Европа
„Билд“: Меркел размислува да воведе најстрого заклучување досега
Германската канцеларка, Ангела Меркел, наводно размислува за воведување досега најстрогo заклучување во земјата, пишува „Билд“.
Ваквата блокада би значела целосно затворање на државата.
Денеска, во Германија е забележан рекорден број смртни случаи од корона. Имено, починаа 1.244 лица, а вкупниот број смртни случаи од почетокот на пандемијата се искачи на 43.881.
Претходно, земјата забележа најголем број смртни случаи на 8 јануари кога починаа 1.188 заразени пациенти.
Според Институтот „Роберт Кох“, бројот на заразени на дневна основа е зголемен за 25.164 нови случаи, а вкупниот број на досега заразени е 1.978.590 лица.
Во меѓувреме, училиштата, продавниците што не продаваат основни продукти, баровите, рестораните и објектите за забава и култура се затворени со мерки што постепено се интензивираат од нивното воведување на почетокот на ноември.
Мерките, кои исто така предвидуваат дека едно домаќинство може да го посетува само едно лице надвор од тој круг, треба да останат во сила најмалку до крајот на јануари.
Канцеларката Ангела Меркел и другите членови на владата веќе предупредија дека мерките може да продолжат и по јануари.
Се очекува германската канцеларка да разговара за следните чекори во борбата против пандемијата на 25 јануари на состанокот со премиерите на 16 сојузни покраини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Бебе во Германија се роди со тежина од 300 грама: детето сега е здраво и добро се развива
Тим специјалисти во Универзитетската болница во Магдебург, Германија, успешно лекуваа бебе родено 16 недели предвреме, со тежина од само 300 грама, а детето сега е здраво и добро се развива, се вели во соопштението на болницата.
Семејството одлучи да остане анонимно, па болницата не објави кога се случило раѓањето на бебето.
Перинаталниот центар, предводен од главниот лекар д-р Ралф Бетгер, е специјализиран за грижа за предвреме родени бебиња уште во 23-тата недела од бременоста. Мултидисциплинарен тим од лекари, терапевти и медицински сестри ги следи децата и нивните семејства од првиот ден.
Лекувањето новороденче со тежина од само 300 грама претставува огромен предизвик за медицинскиот тим.

„Вентилацијата, интравенската исхрана и заштитата на чувствителната кожа и на органите бараат исклучително прецизен и внимателен пристап. Детето беше на вештачка вентилација седум недели пред да може само да дише“, објасни д-р Бетгер.
Семејството, конечно, можеше да си оди дома девет недели по проценетиот термин за раѓање. И покрај тоа што се роди екстремно рано, бебето немаше сериозни компликации. Промените на мрежницата, кои се чести кај предвремено родените бебиња, беа успешно третирани со лекови и не беа потребни визуелни помагала.
Во текот на целиот престој во болница родителите беа тесно вклучени во грижата за да се поттикне поврзувањето со детето и да се зголеми нивната самодоверба. Болничкиот тим нагласува дека таквата посветеност од родителите барала многу време и енергија, но била неопходна за закрепнување. Поддршката на тимот за семејството продолжила и по отпуштањето во нивниот дом.
Со родилна тежина од само 300 грама стапката на преживување во светот е приближно 25 проценти. Затоа позитивниот исход од овој случај е импресивен доказ дека долгогодишното искуство, најсовремената технологија и интензивното вклучување на родителите може да спасат животи.

Универзитетската болница во Магдебург е посветена на највисоките стандарди за квалитет во перинаталната нега. Како еден од водечките центри во Германија со исклучително високи стапки на преживување за најмалите предвреме родени бебиња, болницата планира дополнително да ја прошири својата експертиза преку регионална соработка и развој на телемедицински услуги.
фото: принтскрин
Европа
Уапсен третиот осомничен за грабежот во „Лувр“, јавува француска телевизија
Трет осомничен е уапсен во врска со грабежот во музејот „Лувр“ во Париз, објави утрово француската телевизиска станица БФМ.
Полицијата го уапси во средата вечерта во парискиот регион, а според БФМ, осомничен е дека бил на местото на злосторството кога се случил грабежот.
Четири маскирани крадци украдоа скапоцен накит од галеријата „Аполон“ во „Лувр“, во која се сместени кралските скапоцености на Франција, за време на работното време наутро на 19 октомври откривајќи ги слабостите во безбедносниот систем на најпосетуваниот музеј во светот.
Двајца мажи уапсени минатиот викенд под сомнение дека влегле во музејот низ прозорецот на горниот кат и ги украле скапоцените предмети делумно признаа за нивната вмешаност во грабежот, соопшти канцеларијата на парискиот обвинител.
Накитот сè уште не е пронајден.
фото: принтскрин
Европа
Франција го менува законот за силување по случајот со Жизел Пелико
Сенаторите вчера ги одобрија измените во францускиот закон за силување што би вклучувале експлицитна согласност, со што законодавството на земјата ќе се усогласи со повеќе од десетина други европски земји во потег што доби нов импулс од судењето за масовно силување на Жизел Пелико.
Францускиот кривичен закон претходно го дефинира силувањето како чин на пенетрација или орален секс извршен со употреба на „сила, принуда, закана или изненадување“. Законот не ја споменуваше експлицитно потребата од согласност, а обвинителите мораа да докажат намера за извршување силување за да обезбедат осуда.
Во декември минатата година сопругот на Жизел Пелико призна пред судот во јужна Франција дека постојано ја дрогирал сопругата и регрутирал десетици мажи преку интернет за да ја силуваат додека таа била во несвест.
Најмалку 35 од обвинетите на Доминик Пелико ги негираа обвиненијата за силување тврдејќи пред судот дека учествувале во сексуална игра или дека Жизел Пелико се преправала оти спие.
Сите беа прогласени за виновни, но нивните обиди да избегнат казна фрлија светлина врз сивата зона во законот.
Новиот закон, кој треба да го потпише претседателот Емануел Макрон пред да стапи во сила, наведува дека согласноста мора да биде „слободно дадена и информирана… и може да се повлече“. „Согласноста мора да се процени во пресрет на околностите и не може да се претпостави само врз основа на молчењето на жртвата или недостигот на отпор“, се наведува во законот.
Правните експерти истакнуваат дека оваа промена ќе го олесни добивањето пресуди за силување бидејќи повеќе нема да биде потребно да се докажува употребата на сила или намера, туку само дека жртвата не дала слободна и информирана согласност.
Ревидираната дефиниција треба да помогне во обезбедувањето пресуди, изјави за „Ројтерс“ правен експерт и застапник за новиот закон, Катрин Ле Магерес.
„(Претходно) ако можеше да се покаже дека во случајот нема согласност, но напаѓачот не употребил насилство, принуда, закана или изненадување, тоа лице не можеше да биде прогласено за виновно“, рече таа.
Дефиницијата заснована на согласност би можела да помогне и во едукацијата на младите мажи и жени за „заемната желба“.
Франција им се придружува на Шведска, Германија, Шпанија, Велика Британија и на голем број други европски земји, кои веќе имаат закони за силување засновани на согласност. Подемот на феминистичкото движење #MeToo предизвика законски реформи во некои земји од 2017 година.
фото: принтскрин

