Свет
Бебе било прогласено за мртво, а се разбудило за време на погребот во Парагвај

Бебето, кое беше прогласено за мртво кратко време по раѓањето, беше вратено во болница откако покажа витални знаци за време на нејзиниот сопствен погреб во Алто Парана, Парагвај, на границата со Аргентина и Бразил.
Девојчето било родено предвреме во петокот околу пладне со царски рез, откако нејзината 21-годишна мајка имала компликации во седмиот месец од бременоста.
Родителите на девојчето веќе изгубиле едно бебе, пишува парагвајскиот портал „Ултима ора“. Бебето било прогласено за мртво и предадено на семејството, заедно со изводот на починатите.
На бдеењето биле членовите на семејството, а непосредно пред да заминат на гробиштата, вујкото забележал дека бебето мрда со главата и ги известил присутните.
Девојчето почнало да покажува витални знаци 30 минути пред погребот и семејството ја вратило во болница, каде што била примена во инкубаторот, а потоа префрлена на интензивна нега.
Директорот на регионалната болница Сиудад дел Есте, Федерико Шродел, не исклучи дека се работи за каталепсија, патолошка состојба која во психијатријата често се нарекува „восочна флексибилност“.
„Поради предвремено породување тоа може да се случи, пациентот практично останува без витални знаци“, додаде специјалистот и појасни дека на секои пет милиони раѓања може да има по еден случај од овој тип.
Шефот на судска медицина на Министерството за јавно здравје во Парагвај, Пабло Лемир, објасни дека е можно да се работи за каталепсија, иако сè уште не се знае точно кој е феноменот што ја генерира оваа состојба во која телото ги има сите знаци на очигледна смрт.
„Нема отчукување на срцето или дишење, телото е неподвижно и без знаци на живот. Ова е вообичаено во некои случаи на шизофренија, Паркинсонова болест или злоупотреба на супстанции“, посочи тој.
Бебињата може да развијат состојба наречена BRUE (абнормално дишење кај новороденчињата), што може да предизвика знаци слични на привидна смрт.
Девојчето почнало да покажува витални знаци 30 минути пред погребот и семејството ја вратило во болница, каде што била примена во инкубаторот, а потоа префрлена на интензивна нега. Од друга страна, роднините веруваат во божјо дело и уверуваат дека девојчето ќе се вика Милагрос де Хесус и покрај неизвесните прогнози.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Несреќа во САД: aвион се урна во шума

Петнаесет лица се повредени кога авион за падобранство скршнал од пистата и се урнаl во шумата во близина на аеродром во јужен Њу Џерси, соопштија властите во среда вечерта.
Инцидентот се случил на аеродромот околу 34 километри југоисточно од Филаделфија, кога авионот, кој превезувал 15 лица, излетал од пистата, според портпаролката на Федералната администрација за воздухопловство, која моментално истражува, како што објави АП.
Три лица биле пренесени во трауматолошкиот центар на болницата во Камден, Њу Џерси, додека осум лица со полесни повреди биле примени во одделот за итни случаи, изјави портпаролката на болницата Венди Марано.
Одделот за итни случаи на округот Глостер ја предупреди јавноста на својата Фејсбук страница да ја избегнува областа за да можат службите за итни случаи да пристапат до местото на несреќата.
Свет
Високите температури во Европа однесоа осум животи, додека температурата на континентот надминува 40 степени

Шумски пожар во Шпанија и високите температури во другите делови на Европа однесоа уште осум животи, додека температурата на континентот надминува 40 степени.
Двајца земјоделци загинаа во пожар во близина на градот Коско во Каталонија, во Италија двајца мажи загинаа на плажите на Сардинија, а маж во осумдесеттите години почина од срцев застој во Џенова.
Десетгодишно американско девојче се сруши и почина за време на посетата на Версајската палата во Париз, објавува Би-Би-Си.
Француската министерка за еколошка транзиција, Агнес Паније-Рунаше, изјави дека во Франција се регистрирани уште два смртни случаи поврзани со топлината и дека повеќе од 300 луѓе побарале итна помош.
Во Шпанија и Англија, јуни беше најтопол откако се водат мерењата. Шпанската метеоролошка служба објави дека просечната температура од 23,6 степени минатиот месец го сруши рекордот, надминувајќи го нормалниот просек за јули и август.
Франција го забележа својот втор најтопол јуни откако започнаа евиденциите во 1900 година. Јуни 2023 година беше потопол.
Топлотните бранови стануваат сè почести поради климатските промени предизвикани од човекот, според Меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени.
Беше објавено дека екстремно топлото време ќе се појавува почесто и ќе станува уште поинтензивно како што планетата продолжува да се затоплува.
Свет
Кина: Европската Унија не треба да бара конфронтација

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ја предупреди својата европска колешка Каја Калас за опасноста од „конфронтација“, се вели во соопштението од неговото министерство во вторник, додека Пекинг се обидува да се претстави како стабилна противтежа на Вашингтон.
Кина и Европската Унија „не треба да се сметаат едни за други за соперници поради нивните разлики, ниту да бараат конфронтација поради нивните несогласувања“, изјави вчера Ванг Ји на состанокот во Брисел со највисокиот дипломат на ЕУ. Калас вчера изјави дека Пекинг треба да престане да ја загрозува европската безбедност, наведувајќи ги кибернападите, мешањето во демократските процеси и нефер трговските практики.
Европа „се соочува со неколку предизвици“, рече Ванг Ји, од кои ниту еден „во минатото, сегашноста или иднината не бил предизвикан од Кина“.
Ванг генерално се обиде да го прикаже Пекинг како противтежа на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, која се закани со царини за стоки увезени од Европа. „Патот што го избраа Соединетите Американски Држави не треба да се прикажува како одраз на Кина“, рече тој. „Кина не е како Соединетите Американски Држави“, додаде тој.
Двете страни разговараа и за други прашања како што се Украина, израелско-палестинскиот конфликт и нуклеарната програма на Иран, се вели во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи. Пекинг и Брисел мора да покажат меѓусебно почитување, рече Ванг, додавајќи дека Европа треба да промовира „поактивна и попрагматична“ политика кон Кина.
Ванг вчера се сретна и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и со белгискиот министер за надворешни работи.
„Кина и ЕУ мора да го поддржат мултилатерализмот и слободната трговија и да работат заедно за справување со глобалните предизвици како што се климатските промени“, и рече Ванг на претседателката на ЕК.
Ванг Ји ќе ги посети Германија и Франција пред самитот ЕУ-Кина на кој ќе учествуваат кинескиот претседател Си Џинпинг и неколку високи европски претставници.