Свет
Бројот на жртви од пожарот во Хонг Конг се искачи на 156, на жителите им беше дозволено кратко да се вратат во своите станови
Бројот на жртви во пожарот што избувна во станбениот комплекс Ванг Фук Корт во Хонг Конг минатата среда се искачи на 156, а жителите на единствената зграда што не беше погодена од пожарот ќе може да се вратат во своите домови за кратко време утре и в четврток за да си соберат лични работи, објавија денес властите.
Полицијата објави дека се пронајдени уште пет тела, со што бројот на жртви се зголеми од 151 на 156, а од вкупниот број жртви, идентификувани се 127, објави порталот СЦМП.
Жителите на зградата што не беше погодена од пожарот ќе може да си ги земат своите работи во рок од еден и пол час во придружба на полицајци, државни службеници и социјални работници.
Лидерот на Хонг Конг, Џон Ли Ка-чиу, претходно нареди формирање независен комитет за да ги разгледа околностите на пожарот, кој зафати седум згради во населбата Таи По минатата среда.
Комисијата, со која претседава судија, ќе биде задолжена да ги утврди причините за брзото ширење на пожарот и да предложи системски реформи за спречување слични трагедии во иднина.
Џон Ли наведе осум клучни области за итна проверка, вклучувајќи безбедносни стандарди, надзор и одржување на градежните работи, судир на интереси во процесот на градење, корупција и неправилности во тендерите, како и надзор на системите за противпожарна заштита во зградите.
Комисијата исто така ќе предложи можни измени и казни во постојниот закон.
Фото: ЕПА
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Германскиот министер за одбрана со порака до Трамп: Кој и да го прекрши меѓународното право, не влегува во историјата како миротворец
Присилната анексија на Гренланд би била „стратешки неразумна“, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус во интервју за NDR, предупредувајќи дека таков потег би предизвикал сериозна штета на безбедносната архитектура на Западот.
Писториус нагласи дека, ако Доналд Трамп е навистина загрижен за безбедноста на Арктикот, порационален пат води преку соработка со сојузниците на НАТО, првенствено со европските партнери.
„Ако Трамп ги убеди Гренланд и Данска да тргнат по мирен пат, тоа е прашање меѓу вклучените земји. Но, ако дојде до насилна анексија, тогаш две работи се јасни: Доналд Трамп дефинитивно нема да влезе во историјата како миротворец“, рече Писториус.
Тој додаде дека од стратешка гледна точка би било „крајно неразумно“ да се остави НАТО на неговата судбина, изразувајќи надеж дека „здравиот разум ќе преовлада“ во американската политика.
На 5 јануари 2026 година, американскиот претседател јавно ги објави плановите за анексија на Гренланд, на што остро се спротивставија данските власти и самата територија. На состанокот на претставниците на САД, Гренланд и Данска, одржан на 14 јануари, не беше постигнат компромис, но беше договорено да се формира работна група за да се разгледа ова прашање.
Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон го објави почетокот на заедничките вежби на НАТО во Гренланд на 15 јануари, потсетуваат медиумите. Писториус истакна дека извидувачката мисија на Алијансата е поврзана со сè поинтензивното користење на Гренланд од страна на Русија за воени цели.
Свет
Полска: Времето за разговор со Путин ќе дојде, но не сега
Полска предупреди дека Европската Унија не треба избрзано да ги обновува дипломатските канали со рускиот претседател Владимир Путин, нагласувајќи дека секој иден контакт со Москва мора да се води исклучиво преку институциите на Унијата.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави во Брисел дека ЕУ веќе има јасна контакт-точка со Русија преку високата претставничка за надворешна политика Каја Калас и дека не треба да се создаваат нови механизми или посредници кои би можеле да го ослабат притисокот врз Кремљ.
„ЕУ веќе има свој глас. Тоа е Каја Калас“, рече Сикорски, додавајќи дека секој разговор со Москва мора да биде цврсто втемелен во заедничката политика на ЕУ, а не во иницијативи на поединечни земји.
Тој оцени дека „времето за разговор со Путин ќе дојде, но тоа не е денес“, предупредувајќи дека Европа не смее да наседне на, како што рече, триковите на Кремљ.
Дебатата се отвори откако францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони ја споменаа можноста за обновување директни комуникации со Москва, речиси четири години по почетокот на војната во Украина.
Фото: Depositphotos
Свет
Руски научници открија голема коронална дупка на Сонцето
На Сонцето се формира голема коронална дупка, според најновите податоци од Лабораторијата за сончева астрономија на Институтот за вселенски истражувања на Руската академија на науките и Институтот за соларно-терестријална физика, објавија денес руските медиуми.
Според податоците на таа лабораторија, дупката е висока околу еден милион километри, објави агенцијата Интерфакс.
Како што е наведено, појавата на бројни коронални дупки на Сонцето започнала во првите месеци од минатата година, веднаш по врвот на сончевиот циклус што се случил помеѓу октомври и декември 2024 година.
Ова доведе до зголемување од 60 проценти на бројот на магнетни бури минатата година, соопштија научниците.
„Севкупно, зголемувањето на бројот на магнетни бури би можело да продолжи уште најмалку две години, приближно до 2028 година, по што треба да започне брзо опаѓање на сите видови сончева активност, што би довело до сончев минимум околу 2029 и 2030 година“, се наведува во извештајот на лабораторијата, пренесе руската агенција Танјуг.

