Свет
(Видео) Американската полиција нападнала руски новинари на протестите во Портланд
Руска ТВ-екипа што ги покривала тековните протести во Портланд, Орегон, била нападната од полициските службеници што пукале врз демонстрантите, пренесува РТ.
Двајцата руски новинари биле повредени додека известувале од местото на интензивните судири пред Федералниот суд во Портланд. Руските новинари биле повредени додека снимале обид на демонстрантите да го запалат влезот во судот.
Вјачеслав Аркипов, снимател за рускиот „Канал 1“, бил удрен со пендрек и фрлен на земјата. Неговата камера била искршена од еден полицаец. Неговата колешка Јулија Олховскаја била нападната додека го снимала протестот со својот телефон. Полицаец ѝ ги зел телефонот и кацигата што ја носела и ја турнал на земјата.
Висок претставник на „Канал 1“ изјави дека двајцата новинари не се сериозно повредени во инцидентот, но штетата на нивната опрема е значајна. Говорејќи по инцидентот, Олховскаја рече дека нејзиниот снимател поминал полошо отколку таа.
„Едниот полицаец го удри во десната рака со пенрек со сета сила, а другиот ја зграпчи камерата и ја фрли на земјата“, рече таа во интервјуто.
Според нејзината приказна, полицајците излегле од судницата и носеле кафеава униформа, што укажува дека биле сојузни полицајци, а не припадници на полицијата во Портланд. И двајцата новинари ги носеле своите акредитации кога биле нападнати. Претходно во текот на ноќта, екипата била фатена во облак од солзавец, што полицајците го користеле против демонстрантите.
Протестите пред Федералниот суд во Портланд се случуваат секоја вечер повеќе од два месеца, а ескалираа во немири во повеќе наврати. Градот неодамна преживеа наплив од насилство кога администрацијата на Трамп распореди дополнителни федерални сили за спроведување на законот за да се справи со активистите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Секој Евреин што ќе гласа за Мамдани е глупав човек
Американскиот претседател Доналд Трамп ги повика Евреите во Њујорк да не гласаат за кандидатот на левото крило на Демократската партија, Зохран Мамдани, нарекувајќи го „докажан мразител на Евреите“.
„Секој Евреин што ќе гласа за Зохран Мамдани е глупaв човек!“, напиша Трамп на својата платформа Truth Social, обвинувајќи го 34-годишниот кандидат дека „ги мрази Евреите“. Мамдани, муслимански демократски социјалист роден во Уганда, е познат поддржувач на палестинската кауза и застапник на кампањата за бојкот и санкции против Израел.
Во обид да ги смири реакциите, Мамдани во последните месеци јавно се изјаснува против антисемитизмот. Тој води во анкетите со 41 отсто поддршка, пред поранешниот гувернер Ендру Куомо, кој има 34 отсто и ја има поддршката на Трамп.
Трамп претходно се закани дека ќе му ги ускрати федералните средства на Њујорк ако Мамдани победи на изборите за градоначалник.
Свет
Глобалното затоплување ќе ја надмине границата од 1,5 степени, предупредува ОН
Светот нема да го исполни климатскиот цел од ограничување на затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови, соопшти Програмата на Обединетите нации за животна средина (UNEP). Според годишниот извештај, поради недоволните мерки за намалување на емисиите на стакленички гасови, глобалната температура во следната деценија ќе ја надмине целта утврдена со Парискиот договор од 2015 година.
UNEP предупредува дека сегашните политики водат кон раст на температурите од 2,3 до 2,5 степени, што ќе биде „тешко да се преобрати“. Иако е постигнат напредок во однос на пред десет години – кога прогнозите укажуваа на пораст до четири степени – емисиите и понатаму растат, бидејќи земјите се потпираат на јаглен, нафта и гас за производство на енергија.
Овие податоци, според агенцијата, дополнително ќе го засилат притисокот пред климатскиот самит COP30, на кој државите ќе разговараат за побрзо финансирање на мерките за ублажување на глобалното затоплување.
Свет
Германија им нуди пари на Авганистанците ако се откажат од доаѓање во земјата
Германската влада им понудила финансиска надомест на Авганистанците кои имаат одобрение за прием во Германија, доколку доброволно се откажат од тоа одобрение за влез во земјата.
Според документот на Германското друштво за меѓународна соработка, понудата се однесува на околу 660 лица кои сега се во Пакистан. Поединци што ќе прифатат, ќе добијат еднократна исплата — 1500 евра во Пакистан и дополнителни 5000 евра како „помош за нов почеток“, но со тоа ќе се откажат од сите идни побарувања кон германската влада.
Министерството за внатрешни работи објаснило дека не може да гарантира навремен завршеток на програмата за прием поради административни пречки и рокови што ги поставила пакистанската влада.
Хуманитарни организации ја осудија понудата, нарекувајќи ја „лоша“ и „недоволна“. Според нив, износот не го покрива ниту дел од трошоците што бегалците веќе ги направиле, а враќањето во Авганистан би значело ризик за нивниот живот под талибанскиот режим.
Во меѓувреме, неколку авганистански семејства што поднеле тужби против германската држава успеале да добијат дозвола за влез и пристигнале во Хановер.

