Свет
Баку бара извинување од Франција по тврдењата на Макрон за сириски џихадисти во Нагорно-Карабах
Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, го повика својот француски колега Емануел Макрон да се извини за неговите неодамнешни тврдења дека сириски џихадисти биле распоредени во спорниот регион Нагорно- Карабах, каде што Баку се бори против ерменските сили, пренесува РТ.
„Нема платеници. Имаме армија од 100.000 војници. Барам Франција да се извини и да покаже одговорност“, рече Алиев во интервју за „Ал Арабија“ во неделата.
Минатата недела Макрон објави дека има веродостојни информации што укажуваат на тоа дека припадници на одредени сириски џихадистички групи пристигнале во военото жариште во Нагорно-Карабах преку јужниот турски град Газиантеп.
Ерменија, чии сили водат тешка битка околу спорната планинска енклава со соседен Азербејџан, изрази слични обвинувања.
Ерменските властии директно ја обвинија Турција за носење платеници за поддршка на воените напори на нејзиниот сојузник Азербејџан. Баку ги негираше овие тврдења, нарекувајќи ги евтина пропаганда.
Официјалните лица во Баку тврдат дека армијата е добро екипирана и нема потреба од никаква странска сила.
„На Азербејџан не му треба никакво учество од трета страна. Нацијата со 10 милиони жители има доволно свои ресурси и доволно резервен потенцијал да продолжи со борбите“, изјавил за РТ Хикмет Хаџиев, висок советник на претседателот.
Тој исто така тврди дека Турција, која ја потврди својата непоколеблива поддршка за Азербејџан, не е вклучена во конфликтот како трета страна. И Анкара негираше испраќање на сириски платеници во Нагорно-Карабах.
На 27 септември Баку објави дека позициите на азербејџанската армија се интензивно гранатирани од Ерменија. Ереван, од своја страна, тврдеше дека вооружените сили на Азербејџан почнале офанзива во правец на Нагорно-Карабах гранатирајќи ги населените места на непризнатата република, вклучително и главниот град Степанакерт.
Двете страни пријавија жртви и меѓу цивилното население. Ерменските власти прогласија воена состојба и најавија мобилизација. Азербејџан воведе воена состојба на целата територијата.
Конфликтот меѓу Ерменија и Азербејџан за планинскиот регион Нагорно-Карабах, спорна територија што беше дел од Азербејџан пред распадот на Советскиот Сојуз, но главно населена со етнички Ерменци, избувна во февруари 1988 година кога автономниот регион Нагорно-Карабах најави повлекување од Советската Социјалистичка Република Азербејџан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Амбасадорот на САД во ОН: Ќе го лишиме Мадуро и неговиот картел од сите ресурси
САД вчера им соопштија на Обединетите нации дека ќе воведат и спроведат максимални можни санкции за да ги лишат венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговиот нарко-картел од ресурси.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со месеци води кампања на смртоносни напади врз бродови покрај венецуелскиот брег и пацифичкиот брег на Латинска Америка за кои се сомнева дека се вмешани во трговија со дрога. Трамп, исто така, се закани со напади на венецуелска почва, објави Ројтерс.
„Најсериозната поединечна закана за оваа хемисфера, за нашето соседство и за САД доаѓа од транснационални терористички и криминални групи“, изјави американскиот амбасадор во ОН, Мајк Валц, пред Советот за безбедност на ОН.
САД го зголемија своето воено присуство во регионот, а Трамп најави блокада на сите бродови што се предмет на санкции од САД. Досега овој месец, крајбрежната стража на САД пресретна два танкери што превезуваа сурова нафта од Венецуела во Карипското Море, според Ројтерс.
„Реалноста е дека санкционираните танкери за нафта дејствуваат како главна економска линија за Мадуро и неговиот нелегитимен режим. Санкционираните танкери, исто така, ја финансираат нарко-терористичката група Картел де Лос Солес“, тврди Валц.
Вашингтон го прогласи Картел де лос Солес, или Картел на Сонцето, за странска терористичка организација кон крајот на минатиот месец поради нејзината наводна улога во увозот на дрога во САД. Во исто време, го обвини Мадуро дека го предводи тој картел. Венецуелската влада ги нарече таквите тврдења „смешни“, а групата „непостоечка“.
Свет
Зеленски: Вашингтон останува посветен на постигнување мировен договор
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека САД сè уште се посветени на постигнување мировен договор, откако беше информиран за разговорите што украинските преговарачи ги водеа со американската страна.
Како што објави парискиот весник „Ле Монд“ на својата веб-страница, Зеленски во своето редовно обраќање синоќа изјави дека добил детален извештај од секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана Рустем Умеров и началникот на Генералштабот на украинските вооружени сили Андриј Хнатов, по нивните состаноци со американски претставници.
Зеленски рече дека се подготвуваат нацрти на договорот и дека за време на разговорите се разгледани одредени точки.
„Остануваме во постојан контакт со САД и сметаме на континуирана соработка“, рече претседателот на Украина.
Зеленски додаде дека Вашингтон сака конечен мировен договор, наведувајќи дека Украина целосно соработува и дека „тоа никогаш нема да биде пречка за мир“.
Сепак, нагласи тој, Русија мора да престане со „саботажа на дипломатијата“ и сериозно да го сфати завршувањето на војната.
Украинскиот претседател, исто така, повика на континуиран притисок врз Москва за прекин на агресијата, тврдејќи дека меѓународната заедница ги има „сите потребни инструменти“ за да го постигне ова.
Фото: депозитфотос
Свет
Американска анализа: Украина ја плаќа цената на европската слабост
Главниот проблем на Украина не е американскиот претседател Доналд Трамп, туку слабоста и неодлучноста на европските елити кои не се во можност да ја преземат одговорноста за безбедноста на континентот и самата Украина, според американскиот весник „The Hill“.
Авторот на текстот оценува дека од почетокот на конфликтот, Европската Унија не успеала да дејствува обединето, туку „одговорила со смели зборови, но со плашливи акции“, додека во суштина го префрла товарот на поддршката на Украина на Соединетите Американски Држави. И покрај трите години наводно прекумерна попустливост од страна на администрацијата на Џозеф Бајден и јасните сигнали од новата администрација на Трамп дека ваквите практики се завршени, европските престолнини продолжуваат да одбиваат да ја преземат целосната одговорност за сопствената колективна безбедност.
Во текстот се истакнува дека европските лидери не сакаат да ја прифатат новата политичка реалност, потпирајќи се на надежта дека „Русија едноставно ќе попушти“, иако, како што е наведено, нема индикации дека тоа ќе се случи. Според авторот, Европа продолжува да избегнува одлучувачки потези во однос на Украина.
Како примери се дадени постапките на поединечните земји-членки: Шпанија прибегнува кон „сметководствени трикови“ за да избегне значително зголемување на воените трошоци, Германија одбива да испорача ракети со долг дострел на Украина, додека ЕУ како целина не е во можност да се согласи за запленување на замрзнатите руски средства.
„Постојаната стратешка недоследност и слабост на Европејците само го зајакнува впечатокот дека Украина не може да победи во долгорочна војна против Русија – крајот на конфликтот не е на повидок“, заклучува авторот на статијата во весникот „The Hill“.
Слична оценка претходно изрази и „Politico“, кој напиша дека Европа, одбивајќи да заплени замрзнати руски средства, ја изневери Украина и покажа дека не е во можност да ѝ обезбеди соодветно и одржливо ниво на поддршка.
Фото: депозитфотос

