изјави Падрино Лопез за државната телевизија, додавајќи дека операцијата се спроведува заедно со редовните активности на вооружените сили и дека тие се подготвени за каква било закана што доаѓа од САД.
Овој потег беше проследен со законска акција. Националното собрание на Венецуела денес донесе закон за зајакнување на одбранбената стратегија на земјата против натрупувањето американски трупи.
Претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, изјави дека законот воспоставува нов начин на справување со распоредувањата, извршувањето на наредбите, движењето на трупите и, пред сè, односот меѓу народот и вооружените сили.
Распоредувањето на венецуелската војска се совпадна со пристигнувањето на еден од најмоќните воени бродови во светот, „УСС Џералд Р. Форд“, во регионот, што предизвика загриженост за можна воена ескалација. Американската морнарица го потврди влегувањето на носачот на авиони во зоната на одговорност на Јужната команда на САД, која ги опфаќа Латинска Америка и Карибите.
САД велат дека најголемото воено распоредување во Карибите во последните децении има за цел борба против трговијата со дрога. Мисијата вклучуваше најмалку 19 напади врз бродови во меѓународни води, во кои се вели дека загинале најмалку 75 лица.
Венецуелскиот претседател Николас Мадуро ги отфрли обвинувањата за трговија со дрога, велејќи дека САД водат војна против неговата земја со цел да го отстранат од власт.
фото: принтскрин
Свет
Украина го разреши министерот за правда поради корупциски скандал
Украинската влада привремено го разреши од функцијата министерот за правда Герман Галушченко, објави УНИАН.
Премиерката на Украина, Јулија Свириденко, ја објави одлуката на Телеграм. Функцијата привремено ја извршува заменик-министерот за правда задолжен за европски интеграции, Људмила Сугак.
Галушченко, кој претходно беше министер за енергетика, е под истрага, соопшти вчера неговото министерство. Не беше прецизирано дали тие се поврзани со истрагата за корупција во енергетскиот сектор што ја отвори Националната антикорупциска служба на Украина (НАБУ).
НАБУ и Специјалното обвинителство за борба против корупцијата (САПО) објавија нови аудио снимки од разговори меѓу учесници во шема на измама од големи размери во „Енергоатом“ АД. Герман Галушченко е веројатно меѓу нив.
Шефот на главната детективска единица на НАБУ, Александар Абакумов, изјави дека, според истражителите, тој ја водел криминалната организација „Карлсон“, која ги контролирала активностите на таканаречената „перална“ – за средства добиени на криминален начин. Утрото на 10 ноември, детективите на НАБУ извршиле претреси во домот на бизнисменот и ко-сопственик на студиото „Квартал 95“, Тимур Миндич, бизнис-соработник на претседателот Володимир Зеленски.
Регион
Ужас во Грција: човек затворил 58 мачки и ги мачел, осуден на 1,7 милиони евра казна
Грчки суд изрече казна од 1,7 милиони евра за суровост кон животните.
По дојава од минувачи, грчката полиција наишла на затвор за мачки. 68-годишен Грк затворил 58 мачки во трошна зграда. Ги оставил без храна, вода и ги мачел. Уапсениот човек им рекол на властите дека собирал животни скитници бидејќи бил чувствителен на нивната тешка состојба.
Неговите адвокати се обидоа да го претстават како ментално болен, но експертите на судот докажаа дека тој бил свесен за своите постапки.
За првпат, суд изрече казна од 1,7 милиони евра поради екстремната суровост на делото, коментираат адвокатите.
Судиите, исто така, ги забележаа претходните нечовечки и сурови дела на обвинетиот кон кучињата.
Животните се сместени во засолниште и за нив се грижи соопшти Сојузот за заштита на животните.

