Европа
Британски научници: Заразата со коронавирус обезбедува ист имунитет како и вакцините

Луѓето кои го преживеале коронавирусот се заштитени од повторна инфекција како и оние кои ги примиле најдобрите вакцини против коронавирус, покажува истражувањето спроведено на 20.000 британски здравствени работници, најголемо од ваков вид во светот.
Англиското јавно здравје (ПХЕ) редовно тестирало две групи волонтери во периодот јуни и ноември минатата година – 6.000 здравствени работници кои претходно биле заразени со корона и 14.000 кои не биле.
Споредбата на инфекцијата кај двете групи покажала дека претходната зараза обезбедувала најмалку 83 отсто заштита од повторна инфекција и обезбедувала повеќе од 94 отсто заштита од симптоматската форма на Ковид-19, што се совпаѓа со податоците за најефективната вакцина против корона.
Сузак Хопкинс, постар медицински советник во ПХЕ, вели дека е силно охрабрена од резултатите кои покажуваат дека инфекцијата обезбедува моќна, иако нецелосна заштита од повторна инфекција најмалку пет месеци.
„Природната зараза изгледа добро како и вакцината, што е многу добра вест за населението. Тоа ќе обезбеди ниво на имунитет кај популацијата што ќе го намали пренесувањето на вирусот”, рече таа.
Еленор Рајли, професор по вирусологија на Универзитетот во Единбург, рече дека податоците од студијата исто така сугерираат дека луѓето кои закрепнале од коронавирусот имаат помала веројатност да го пренесат вирусот на други без да знаат за тоа, бидејќи природната инфекција се чини дека обезбедува околу 75 отсто заштита од асимптоматска реинфекција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
(Видео) Разбиена мрежа за шверц во Шпанија: кокаин скриен во лажни банани

Серија полициски операции во Шпанија доведоа до разбивањеголема криминална мрежа вклучена во шверц на кокаин од Јужна Америка во Европската Унија. Со поддршка на Европол шпанската „Гвардија цивил“ уапси 40 лица и заплени повеќе од два тона кокаин. Истрагите открија дека мрежата користела нови шверцерски патишта и иновативни методи за криење на дрогата, соопшти Европол.
Истрагата беше почната на почетокот на 2023 година кога „Гвардија цивил“ откри криминална група на Канарските Острови, која шверцувала кокаин. Осомничените ја добивале дрогата од шпанското копно скриена во тајни прегради на возила на патнички фериботи.
Понатамошната истрага откри дека ова е само една гранка на многу поголема криминална организација. Мрежата имала сложена структура, со разни ќелии одговорни за поединечни аспекти на бизнисот со дрога.
Едната ќелија, составена од албански државјани, била одговорна за извлекување кокаин од бродските контејнери што пристигнувале во шпанските пристаништа. Другата ќелија, составена од шпански и марокански државјани, ја транспортирала дрогата на разни локации во Шпанија, вклучувајќи ги и Канарските Острови.
Криминалната мрежа била исклучително иновативна во своите методи. Во еден случај шверцерите се обиделе да прошверцуваат кокаин скриен во лажни банани направени од смола, измешани со вистински банани во пратка од Еквадор. Во друг случај тие користеле софистициран систем од јажиња и куки за да прикачат вреќи со кокаин на труповите на бродовите, метод познат како паразитски шверц.
Истрагата исто така откри нов пат за шверц. Криминалците го користеле пристаништето Алхесирас во јужна Шпанија како влезна точка за пратки кокаин од Јужна Америка. Од таму дрогата била транспортирана до логистички центар во Гвадалахара пред да биде дистрибуирана во други делови од Шпанија и Европската Унија. Овој пат претставува отстапување од традиционалните влезни точки во северна Шпанија.
Успехот на оваа операција е резултат на одличната соработка помеѓу шпанската „Гвардија цивил“ и Европол. Европол ја олесни размената на информации, обезбеди аналитичка поддршка и испрати експерт во Шпанија за вкрстена проверка на оперативните информации со базите на податоци на Европол во реално време.
Операцијата зададе значаен удар на оваа криминална мрежа и обезбеди вредни разузнавачки информации за еволуирачките методи на шверцерите на кокаин. Полициските власти остануваат будни и продолжуваат да соработуваат во борбата против заканата од трговија со дрога во Европската Унија.
фото: принтскрин
Европа
Рекордна суша во Европа и во медитеранските земји во август

