Свет
Бајден: Америка не бара војна со Русија

САД не бараат војна со Русија и доколку не бидат нападнати силите на НАТО, Вашингтон нема директно да се меша во воената операција во Украина, пишува американскиот претседател Џо Бајден во статија за „Њујорк тајмс“.
– Не бараме војна меѓу НАТО и Русија. Сè додека не бидат нападнати САД или нашите сојузници, ние нема директно да учествуваме во тој конфликт, нема да ја испратиме американската војска да се бори во Украина, ниту, пак, б да ја нападнеме руската армија – истакнува американскиот лидер.
Тој додава и дека САД немаат намера да вршат притисок врз Украина со цел Киев да направи територијални отстапки на Русија.
– За време на целата оваа криза мојот принцип беше: „Ништо за Украина без Украина“. Нема да вршам притисок врз украинската влада, ниту приватно, ниту јавно, да направи никакви територијални отстапки – нагласи Бајден.
Според него, Москва е виновна за неуспехот на преговорите меѓу Русија и Украина, бидејќи не ја прекинала специјалната воена операција.
– САД ќе продолжат да работат на зајакнување на Украина и ќе ги поддржат нејзините напори за постигнување решение на конфликтот преку преговори – посочи Бајден, нагласувајќи дека Вашингтон ќе продолжи да работи со сојузниците за антируските санкции, како и за снабдување на Украина со модерно оружје.
Истовремено, тој додаде дека САД не ја повикуваат Украина да изведува напади надвор од нејзините граници и не му дозволуваат на Киев да го стори тоа.
Американскиот претседател вели дека САД не виделе знаци дека Русија би можела да употреби нуклеарно оружје.
– Знам дека многу луѓе ширум светот се загрижени поради употребата на нуклеарно оружје. Во овој момент не гледаме знаци дека Русија има намера да употреби нуклеарно оружје во Украина – пишува американскиот претседател.
Според него, одвреме-навреме руската реторика по прашањето за нуклеарното оружје е „опасна и крајно неодговорна“.
– Секоја употреба на нуклеарно оружје од кој било размер во тој конфликт би била целосно неприфатлива за нас и за остатокот од светот, а тоа би имало сериозни последици – рече Бајден.
Тој наведува и дека не се стреми да го собори сегашното раководство во Русија.
„Колку и да не се согласувам со господинот Путин, САД нема да се обидат да го соборат“, рече Бајден.
На 21 мај Бајден потпиша нацрт-закон за обезбедување воена, економска и хуманитарна помош за Киев. Вклучува и различни распределби кои на еден или друг начин се однесуваат на ситуацијата во Украина. Конгресот ја зголеми сумата на речиси 40 милијарди долари од 33 милијарди што првично ги побара шефот на државата, пренесе „Спутник“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) „Како несмасен дедо кој флертува“: коментарот на Трамп до новинарка предизвика хаос на социјалните мрежи

Доналд Трамп предизвика бран критики на социјалните мрежи откако ја нарече новинарката „прекрасна“ за време на настан во Белата куќа – и покрај советот од неговата портпаролка да не го прави тоа.
Непријатниот момент се случи во петок, 27 јуни, за време на потпишувањето на мировниот договор меѓу Демократска Република Конго и Руанда, кој се одржа во Белата куќа. На церемонијата присуствуваа министрите за надворешни работи на двете земји – Тереза Кајквамба Вагнер од Конго и Оливие Ндухунгирехе од Руанда – како и Џеј Ди Венс и Марко Рубио.
Во еден момент, новинарката Харијана Верас, дописник од Ангола, се појави на говорницата, пофалувајќи го американскиот претседател за неговата улога во мировниот процес и изразувајќи надеж за траен мир.
Трамп потоа одговори со коментар што предизвика мешани реакции: „Тоа е толку убаво кажано. Каролина (портпаролката на Каролина Ливит) ми рече, првото нешто што го кажа беше: „Немој да го кажуваш тоа, политички е некоректно… Но, таа рече дека си убава. И ти си навистина убава!“
„Знам дека не треба да го кажувам тоа, знаете? Можеби е крај на мојата политичка кариера, но сепак ќе го кажам. Прекрасна си – и однатре и однадвор. Би сакал да имам повеќе новинари како тебе“, додаде тој. Верас му се заблагодари, а тонот на Трамп беше, според очевидци, хумористичен и лежерен.
Сепак, реакцијата на интернет не беше блага.
Корисниците на Редит го нарекоа однесувањето на Трамп „морничаво“ и „несоодветно“. Еден корисник напиша: „Трамп ја нарекува новинарката ‘прекрасна’ на средина од интервју… Навистина морничаво однесување“. Друг коментираше: „Како несмасен дедо што флертува со келнерка (а не остава бакшиш).“
Од друга страна, неговите поддржувачи тврдат дека тоа бил безопасен комплимент, но критичарите предупредуваат дека ваквите изјави испраќаат порака за несоодветни стандарди на однесување кон новинарките и жените воопшто.
Свет
Претседателот на Јужна Кореја: Трговскиот договор со САД е неизвесен пред рокот на Трамп

Јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг изјави дека не е сигурно дали Сеул и Вашингтон ќе можат да постигнат договор за царините до 8 јули, кога истекува рокот поставен од американскиот претседател Доналд Трамп.
На прес-конференцијата, Ли нагласи дека преговорите се во тек и дека двете страни сè уште ги разјаснуваат своите позиции и ги идентификуваат областите на договор, објави АП.
„Преговорите за царините не беа лесни, но ние се трудиме да постигнеме заемно корисно решение. Во моментов е тешко да се каже со сигурност дали ќе можеме да постигнеме договор до 8 јули, но сè уште работиме на тоа“, рече Ли.
90-дневната пауза на Трамп во примената на реципрочните царини истекува на 9 јули, што може да доведе до воведување нови даноци за јужнокорејските производи, вклучувајќи автомобили и полупроводници, кои ја формираат основата на извозот на Јужна Кореја, истакнува агенцијата.
Ли повика на трпение, нагласувајќи дека брзањето со постигнување договор нема да биде во интерес на земјата.
Министерот за трговија на Јужна Кореја, Џео Хан Ку, планира посета на Вашингтон за понатамошни преговори со американските трговски претставници.
Зборувајќи за Северна Кореја, Ли потврди дека ќе работи на обновување на преговорите со Пјонгјанг, и покрај длабоката недоверба меѓу Северот и Југот.
Тој истакна дека Јужна Кореја ќе се стреми кон прагматичен пристап во подобрувањето на односите со Северна Кореја, а во исто време ќе одржува силен сојуз со САД.
„Иако е предизвикувачки, мислам дека треба да се движиме кон подобра координација со Северна Кореја“, рече Ли.
Владата на Јужна Кореја веќе презеде чекори за намалување на тензиите со Северна Кореја, вклучително и суспендирање на пропагандните емитувања и забрана за пуштање пропагандни балони.
Ли, исто така, рече дека ги поддржува напорите на Трамп да продолжи дијалогот со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, пренесува Танјуг.
Регион
Полицијата приведе 79 демонстранти во Србија, вклучувајќи и универзитетски професор

Речиси 80 демонстранти беа приведени, вклучувајќи еден универзитетски професор, а неколку лица беа повредени вчера вечер кога полицијата интервенираше, разбивајќи ги блокадите поставени во акции на сè помасовна граѓанска непослушност, на која повикаа студентите, по антивладиниот митинг на 28 јуни.
Студентите ја обвинија полицијата за брутален напад врз мирни демонстранти кои седеа на раскрсница пред Правниот факултет и за кршење на автономијата на универзитетот со обид за упад во факултетот, тврдење кое Министерството за внатрешни работи категорично го негираше. Полицијата само во таа операција привела 23 лица.
Според објавите на социјалните мрежи, приведена е и универзитетската професорка и активистка за човекови права Билјана Стојковиќ.
Во ново соопштение во четврток наутро, Министерството за внатрешни работи објави дека синоќа ги проверило идентитетите на вкупно 1.297 лица на терен, а 79 од нив се приведени – 72 за помали прекршоци и седум за кривични дела.
Сите блокади на територијата на Србија и Белград се отстранети и сите патишта се проодни, додаде Министерството за внатрешни работи.
За денес се најавени акции на граѓанска непослушност во неколку градови.