Свет
Венс: „Украина и Русија сè уште не се подготвени, мирот е далеку од реалноста“
Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Џеј-Ди Венс, денес изјави дека Украина и Русија не се подготвени да склучат мировен договор и покрај енергичната дипломатија на американскиот претседател, Доналд Трамп.
Според него, војната меѓу Русија и Украина продолжува и покрај месеците преговори бидејќи ниедна страна не е подготвена да постигне мировен договор, пренесува „Њузмакс“.
„Енергичната дипломатија на претседателот на Соединетите Американски Држави не може да ги натера луѓето да ја преминат линијата од еден метар, на крајот на краиштата, мора да има две страни, кои се подготвени да постигнат договор. И во моментот, со сите наши напори, кои ќе продолжиме да ги преземаме, Русите и Украинците, едноставно, не се во фаза во која може да постигнат договор“, додаде Венс.
Сепак, според него, мирно решение е сè уште можно, но ќе бара многу повеќе работа.
„Мислам дека постои фундаментално несовпаѓање на очекувањата, каде што Русите имаат тенденција да мислат дека се снаоѓаат подобро на бојното поле отколку што всушност се“, забележа тој.
Според него, токму тоа го отежнува постигнувањето договор во изминатите неколку месеци, дури и покрај одреден напредок.
Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека по мировниот договор за Газа, ќе ја заврши војната во Украина. Трамп рече дека „би било добро да се склучи мировен договор со Иран“ истакнувајќи дека пред тоа е потребно да се „разговара со Русија“.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Убиен е шефот на иранската армија кој жестоко им се закани на САД пред 5 дена
Иранската државна телевизија објави дека началникот на Генералштабот на вооружените сили Абдолрахим Мусави е убиен во напади врз Иран.
Тој беше меѓу околу 30 клучни лидери на иранскиот режим и воени команданти за кои се тврди дека биле цел на вчерашните заеднички напади на САД и Израел.
Мусави беше тој што пред пет дена им се закани на САД во име на иранските власти, што е најтешката закана дотогаш.
„Ако овој пат направат грешка, ќе им нанесеме големи загуби, бидејќи нашите вооружени сили се решени да се спротивстават на силата што врши заплашување до самиот крај“, рече Мусави.
Фото: depositphotos
Свет
Израел почна широк бран напади врз Техеран, ИДФ тврди дека фрлил над 1.200 парчиња муниција
Израелската војска соопшти дека почнала широк бран напади врз цели на иранскиот режим во срцето на Техеран, во рамки на операцијата наречена „Рик на лавот“.
„Воздухопловните сили, водени од военото разузнавање почнаа широк бран напади врз цели на иранскиот терористички режим во срцето на Техеран“, се наведува во соопштението на армијата. Војската додава дека во текот на изминатиот ден биле спроведени обемни напади со цел да се обезбеди воздушна надмоќ и да се „отвори патот кон Техеран“.
Од Израелските одбранбени сили (ИДФ) информираат дека во последните 24 часа израелски борбени авиони фрлиле повеќе од 1.200 парчиња муниција врз Иран. Според ИДФ, биле погодени стотици ирански воени цели, вклучувајќи лансери на балистички ракети и системи за противвоздушна одбрана.
Во меѓувреме, трет круг сирени за тревога поради проектили се огласил на северот на Израел. Силни детонации биле слушнати и во подрачјето на Ерусалим, но засега нема информации за повредени или материјална штета.
Нови сирени се огласиле во регионот на Ерусалим, како и низ Тел Авив и други градови во централниот дел на земјата, по предупредувања за дојдовен ракетен напад од Иран.
Свет
Иран тврди дека нападнал 27 американски објекти на Блискиот Исток
Во услови на континуирана размена на ракетни напади на Блискиот Исток, Иран соопшти дека гаѓал во 27 американски воени локации во регионот. Иранската револуционерна гарда наведе дека цел биле и израелската воздухопловна база Тел Ноф, воено седиште и голем одбранбен комплекс во Тел Авив.
Според ИРГЦ, станува збор за шести „бран“ одмазднички напади во кои биле користени ракети и дронови. Гарда порача дека ќе продолжи со воените дејствија, но овие тврдења не се независно потврдени.
„Вооружените сили на Исламската Република Иран нема да дозволат да замолкнат сирените за воздушна опасност на окупираните територии и во американските бази. Ќе продолжиме со повторени и болни удари, што претставува нов и многу тежок чекор на одмазда“, се наведува во соопштението што го пренесуваат државните медиуми ИРИБ.
Фото: depositphotos

