Европа
Борел: Во светот има недостиг од храна, ќе станува сè поскапа

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, уште еднаш предупреди на глобалниот недостиг од храна поради војната во Украина, која е еден од најголемите светски производители на жито, бидејќи житото поради борбите не може да се извезува, да се жнее или да се сади.
„Има недостиг од храна и тоа ќе продолжи. Кога ја има, таа е скапа, многу поскапа отколку што многу луѓе може да си дозволат“, рече Борел на прес-конференција по состанокот на министрите за развој на ЕУ.
„Ако (засегнатите луѓе) трошат повеќе средства за храна, имаат помалку за образование и здравје, а тоа ќе ги продлабочи сиромаштијата и нееднаквоста“, нагласи Борел.
Министрите на ЕУ одлучиле да поддржат повеќе од 70 партнери за да ги подобрат отпорноста и одржливоста на нивните системи за храна со цел да ги зголемат нивните прехранбени капацитети на среден рок, рече високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност.
„Ги повикуваме нашите партнери да не ја ограничуваат глобалната трговија со земјоделски производи“, додаде Борел.
Тој исто така нагласи дека причината за претстојната криза со храна е руската инвазија на Украина, а не санкциите на ЕУ кон Русија, како што тврди Кремљ. Русија во моментот го блокира извозот на 20 милиони тони жито од Украина, пред сè, во Северна Африка и Азија, наведе германската влада, според која тоа предизвика раст на цените.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски: Украина во ЕУ што побргу, процесот не смее да трае со години

Претседателот на Украина – Володимир Зеленски изјави дека Украина треба да се приклучи на ЕУ што е можно поскоро и дека процесот „не смее да трае со години“.
„Процесот на прием на членките обично трае со години бидејќи земјите мора да исполнат одредени економски и политички критериуми“ – пишува Sky News.
„Денеска потпишуваме заедничка изјава, која е сигнал за единството на сите гранки на власта и доказ за нашата решеност да ја постигнеме стратешката цел на Украина – полноправно членство во Европската Унија. Потпишувањето на оваа декларација треба да значи исто како и потпишувањето на апликацијата за влез на петтиот ден од војната. Ни требаа 115 дена за да се кандидираме. Патот до членството не смее да трае со години, децении“ – напиша Зеленски на „Телеграм“.
Украинскиот претседател е со став дека „степенот до кој тоа е можно зависи од нас. Мораме да го завршиме нашиот дел од работата совршено за да им овозможиме на нашите пријатели во Европската Унија да донесат уште една историска одлука за нас исто толку брзо, на консолидиран начин“.
Европа
Норвешка вети милијарда долари помош за Украина

Норвешка денеска попладне вети дека на Украина ќе и испрати 1,04 милијарди долари, помош за да ја издржат војната со Русија.
Оваа информација денеска во Киев ја потврди норвешкиот премиер Јонас Гар Стоере на прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Стоере рече дека се работи за пари за „помош на украискиот народ за потреби, за одбрана и за реконструкција на уништените градови“.
Европа
Чешка денеска го презема претседавањето со ЕУ: Украина, климатската криза и мигрантите во фокусот на агендата

Чешка денеска го почнува шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ, а според најавите од Прага, главниот фокус на европската агенда до крајот на годината ќе биде на решавање на последиците од конфликтот во Украина, почнувајќи од мигрантската криза преку енергетската безбедност и зајакнувањето на одбраната и економијата на ЕУ.
Претставниците на ЕУ веќе најавија дека за време на чешкото претседателство се очекува првиот состанок на европската политичка заедница во Прага како нов формат за паневропска соработка, во кој првпат лидерите на земјите членки на ЕУ, европската економска област и Западен Балкан треба да седнат на иста маса со Украина, Молдавија и Грузија.
„Европа во моментот се соочува со многу проблеми и предизвици, но ако дејствуваме со единство и одлучност, ќе излеземе посилни и поотпорни од овие кризи“, изјави чешкиот премиер Пер Фијала пред почетокот на претседателствувањето на неговата земја.
Инаку, ова е второ претседавање на Чешка со Советот на ЕУ во текот на 18-те години членство во Унијата.