Европа
Бројот на новозаразени и починати од коронавирус во Италија опаѓа

Во изминатите 24 часа во Италија починале 161 лице од коронавирус, скоро исто како и претходниот ден, кога починале 162 лица, објави Агенцијата за цивилна заштита.
Бројот на новозаразени лица се намали во однос на вторникот. Во последните 24 часа се регистрирани 665 нови случаи, додека еден ден претходно тој број беше 813.
Италија е трета во светот по бројот на починати, по САД и Велика Британија, со вкупно 32.330 смртни случаи.
Потврдени се 227.364 случаи со што Италија се наоѓа на шестото место по бројот на заболени во светот, по САД, Русија, Шпанија, Велика Британија и Бразил.
Бројот на активни случаи се намали од 65.128 во вторникот на 62.752.
Во единиците за интензивна нега има 676 пациенти, што е помалку од ввторникот, кога имало 716.
Од Агенцијата за цивилна заштита наведуваат дека од коронавирусот се опоравиле 132.228 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Киев бесен од изјавата на Зоран Милановиќ дека „Крим никогаш повеќе нема да биде дел од Украина“

Украинското Министерство за надворешни работи во вторникот го критикува хрватскиот претседател Зоран Милановиќ за неговата изјава дека Крим никогаш нема да се врати под украинска контрола опишувајќи го неговиот коментар како неприфатлив.
Во изјавата на Милановиќ во понеделникот за воената помош што Загреб треба да му ја даде на Киев, Милановиќ рече дека е „јасно оти Крим никогаш повеќе нема да биде дел од Украина“.
„Ги сметаме за неприфатливи изјавите на претседателот на Хрватска, кои всушност фрлаат сомнеж на територијалниот интегритет на Украина“, напиша на „Фејсбук“ портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Олег Николенко.
Во понеделникот Милановиќ рече дека е лудо да се мисли оти Русија може да биде поразена во конвенционална војна и ги критикува западните земји за снабдување на Украина со тешки тенкови и друго оружје.
Милановиќ им рече на новинарите во хрватскиот главен град Загреб дека воената помош што западните земји му ја даваат на Киев е залудна и само ќе го продолжи конфликтот.
„Јас сум против испраќање какво било смртоносно оружје таму, тоа ја продолжува војната“, рече Милановиќ за напорите на Западот да ѝ помогне на Украина да стави крај на илегалната и неиспровоцирана инвазија на Путин.
„Која е целта? Распад на Русија, промена на власта? Се зборува и за распад на Русија. Тоа е лудо“, рече тој.
Милановиќ исто така изјави дека Крим – полуостровот што Русија го анектира од Украина во 2014 година – никогаш нема да му биде вратен на Киев.
Она што Западот го прави во однос на Украина е „длабоко неморално бидејќи нема решение за војната“, им рече Милановиќ на новинарите за време на посетата на касарната во источниот град Петриња, пренесе „Блиц.рс“.
Европа
Трамп тужи новинар за неовластено користење аудиоснимка

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп денеска покрена тужба против новинарот Боб Вудворд и го обвини дека незаконски користел аудио снимки од нивните разговори во објавеното аудио издание на неговата книга, со што ги прекршил интересите и авторските права на Трамп.
Трамп го обвинува новинарот Вудворд за систематско узурпирање, манипулирање и искористување на звучната снимка со објавување на „Трамп лентите“, аудио компилација од нивните разговори од 2022 година, според „Политико“.
Во тужбата поднесена во Окружниот суд на САД во Пенсакола, Флорида, Трамп бара отштета и признавање дека неговите интереси за авторски права се компромитирани.
Тужбата беше поднесена и против издавачката куќа „Simon & Schuster и Paramount Corporation“, матичната компанија на издавачот „Simon & Schuster“.
Во заедничкото соопштение што го објавија новинарот Боб Вудворд и издавачката куќа „Simon & Schuster“, се наведува дека тужбата на Трамп е „неоснована“, со оглед на тоа што интервјуата се снимени со негова согласност.
Централниот аргумент во тужбата на Трамп е тврдењето дека поранешниот американски претседател никогаш не се согласил неговиот глас да се користи во аудио изданието на книгата на Вудворд, туку се согласил да се снима, нагласувајќи во повеќе наврати дека таквите аудио снимки служеле исклучиво како материјал за печатено издание на книгата.
Европа
Ја поправале канализацијата во Рим, а пронашле древна мермерна статуа

При поправка на канализацискиот систем под еден парк во Рим, пронајдена е античка римска статуа на Херакле, која, најверојатно, датира од римскиот царски период (27 пр. н.е. до 476 г. н.е.).
„Ова место ни приреди големо изненадување: мермерна статуа во природна големина. Поради палката и наметката од лавовска кожа, знаеме дека станува збор за фигура што го претставува Херакле“, објави на „Фејсбук“ археолошкиот парк „Апија антика“.
Статуата е откриена при работа на канализациски цевки, кои биле паднати предизвикувајќи лизгање на земјиштето. Работниците ископувале на длабочина од 20 метри и нивните активности, како што често се случува во Рим, биле следени од археолози, пишува „Гардијан“.
Ваквите наоди не се изненадувачки за подрачјето на Италија. Во ноември минатата година беше откриена неверојатна група бронзени статуи, кои биле зачувани во калта илјадници години. Археолозите открија 24 статуи под урнатините од кал на античка бања во Сан Касијано деи бањи, град на врвот на ридот во провинцијата Сиена.
Се проценува дека статуите се стари околу 2.300 години. Повеќето од статуите пронајдени под бањите, заедно со речиси 6.000 бронзени, сребрени и златни монети, датираат помеѓу 2 век пр. н.е. и 1 век од нашата ера.