Свет
Борел: Блискиот исток стои на работ на пропаст
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел денеска изјави дека Блискиот Исток стои „на работ на бездната“ и повика на деескалација на конфликтот меѓу Израел и Иран.
„Ние сме на работ на пропаст и мораме да се оддалечиме од неа. Мораме да притиснеме на сопирачките и да се вратиме наназад“, изјави тој за шпанското радио „Onda Cero“.
Борел наведува дека очекувал одговор од Израел на иранскиот воздушен напад, но се надева дека тоа нема да предизвика дополнителна ескалација.
Тој оцени дека „можеби некому му е во интерес“ избувнувањето на поширока регионална војна на Блискиот Исток, што би го оневозможило запирањето на воените операции во Појасот Газа, пренесува Танјуг.
Иран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон Израел во саботата вечерта, како одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во Дамаск, во кој загинаа седум офицери на Иранската револуционерна гарда, вклучително и двајца високи команданти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел соопшти дека ликвидирал висок функционер на Хезболах во прецизен напад
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека во прецизен напад во Бејрут го убиле Хусеин Маклед, за кого тврдат дека бил на чело на разузнавачкиот штаб на Хезболах.
„ИДФ потврдува дека во синоќешен прецизен напад во Бејрут е елиминиран Хусеин Маклед, кој служеше како шеф на разузнавачкиот штаб на Хезболах“, се наведува во соопштението.
Нападот доаѓа откако Хезболах официјално се вклучи во конфликтот меѓу Иран од една страна и Израел и САД од друга, отворајќи нов фронт со ракетни и дрон-напади од јужен Либан. Израел потоа изврши одмазднички удари врз цели на групата во Либан.
Фото: ЕПА
Свет
Либанската влада ги забрани воените активности на Хезболах
Либанската влада денеска ги забрани воените активности на Хезболах, откако организацијата отвори оган врз Израел, наведувајќи дека станува збор за одмазда за убиството на иранскиот врховен водач.
Израел претходно изврши воздушни напади врз јужните предградија на Бејрут под контрола на Хезболах и врз други делови на Либан, како одговор на напад со дрон и ракети. Според либанското Министерство за здравство, во нападите загинале 31 лице.
По седницата на владата, премиерот Наваф Салам изјави дека државата ги отфрла сите воени дејства што се спроведуваат од либанска територија надвор од легитимните институции. Тој посочи дека активностите на Хезболах се незаконски и дека организацијата треба да го предаде оружјето на либанската држава.
Фото: Depositphotos
Свет
Иран ги затвори училиштата
Сите образовни установи во Иран ќе бидат затворени до крајот на март, а наставата ќе се одвива онлајн, објави новинската агенција Тасним.
Портпаролот на Министерството за образование изјавил дека мерката е воведена како одговор на „воената агресија на ционистичкиот режим со поддршка од САД“.
Одлуката ќе важи до крајот на персиската календарска година, односно до 21 март.
Фото: Depositphotos