Европа и медитеранските земји беа погодени од рекордна суша во август, која зафати повеќе од половина од земјиштето, според анализата на АФП на податоците од Европската Унија.
Минатиот месец 53 проценти од регионот беа погодени од суша, рекорд од почетокот на мерењата во 2012 година, според програмата на ЕУ за климатски промени „Коперникус“.
Бројката е далеку над просекот за август во периодот од 2012 до 2024 година, кој изнесува 30,1 проценти.
Источна Европа и Балканот беа силно погодени. Илјадници жители беа евакуирани, а две лица загинаа поради шумски пожари во балканските земји поттикнати од високите температури.
Ситуацијата беше катастрофална и во Западна Европа, при што Португалија забележа намалување на дождовите во 70 проценти од земјата.
Франција, која во август беше погодена од вториот топлотен бран во летото, се соочи со недостиг на вода во две третини од земјата.
Особено тешка ситуација ги зафати неколку земји во Источен Медитеран, каде што над 90 проценти од Ерменија, Грузија и Либан беа погодени од суша.
Турција, која страдаше од недостиг на вода во 84 проценти од својата територија, се соочи и со многубројни пожари.
„Коперникус“, кој собира податоци од милијарди мерења од сателити, бродови, авиони и метеоролошки станици, регистрира неуморно зголемување на температурите додека планетата се затоплува поради емисиите на стакленички гасови за кои е одговорно човештвото.
фото: принтскрин
Европа
(Видео) Големи протести во Франција: властите стравуваат од немири, Париз под опсада

Денес, во цела Франција се одржува голем синдикален штрајк, а властите очекуваат помеѓу 600.000 и 900.000 луѓе да излезат на улиците. Се очекува протестите, кои се организирани на 250 локации, да предизвикаат значителни нарушувања во клучните сектори во целата земја, објавува BFMTV.com.
Grève du 18 septembre: le lycée Maurice-Ravel à Paris bloqué par les élèves pic.twitter.com/7H9ZB1RC09
— BFMTV (@BFMTV) September 18, 2025
Најмалку 55 приведени
Според моментно достапните информации, седум лица се приведени во пошироката област на Париз.
Значително поголем број апсења, 48, се регистрирани во остатокот од земјата. Детали за точните градови и региони што се вклучени сè уште не се објавени.
Се очекува повеќе информации за причините за оваа координирана акција да бидат познати во текот на денот.
Првиот секретар на Француската социјалистичка партија (ПС), Оливие Форе, изјави дека очекува масовна мобилизација на граѓаните, што го смета за знак на масовно негодување на францускиот народ.
Апел против насилството
Коментирајќи ги првите судири меѓу демонстрантите и полицијата, Форе рече дека не е корисно да се блокира и изрази надеж дека сè ќе се одвива во мир и граѓански спокој. Тој предупреди дека насилните испади им одат во прилог на властите.
„Секојпат кога сме деградирани, секојпат кога оставаме впечаток дека бараме хаос, ѝ помагаме на владата да го презира ова движење“, оцени Оливие Форе.
Париз се плаши од немири
Префектот на париската полиција, Лоран Нуњез, изрази загриженост и ги повика трговците да ги затворат своите продавници од безбедносни причини.
За да се спречи нарушување на јавниот ред, на улиците ќе бидат распоредени речиси 80.000 полицајци. 24 оклопни жандармериски возила „Кентаур“ и 10 водни топови се исто така во состојба на готовност, ниво на безбедносни мерки што не е видено од протестите на „Жолтите елеци“ во 2019 година.
Прекини во целата земја
Штрајкот најтешко ќе ги погоди јавниот превоз, образованието и здравството. Во железничкиот транспорт се очекува да сообраќа само секој втор воз на „Интерситес“ и секој трет регионален воз (TER). Во Париз метрото нема да работи надвор од шпицот, со исклучок на линиите 1, 4 и 14.
Секој трет наставник во основните училишта ќе штрајкува, а 98 % од аптеките во Франција се придружија на мобилизацијата, што дополнително ќе го комплицира секојдневниот живот на граѓаните.
фото: принтскрин