Свет
Британија и САД ја обвинуваат Русија дека во вселената тестирала сателитско оружје
Соединетите амeркански Држави и Велика Британија ја обвинија Русија дека во вселената тестиралa проектил со кој може да се уништат сателитите во орбитата.
Државниот секретаријат на САД коментира дека е загрижен за неодамнешната употреба на нешто што личи на антисателитско вооружување.
Министерството за одбрана на Русија неодамна објави дека почнало со тестирање на работата на руската вселенска опрема со примена на нова технологија.
Во овие обвинувања против Русија, на САД сега им се приклучи и Велика Британија, само неколку дена откако истрагата откри дека британската влада значително ја потценила заканата од Русија, пишува Би-би-си.
Кристофер Форд, помошник на државниот секретар на САД за меѓународна безбедност, вчера ја нарече Москва лицемерна и обвини дека земјата сака да ја прошири совојата контрола на оружје во вселената.
„Русија сака да ги ограничи можностите на Соединетите Американски Држави“, рече тој.
Харви Смит, шеф на британската вселенска администрација, исто така рече дека е загрижен за најновиот руски сателитски тест, кој има карактеристики на оружје.
„Ваквите активности не одговараат на мирна примена на вселенско истражување. Покрај тоа, на овој начин се ризикува да се создаде отпад во орбитата, кој би можел да ги загрози сателитските системи од кои зависи целиот свет“, рече Смит барајќи од Русија да избегнува понатамошни тестирања од ваков вид.
Русија, Велика Британија, Соединетите Американски Држави и Кина се меѓу повеќето од 100-те земји што се обврзаа да спроведуваат вселенски истражувања исклучиво за мирни цели и да не носат оружје во орбитата на Земјата или во вселената.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руски научници открија голема коронална дупка на Сонцето
На Сонцето се формира голема коронална дупка, според најновите податоци од Лабораторијата за сончева астрономија на Институтот за вселенски истражувања на Руската академија на науките и Институтот за соларно-терестријална физика, објавија денес руските медиуми.
Според податоците на таа лабораторија, дупката е висока околу еден милион километри, објави агенцијата Интерфакс.
Како што е наведено, појавата на бројни коронални дупки на Сонцето започнала во првите месеци од минатата година, веднаш по врвот на сончевиот циклус што се случил помеѓу октомври и декември 2024 година.
Ова доведе до зголемување од 60 проценти на бројот на магнетни бури минатата година, соопштија научниците.
„Севкупно, зголемувањето на бројот на магнетни бури би можело да продолжи уште најмалку две години, приближно до 2028 година, по што треба да започне брзо опаѓање на сите видови сончева активност, што би довело до сончев минимум околу 2029 и 2030 година“, се наведува во извештајот на лабораторијата, пренесе руската агенција Танјуг.
Регион
Вучиќ: Не ја напаѓам ЕУ, туку ја штитам Србија, нема да бидеме понижени
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес изјави дека е сигурен дека Србија ќе најде решение и ќе го забрза патот кон ЕУ, додавајќи дека не ги бојкотира членовите на Европскиот парламент, туку дека тие покажале големо непочитување кон земјата.
„Ја повикувам претседателката на Собранието повторно да го отвори дијалогот со невладиниот сектор, да разговараме за сè што е добро за земјата. Секако, не правете го она што директно е во спротивност со интересите на Србија, и тоа е мое барање“, изјави Вучиќ за „ТВ Пинк“.
„Мојот повик до г-ѓа Брнабиќ е да го повтори тој процес, да ги вклучи сите во тој процес“, додаде Вучиќ и нагласи дека се надева дека ќе се најде решение.
Запрашан за европратениците кои рекоа дека доаѓаат во Србија, иако разговорите со српските претставници не беа соодветно најавени, Вучиќ рече дека го бојкотира само Тонино Пицула.
„Ниту нè прашаа дали се добредојдени, ниту ни ги соопштија датумите, ќе беше убаво да прашаа дали претседателот е тука, а пред еден месец го закажаваа тоа. Не направија ништо од тоа, туку рекоа „тогаш ќе стигнеме“, а јас сè се договорив во Давос пред пет месеци“, истакна Вучиќ.
Во исто време, ги праша европратениците зошто не покажаа почит кон неговата земја, додавајќи дека тие, заедно со блокадерите, не сакаат дијалог.
„Ние сме на европскиот пат, но нема да бидеме понижени од некои европратеници, а моја работа е да го спречам тоа“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека е единствениот од регионот што е почестен и дека е најавен на бизнис форумот во Давос на исто ниво како и светските лидери.
„Сите доаѓаат во Давос и сите сакаат да бидат слушнати, а пред сè сакам да слушам и да присуствувам на сите настани што се организираат. Обично само еден претседател е таму цел ден, а тоа сум јас, од рано наутро до вечер, бидејќи немаме пари да плаќаме за скапи хотели. Се наоѓаме на околу 20 километри од центарот на настанот“, рече Вучиќ.
Свет
Песков: За Русија, Гренланд е данска територија
Русија тргнува од претпоставката дека Гренланд е данска територија, изјави денес портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
„Забележуваме многу контрадикторна ситуација. Тргнуваме од претпоставката дека Гренланд е територија на Кралството Данска. Слушнавме изјави и од Данска и од самиот Гренланд дека Гренланд нема намера да биде продаден на никого. А слушнавме и изјава од Вашингтон дека Вашингтон формулира парична понуда за стекнување на Гренланд во една или друга форма“, рече Песков, пренесува РИА Новости.
Тој ја нарече ситуацијата околу Гренланд необична и вонредна.
„Ситуацијата е необична, дури би рекол вонредна од гледна точка на меѓународното право. Но, од друга страна, со оглед на тоа што претседателот Трамп е во Вашингтон, самиот рече дека меѓународното право не му е приоритет. Затоа, ситуацијата се развива по поинаков пат“, рече Песков.
Како што изјави, Русија, како и остатокот од светот, ја следи ситуацијата во врска со Гренланд, пренесува Танјуг.

