Свет
Бен Гвир делеше слатки за време на одобрувањето на законот за смртна казна во Кнесетот
Израелскиот Кнесет во прво читање усвои закон со кој се воведува смртна казна за палестинските затвореници осудени за убиство на израелски граѓани. Законот го предложи пратеникот на Кнесетот, Лимор Сон Хар Мелех, а предлогот сега оди на разгледување во комисиите пред второто и третото читање.
Предлогот доби значително мнозинство гласови – 39 пратеници гласаа за него, а 16 гласаа против.
По гласањето, крајнодесничарскиот министер Итамар Бен Гвир го прослави резултатот делејќи слатки изразувајќи задоволство од одлуката за која рече дека носи правда за израелските жртви.
Според нацрт-законот, секое лице што ќе убие израелски граѓанин од расна или национална омраза или со намера да им наштети на државата Израел и на еврејскиот народ ќе биде осудено на смрт како единствена пропишана казна.
Законот исто така ја менува постојната законска рамка дозволувајќи им на воените судови да изрекуваат смртна казна со мнозинство гласови од судиите наместо едногласно, како што беше случај досега. Покрај тоа, кога пресудата ќе стане конечна, таа не може да се измени или поништи.
Предлогот предизвика силни реакции во Израел и во меѓународната заедница со предупредувања дека усвојувањето на законот може дополнително да ги влоши израелско-палестинските тензии и да претставува сериозно отстапување од претходната израелска правна пракса, која исклучително ретко ја применува смртната казна.
Фото: принтсркин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Брисел се дискутира можноста за воведување царини на американски производи, јавува „Фајненшл тајмс“
Во Брисел во тек е итен состанок на европските амбасадори на кој се дискутира за можниот одговор на американските царини што ги воведе Доналд Трамп, пишува „Фајненшл тајмс“.
Една од главните опции што се разгледуваат е воведување царини на американски производи во вредност од 93 милијарди евра. Според изворите запознаени со состојбата, овој пакет на контрамерки бил ставен на чекање минатиот август откако Европската унија постигнала трговски договор со САД. Таа шестмесечна суспензија истекува следниот месец, освен ако Европската комисија не одлучи да ја продолжи.
Како друга можност се спомнува и ограничување на пристапот на американските компании на пазарот на ЕУ. Се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да побара активирање на Инструментот против присила на ЕУ, механизам што им овозможува на членките да возвратат трговски мерки против земји што вршат економски притисок.
Досега најавите од состанокот не се објавени, бидејќи дискусијата сè уште е во тек.
Свет
Руте: Разговарав со Трамп за Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за безбедносната состојба на Гренланд и Арктикот. Разговорот се одржал телефонски, но Руте не наведе детали за содржината.
Тој најави дека ќе се сретне со Трамп следната недела на Светскиот економски форум во Давос, каде се очекува присуство на политичката и бизнис елита.
Контекстуално, разговорот доаѓа во време кога Трамп бара целосно сопствеништво над Гренланд, кој е автономна територија на Данска. Претходно, тој се закани со зголемени царини за осум земји што одлучија да испратат војници како поддршка на НАТО-вежбата на Гренланд.
Свет
Данска се обидува да го одврати Трамп од идејата дека мора да биде сопственик на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека Копенхаген се обидува да го разубеди американскиот претседател Доналд Трамп од идејата дека мора да го поседува Гренланд.
Расмусен го изјави ова на прес-конференција во Осло, по средбата со својот норвешки колега. Тој нагласи дека вниманието кон Гренланд не треба да го засени фактот дека во Украина сè уште се води војна и дека е во критична фаза.
И покрај заканите од Вашингтон, Данска, според Расмусен, сака да продолжи со дипломатски пристап. По средбите во Вашингтон со потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, и со државниот секретар Марко Рубио, решено е да се формира работна група на високо ниво која ќе разгледа дали постои заедничко решение. Првата средба се очекува во наредните недели.

