Свет
Бајден направи пресврт и во Пенсилванија, држава без која Трамп ги губи шансите
Демократскиот кандидат Џо Бајден го презеде водството пред актуелниот претседател Доналд Трамп во Пенсилванија, сојузна држава, која со веќе освоените, му е доволна за да победи на претседателските избори и да влезе во Белата куќа, додека продолжува броењето на гласовите по изборите одржани во вторникот.
Како што пренесуваат американските медиуми, според последните податоци, Бајден има предност пред Трамп во Пенсилванија со 5.587 гласа.
Победа во таа држава ќе му донесе на Бајден 20 избирачки гласови, со што тој ќе ја надмине граница од 270 избирачки (електорски) гласови. Бајден досега вкупно има 253 или 264 гласови бидејќи некои медиуми веќе му ја признаваат победата во Аризона (која носи 11 гласа), а некои не. Трамп стои на 214 гласови.
Демократскиот кандидат, претходно исто така го презеде водството и во Џорџија, со нешто повеќе од 1.000 гласови.
Патот на Трамп да остане во Белата куќа сега изгледа далеку потежок: Тој мора да ги добие и Пенсилванија и Џорџија, односно повторно да го претекне Бајден, а исто така да победи во Невада или во Аризона, каде што демократскиот кандидат успева да ја одржи тесната предност. Во Аризона тој води со околу 47.000 гласови, а во Невада со околу 11.500 гласови.
Властите во Џорџија и Пенсилванија очекуваат пребројувањето на гласовите да заврши в петок, додека оние во Аризона и Невада ќе потраат со денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Пронајдени се телата на браќата од Хрватска во словенечките Алпи

Словенечките планински спасувачи ја продолжија својата акција утрово под врвот Тошќ, во Јулиските Алпи, каде што вчера лавина затрупа тројца хрватски планинари.
Исчезнатите лица, по кои се трагаше од вчера, за жал се пронајдени мртви, објавува словенечки 24ur. Како што неофицијално дознава словенечкиот медиум, двајца од нив биле браќа.
„Ги пронајдовме двајцата – едниот беше закопан околу еден метар во снегот, а другиот околу метар и пол. Првиот успеавме да го транспортираме во долината со хеликоптер, додека сè уште чекаме транспорт за вториот. Самиот терен е многу тежок бидејќи е карпеста, стрмна клисура со бројни карпести скокови, што ја направи работата опасна и тешка за спасувачите. За жал, ќе кажам дека сите тројца планинари што ги пронајдовме во лавината починаа. Им изразувам искрено сочувство на нивните семејства“, рече тој.
Регион
Се уште трае потрагата по хрватските планинари заробени од лавина на словенечките Алпи

Потрагата по двајцата исчезнати хрватски планинари во Јулиските Алпи продолжи утрово кратко по 7 часот, потврди Словенечката планинска служба за спасување за хрватски Индекс.
Вчера наутро, под врвот Тошќ во Јулиските Алпи беше предизвикана снежна лавина, при што беа затрупани тројца хрватски планинари.
За време на тешкото пребарување и спасување, еден планинар беше пронајден без знаци на живот, додека двајцата мажи сè уште се бараат.
Во потрагата денес е вклучен и хеликоптер.
Екипите веќе тргнаа кон локацијата, но точниот број на вклучени спасувачи сè уште не е познат.
Службата додава дека денешното време дозволува распоредување на хеликоптер, но условите во планините се сè уште нестабилни и постои ризик од нови лавини. Идентитетите на загинатиот планинар и двајцата исчезнати сè уште не се официјално потврдени, но неофицијално хрватските медоуми објавија дека двајцата мажи по кои се трага се браќа.
Шеф на спасувачката служба: Ситуацијата е сложена и опасна
Заменик-шефот на Словенечката планинска спасувачка служба, Клемен Белхар, изјави за ХРТ дека во областа има околу половина метар снег, што не звучи како многу, но создава висок ризик од лавини. Тој додаде дека во планините сè уште има групи алпинисти кои ќе бидат спасени денес и утре.
„Ситуацијата е доста сложена и опасна“, рече Белхар. На прашањето дали има надеж дека преостанатите двајца Хрвати по кои сè уште се трага се сè уште живи, тој одговори: „Секако ќе се однесуваме како да се живи, но колку надеж има, никој не знае“.
Свет
Захарова ја исмеа изјавата на Мерц за руските дронови над Германија

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, одговори со карактеристично остар тон на сугестијата на германскиот канцелар Фридрих Мерц дека Русија би можела да стои зад серијата инциденти со беспилотни летала над Германија, објави рускиот весник „Комерсант“, пренесува „Европска правда“.
Мерц претходно изјави дека верува оти Русија е многу веројатно одговорна за летовите на бројни беспилотни летала забележани над германска територија.
Коментирајќи ја изјавата, Захарова рече дека Германија веројатно ќе ја заврши својата истрага за инцидентите со беспилотни летала во следниот век.
Таа направи паралела со истрагата за експлозиите на гасоводот „Северен тек“, истакнувајќи дека Берлин сè уште не утврдил кој е одговорен, сугерирајќи дека истрагата за беспилотните летала ќе трае исто толку долго.
Изјавите доаѓаат по неодамнешните настани што ги зголемија тензиите. За потсетување, доцна навечер на 2 октомври, аеродромот во Минхен привремено ги прекина операциите поради присуството на едно или повеќе неидентификувани беспилотни летала во негова близина. И покрај инцидентите, германскиот министер за одбрана, Борис Писториус, апелираше до јавноста за смиреност.
Фото: ЕПА