Свет
Многу холивудски ѕвезди останаа без вилите во Лос Анџелес: „Тука ги пораснавме нашите деца“

Повеќе од 130.000 луѓе беа принудени да се евакуираат поради пожарот, додека ветровите дополнително придонесуваат за негово ширење, а како што пренесува „Еј-би-си њуз“, најлошо било во една од најбогатите населби во САД, Пацифик Палисадес.
Актерот Били Кристал и неговата сопруга Џенис изјавиле дека ја изгубиле куќата во оваа населба.
„Зборовите не може да го опишат обемот на уништувањето. Чувствуваме тага за нашите пријатели и соседи, кои исто така ги загубија своите домови и бизниси во оваа трагедија. Џенис и јас живееме во таа куќа од 1979 година. Ги одгледавме нашите деца и внуци таму. Секој дел на нашиот дом беше исполнет со љубов“, рече тој.
Во пожарот домот го загуби и американската актерка и милијардерка Парис Хилтон.
„Скршена сум од тага. Седам со моето семејство, гледам вести и го гледам нашиот дом во Малибу како гори до темел – нешто што никој не треба да го доживее“, напиша Хилтон додека ги споделуваше извештаите на локалните медиуми за пожарот.
Таа се присети на спомените што ги имала во куќата истакнувајќи дека таа е посебно место за нејзините две мали деца.
„Оваа куќа беше местото каде што изградивме толку многу скапоцени спомени. Тоа беше местото каде што Феникс ги направи своите први чекори и тоа беше местото каде што сонувавме да создадеме безброј спомени со Лондон“, продолжи Хилтон.
Изгоре и вилата во Лос Анџелес на актерот Адам Броди и неговата сопруга, актерката Лејтон Мистер. Вилата вредна 6,5 милиони долари целосно изгоре, пожарот ги зафати сите соби.
Актерката Џејми Ли Кертис рече дека нејзиниот дом е безбеден, но дека целата населба ја нема.
„Толку многу луѓе изгубија сè. Помогнете каде што можете. Им благодариме на спасувачките тимови и на пожарникарите“, напиша Кертис на „Инстаграм“.
Синот на актерската двојка Том Хенкс и Рита Вилсон, Чет Хенкс, на „Инстаграм“ напиша дека населбата во која пораснал гори до темел.
Актерката Менди Мур се справува со пожарот во Итон, каде што на 52.000 луѓе им е наредено да се евакуираат.
Нејзиниот дом се наоѓа во населбата Алтадина, а актерката им се заблагодарила на пријателите, кои на нејзиното семејство му обезбедиле сместување за време на евакуацијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) „Како несмасен дедо кој флертува“: коментарот на Трамп до новинарка предизвика хаос на социјалните мрежи

Доналд Трамп предизвика бран критики на социјалните мрежи откако ја нарече новинарката „прекрасна“ за време на настан во Белата куќа – и покрај советот од неговата портпаролка да не го прави тоа.
Непријатниот момент се случи во петок, 27 јуни, за време на потпишувањето на мировниот договор меѓу Демократска Република Конго и Руанда, кој се одржа во Белата куќа. На церемонијата присуствуваа министрите за надворешни работи на двете земји – Тереза Кајквамба Вагнер од Конго и Оливие Ндухунгирехе од Руанда – како и Џеј Ди Венс и Марко Рубио.
Во еден момент, новинарката Харијана Верас, дописник од Ангола, се појави на говорницата, пофалувајќи го американскиот претседател за неговата улога во мировниот процес и изразувајќи надеж за траен мир.
Трамп потоа одговори со коментар што предизвика мешани реакции: „Тоа е толку убаво кажано. Каролина (портпаролката на Каролина Ливит) ми рече, првото нешто што го кажа беше: „Немој да го кажуваш тоа, политички е некоректно… Но, таа рече дека си убава. И ти си навистина убава!“
„Знам дека не треба да го кажувам тоа, знаете? Можеби е крај на мојата политичка кариера, но сепак ќе го кажам. Прекрасна си – и однатре и однадвор. Би сакал да имам повеќе новинари како тебе“, додаде тој. Верас му се заблагодари, а тонот на Трамп беше, според очевидци, хумористичен и лежерен.
Сепак, реакцијата на интернет не беше блага.
Корисниците на Редит го нарекоа однесувањето на Трамп „морничаво“ и „несоодветно“. Еден корисник напиша: „Трамп ја нарекува новинарката ‘прекрасна’ на средина од интервју… Навистина морничаво однесување“. Друг коментираше: „Како несмасен дедо што флертува со келнерка (а не остава бакшиш).“
Од друга страна, неговите поддржувачи тврдат дека тоа бил безопасен комплимент, но критичарите предупредуваат дека ваквите изјави испраќаат порака за несоодветни стандарди на однесување кон новинарките и жените воопшто.
Свет
Претседателот на Јужна Кореја: Трговскиот договор со САД е неизвесен пред рокот на Трамп

Јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг изјави дека не е сигурно дали Сеул и Вашингтон ќе можат да постигнат договор за царините до 8 јули, кога истекува рокот поставен од американскиот претседател Доналд Трамп.
На прес-конференцијата, Ли нагласи дека преговорите се во тек и дека двете страни сè уште ги разјаснуваат своите позиции и ги идентификуваат областите на договор, објави АП.
„Преговорите за царините не беа лесни, но ние се трудиме да постигнеме заемно корисно решение. Во моментов е тешко да се каже со сигурност дали ќе можеме да постигнеме договор до 8 јули, но сè уште работиме на тоа“, рече Ли.
90-дневната пауза на Трамп во примената на реципрочните царини истекува на 9 јули, што може да доведе до воведување нови даноци за јужнокорејските производи, вклучувајќи автомобили и полупроводници, кои ја формираат основата на извозот на Јужна Кореја, истакнува агенцијата.
Ли повика на трпение, нагласувајќи дека брзањето со постигнување договор нема да биде во интерес на земјата.
Министерот за трговија на Јужна Кореја, Џео Хан Ку, планира посета на Вашингтон за понатамошни преговори со американските трговски претставници.
Зборувајќи за Северна Кореја, Ли потврди дека ќе работи на обновување на преговорите со Пјонгјанг, и покрај длабоката недоверба меѓу Северот и Југот.
Тој истакна дека Јужна Кореја ќе се стреми кон прагматичен пристап во подобрувањето на односите со Северна Кореја, а во исто време ќе одржува силен сојуз со САД.
„Иако е предизвикувачки, мислам дека треба да се движиме кон подобра координација со Северна Кореја“, рече Ли.
Владата на Јужна Кореја веќе презеде чекори за намалување на тензиите со Северна Кореја, вклучително и суспендирање на пропагандните емитувања и забрана за пуштање пропагандни балони.
Ли, исто така, рече дека ги поддржува напорите на Трамп да продолжи дијалогот со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, пренесува Танјуг.
Регион
Полицијата приведе 79 демонстранти во Србија, вклучувајќи и универзитетски професор

Речиси 80 демонстранти беа приведени, вклучувајќи еден универзитетски професор, а неколку лица беа повредени вчера вечер кога полицијата интервенираше, разбивајќи ги блокадите поставени во акции на сè помасовна граѓанска непослушност, на која повикаа студентите, по антивладиниот митинг на 28 јуни.
Студентите ја обвинија полицијата за брутален напад врз мирни демонстранти кои седеа на раскрсница пред Правниот факултет и за кршење на автономијата на универзитетот со обид за упад во факултетот, тврдење кое Министерството за внатрешни работи категорично го негираше. Полицијата само во таа операција привела 23 лица.
Според објавите на социјалните мрежи, приведена е и универзитетската професорка и активистка за човекови права Билјана Стојковиќ.
Во ново соопштение во четврток наутро, Министерството за внатрешни работи објави дека синоќа ги проверило идентитетите на вкупно 1.297 лица на терен, а 79 од нив се приведени – 72 за помали прекршоци и седум за кривични дела.
Сите блокади на територијата на Србија и Белград се отстранети и сите патишта се проодни, додаде Министерството за внатрешни работи.
За денес се најавени акции на граѓанска непослушност во неколку градови.